/ Прочитано:

1.505

Апелациониот суд му го укина куќниот притвор на Талески

Како што информираат од Кривичниот суд, против осомничениот се определува мерка на претпазливост – обврска да се јавува секој работен понеделник и секој работен петок кај овластено службено лице во Основниот суд во Битола.

Владимир Талески, градоначалник на Општина Битола во Апелациониот суд

Апелациониот суд Скопје попладнево достави решение со кое се уважува жалбата на градоначалникот на Општина Битола, Владимир Талески, кој е дел од предметот на Специјалното јавно обвинителство „Транспортер“, а решението на Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје се преиначува и со тоа се укинува мерката куќен притвор.

Како што информираат од Кривичниот суд, против осомничениот се определува мерка на претпазливост – обврска да се јавува секој работен понеделник и секој работен петок кај овластено службено лице во Основниот суд во Битола.

Во петокот СЈО поднесе ново барање за продолжување на куќниот притвор на Талески.

На битолскиот градоначалник му беше одреден куќен притвор на 16 јуни, а потоа му беше продолжен на 21 јули и на 19 август по барање на СЈО.

Талески е осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување поради незаконско организирање на училишниот превоз во Битола.

М. С.