/ Прочитано:

2.791

АРЧИБАЛД КОКС, специјален обвинител за аферата „Вотергејт“, адвокат и поборник за етичка влада

Адвокат, правник, човек со изграден интегритет и жесток поборник за владеењето на правото се описите за специјалниот обвинител за аферата „Вотергејт“, Арчибалд Кокс, во американската правна историја. „Аргументите искажани од него имаа срце“, велат неговите современици за неговиот работен век како адвокат, чиј несомнен квалитет на работа ќе биде заслужен за неговиот понатамошен работен век како универзитетски професор по право на Универзитетот Харвард. По аферата „Вотергјет“, неговата максима како професор ќе биде силен концепт на владеењето на правото и етичка влада во интерес на јавното добро и граѓаните.

Аричибалд Кокс е американски правник, адвокат и универзитетски професор, опишан од американските историчари и негови современици како професионалец со изграден човечки и правнички интегритет, квалитет кој, како што се опишува во неговата лична историја на Универзитетот Колумбија, ќе биде пресуден за неговото назначување за специјален обвинител за аферата „Вотергејт“.

Кокс зазема значајно место во американската правна историја како адвокат и професор и со своите активности во делот на трудовото право, граѓанското право и човековите права, како и во улогата на судството во американскиот правен систем.

Кокс е роден 1912 година во Њу Џерси, во семејство на познати правници и адвокати. Како што пишуваат американските историчари, Кокс уште од најмала возраст го повела максимата за правото како служба на јавниот интерес во функција на заштитата на човековите права. Дипломирал на Харвард, импресионирајќи ги своите професори и ментори со својот изграден талент за правните науки, особено кон концептот за владеењето на правото.

Препораките од неговите професори и исклучителното познавање на правото го однеле во врвната бостонска адвокатска фирма„Роупс, Греј, Бест, Кулиџ и Раг“ пред да земе учество во јавниот сектор за време на Втората светска војна. За време на практикувањето на адвокатурата, Кокс особено се посветил на прашањата од трудовото право.

Несомнениот квалитет на младиот адвокат и неговото универзитетско портфолио биле причина што добил покана да се врати на Универзитетот Харвард, но овој пат од другата страна на катедрата – како професор. Почнувајќи од 1946 година, Кокс предавал на Харварад во следните три декади, посветувајќи се на научна елаборација на прашањата од трудовото и уставното право. Познатиот американски професор бил ангажиран и во низа советодавни улоги за американската влада и за сенаторите. Во тој контекст, значајна е неговата улога во подготовка на трудовото законодавство за време на администрацијата на Кенеди. Исто така, Кокс бил ангажиран и од Министерството за правда, застапувајќи го пред Американскиот врховен суд. Дал голем придонес и во подготовка  на Актот за граѓанските права од 1964 година.

Биографите на Кокс го опишуваат како човек кој истовремено бил и идеалист и реалист, нешто што им давало посебна сила на неговата правна логика и на изразувањето на аргументите пред судовите.

„Аргументите искажани од него имаа срце, беа исполнети со животни стории на реални луѓе“, се наведува во неговата биографија на Универзитетот Колумбија.

Во 1965 година Кос се враќа на Харвард, но неколку години подоцна е повикан во Вашингтон да биде назначен за специјален обвинител за аферата „Вотергејт“. „Вотергејт“ е политички скандал во САД од 1972 до 1973 што настанал со откривањето на уреди за прислушување во изборниот штаб на соперничката Демократска партија во комплексот „Вотергејт“ во Вашингтон. Прислушувањето го организирале приврзаниците на Републиканската партија со знаење на најодговорните луѓе во партијата. Откривањето на тој случај довело до оставка на претседателот на САД, републиканецот Ричард Никсон, на 9 август 1974.

Во рамките на овој процес, специјалниот обвинител Кокс извршил силен притисок врз претседателот Никсон да ги предаде снимките со прислушуваните разговори, комплетни и нецензурирани, што довело и до расплет на настаните поврзани со аферата.

За својот ангажман како специјален обвинител за аферата Вотергејт, Кокс ќе рече:

„Една од важните лекции од Вотергејт беше дека сѐ додека владата не им верува на луѓето и не се однесува чесно, луѓето нема да ѝ веруваат на владата“

По заокружувањето на својата должност како специјален обвинител, Кокс се враќа на Харвард во 1984 година, но тој не се посветува само на едукацијата на студентите, на кои постојано им ја посочува етиката како иманентен дел за правото и за доброто владеење, туку е мошне активен и во лобирањето и во невладиниот сектор, акцентирајќи ја каузата за етичка влада, правдата, владеењето на правото и чувството за заедничкото и јавното добро.

За време на својот творечки век како професор, Арчибалд Кокс е автор е на бројни и познати дела посветени на прашања за слободата на изразување, прашања за судството и Уставот, потоа за трудовото право и граѓанските права. Неговиот животен век згаснува во 2004 година, во време кога сѐуште активно бил вклучен во изградбата на, како што опишуваат американските правни историчари, подобар правен свет.

М.В / veljanoskim@akademik.mk