/ Прочитано:

2.654

Апостолова: Универзитетот МИТ продолжува со работа

Заврши претресот на Универзитетот МИТ. Студентите се на редовна настава, а професорите се на своите работни места.

Апостолова МИТ

Универзитетот МИТ продолжува со редовната работа. Студентите се на предавања, а на работа се присутни и сите професори и асистентите. Сите згради на универзитетскиот кампус се во функција, за што денеска лично уверува сопственичката на МИТ, Билјана Апостолова.

Од универзитетската зграда во комплексот „Сити галери“, Апостолова на новинарите им појасни дека налогот со кој бил извршен претресот во просториите на МИТ, во нејзиниот дом и во домот на нејзините родители, се однесувал на постоење на сомневање за злоупотреба на службената положба и овластување.

„Во мојот дом бараа пари, направија детален претрес, буквално, на сè што имам, дури и на кутиите за чевли, но пари не најдоа. Јас знам дека предистражната постапка е тајна, но во медиумите излегоа детали од тоа што било пронајдено кај моите родители. Нема да наведувам што беше одземено, но тие информации се само делумно точни“, вели Апостолова.

Обвинителството треба да покаже дали има докази дека јас, како директор и менаџер на институцијата, сум направила некаква злоупотреба, додава Апостолова.

ОЈО Скопје го започна претресот на МИТ уште во текот на вчерашниот ден. Со судска наредба, Обвинителството прибра релевантни докази од Универзитетот во врска со истражната постапка што ја води.

Во соопштение објавено на веб-страницата на Универзитетот МИТ беше наведено:

„И покрај тортурата што на  5 октомври 2016 се изврши врз Универзитетот и растревожувањето на нашите студенти и на наставниот кадар, Универзитетот МИТ од 6 октомври 2016 продолжува со тековните активности. Се известуваат сите студенти дека наставата ќе се одвива во регуларен тек. Бруцошите ќе следат обука за електронскиот систем, која ќе се одвива во објектот „Сити галери“ на плоштадот Македонија, во претходно закажаните термини.“

Универзитетот МИТ како високообразовна институција е формиран во 2007 година, во чиј состав спаѓаат Факултетот за менаџмент и Факултетот за информатички технологии.

М. С.