/ Прочитано:

957

АПЕЛАЦИЈА: Судот, при повторното судење за „Ровер“, не постапил во целост по упатствата

Петок, 7 август 2015 – Судот, при повторното судење за „Ровер“, не постапил во целост по дадените упатства, не ги отстранил констатираните повреди и не ги утврдил решителните факти во повторената првостепена постапка, оценил Апелациониот суд Скопје во Решението за укинување на пресуда за случајот „Ровер“, за кој неодамна беше соопштено дека по трет пат се враќа во првостепена постапка.

Основниот  суд Скопје 1 – Скопје во текот на вчерашниот ден го примил Решението на Апелациониот суд Скопје во врска со предметот „Ровер“, со кое по втор пат се укинува првостепената одлука и предметот се враќа на повторно судење пред првостепениот суд.

„Второстепениот суд ги разгледал жалбените наводи на обвинетите и нивните бранители, како и на Основното јавно обвинителство Скопје, за сторена суштествена повреда и оценил дека наводите се основани со оглед дека обжалената пресуда содржела такви недостатоци поради кои не може во целост да се испита, во однос на нејзината правосилност и законитост, изречената пресуда не била доволна јасна и разбирлива, а во образложението не биле содржани доволни причини за решителните факти што второстепениот суд смета дека се од битно влијание за законито одлучување  во конкретниот кривичен правен настан во врска со предметното кривично дело и со кривичната одговорност од страна на обвинетите.

Постапувајќи по повторената постапка во предметот, кој бил укинат со решение на Апелациониот суд, второстепениот суд дал упатства што требал да ги преземе првостепениот суд при повторното постапување, меѓутоа Апелациониот суд во Решението наведува дека судот при повторното судење не постапил во целост по дадените упатства, не ги отстранил констатираните повреди и не ги утврдил решителните факти во повторената првостепена постапка“, се вели во соопштението на Основниот суд Скопје 1.

Со обвинението за случајот „Ровер“ десетмина обвинети, меѓу кои ексминистерот за внтарешни работи Љубе Бошкоски,  се товарат за убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев, кое се случи во 2001 година.

 Со втората пресуда на Основниот суд Скопје 1, Бошкоски, кој се товари за помагање убиство,  беше осуден на десет и пол години казна затвор. Судскиот совет, овој пат, кај обвинетите за помагање убиство не утврди умисла за убиство на Киро Јанев, туку само на Марјан Тушевски. Покрај Бошкоски и останатите обвинети беа ослободени од обвинението за убиството на Јанев.

Највисоки казни, доживотен затвор, повторно беа пресудени за тројцата првообвинети Предраг Чубрило, Милан Илиќ и Милорад Ковачевиќ, кои сè уште се недостапни за судот. Вук Вукичевиќ, кој исто така е недостапен, беше осуден на 15-годишна казна затвор. 

>> „РОВЕР“: Апелација повторно ја укина првостепената пресуда — обвинетите ослободени од притвор

>> „Ровер“