/ Прочитано:

7.318

АПЕЛАЦИЈА: Две години затвор за Бучковски и за Стамболиски

Вторник, 2 септември 2014 – Апелациониот суд во Скопје им ја намали за една година затворската казна на поранешниот министер за одбрана Владо Бучковски и на ексначалникот на Генералштабот на АРМ, Методи Стамболиски кои за злоупотреба со тенковски делови, од првостепениот суд беа осудени на три години затвор. 

Апелација ја преиначи одлуката и во однос на Ацо Ѓурчевски, поранешниот државен советник во Министерството за одбрана и на Нелко Менкиновски. Па така, наместо затворски, им се изречени условни казни.

„На обвинетите им се изрекува алтернативна мерка – условна осуда во која за секој од нив пооделно се утврдува казна затвор во траење од по една година која нема да се изврши доколку тие во време од 3 години по правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело“, соопшти судот.

На директорот на МЗТ ФОБ Митре Петковски му изречена затворска казна во траење од 2 години, во која казна му се засметува и времето поминато во притвор.

Првостепениот суд претходно на обвинетите во случајот „Тенковски делови“ им изрече вкупна затворска казна од 13 години. Според обвинението, Бучковски, Стамболиски, Менкиновски, Ѓурчевски и Петковски ја злоупотребиле службената положба при набавките на резервни делови на армиските тенкови „Т55“ и го оштетиле буџетот за над 2 милиона евра. По објавување на пресудата, Бучковски, кој за истото дело во 2008 година беше осуден на 3,5 години затвор, по што случајот беше вратен на повторно судење, е со реакција дека станува збор за скандалозна одлука.

Е. П.