/ Прочитано:

1.828

АПЕЛАЦИЈА ПОТВРДИ: Условна казна за градоначалникот на Чучер Сандево за претепување на сограѓанин

Вторник, 11 ноември 2014 – Апелациониот суд Скопје ја потврди условната казна за градоначалникот на Чучер Сандево Јован Пејковски и за уште две лица вработени во оваа Општина за претепување на сограѓанин.  

Основниот суд Скопје 1 во мај годинава им изрече на Пејковски и на другите двајца опфатени со тужбата, казна затвор од по три месеци која нема да се изврши доколку во период од една година не го повторат делото. Жалбата на обвинетите, Апелација ја одби како неоснована.

„Советот на овој Суд го ценеше жалбениот навод за сторена суштествена повреда на одредбите од Кривичната постапка од чл. 381 ст.1 т.11 од ЗКП, меѓутоа не го прифати како основан, со оглед да обжалената пресуда не содржи такви недостатоци поради кои не би можела да се испита во однос на нејзината правилност и законитост, изреката на пресудата е јасна и разбирлива, непротивречна со содржината на изведените докази во текот на кривичната постапка, а во образложението се содржани доволно причини за утврдените факти за завземените правни ставови на Судот.

Неосновани се жалбените наводи за погрешно и нецелосно утвредна фактичка состојба. По мислењето на овој Суд од изведените докази во текот на постапката, како материјални, така и вербални, како и нивна совесна анализа и оценка согласно чл. 14 и чл. 365 од ЗКП, првостепениот Суд правилно и целосно ја утврдил фактичката состојба“, се вели во пресудата на Апелациониот суд Скопје.

Според тужителот, Сашо Каравочевиќ, до овој немил настан дошло бидејќи тој не гласал на локалните избори 2013 за Пејковски. Според Каравочевиќ, од овие причини обвинетите му нанеле повреди и тоа во вид на нагмечувачка повреда на главата, укасатина на лицето и нагмечување на слабината. Градоначалникот во текот на постапката, меѓудругото, негираше дека го гризнал Каравочевиќ. Обвинетите во своја одбрана тврдеа дека тој се појавил во канцеларијата на градоначалникот  и им се обраќал со пцовки и погрдни зборови, по што Пејковски само го плукнал в лице, но во судница сведочеше лекар кој го потврди постоењето на повредите кај Каравочевиќ.

„Задоволни сме од правилната одлука на Основниот суд Скопје 1, како и од одлуката на Апелација. По добивање клаузула на правосилност ќе пристапиме кон поднесување на тужба за надомест на штета во граѓанска постапка“, вели за АКАДЕМИК Јанаки Митровски, адвокат на тужителот.

Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk