/ Прочитано:

1.583

Антикорупциската комисија отвори предмет за разрешувањето на директорот на Агенцијата за планирање на просторот

Државната комисија за спречување на корупцијата, постапувајќи во согласност со член 74 од Изборниот законик, денеска одржа јавна седница на која беше разгледан поднесениот приговор од Љупчо Георгиевски од Скопје против Агенцијата за планирање на просторот во врска со член 8-а од Изборниот законик.

Георгиевски во приговорот наведува дека тој незаконски бил разрешен од функцијата директор на Агенцијата за планирање на просторот на денот на распишување на локалните избори, 6 август. Од тие причини, Георгиевски бара поништување на одлуката за негово разрешување.

Според Државната комисија за спречување на корупцијата, приговорот на Георгиевски е основан и е во согласност со членот 8, став 1, алинеја 4 од Изборниот законик. За овој случај, беше посочено на денешната седница, отворен е предмет.

„Ќе биде испратено барање до Агенцијата за планирање на просторот да биде доставена документација во врска со случајот. Агенцијата е должна до ДКСК да достави оригинални документи врз основа на кои ќе расправаат членовите, но нема законски рок до кога треба тоа да го стори“, рече претседателот на Комисијата, Игор Тантуровски.

Образложувајќи го предметот, членот на Антикорупциска комисија, Жаклина Дамчевска, нагласи дека во врска со случајот треба да се земе предвид и законитоста на именувањето на новото раководно лице на оваа Агенција. Од приложените писмени докази, посочи Дамчевска, јасно е дека одлуката е донесена во период на изборен режим.

„Во согласност со дадената формулација во законот, тој период го опфаќа и денот на донесување на решението за распишување на избори, во конкретниот случај 6.8.2017 година“, рече Дамчевска. Последователно на тоа е дека именувањето на новото раководно лице од страна на Управниот одбор би се случило по тој ден што исто така е незаконито. За тоа прашање, нашата комисија е исто така надлежна и не смее да се оглуши“, рече Дамчевска.

М.В