/ Прочитано:

2.419

АРХИВИСТИЧКИ АДВОКАТСКИ ДИЛЕМИ: „Казни за адвокатските канцеларии нема да има, но ќе има измени во Законот за архивски материјал“ – Зоран Трајковски, Државен aрхив на Република Македонија

Адвокатските друштва и канцеларии што не ја доставиле потребната документација до Државниот архив на Република Македонија нема да бидат казнети, вели за Академик Зоран Трајковски, помошник-раководител на Секторот за надворешна служба од Државниот архив на Република Македонија, кој најавува и измени на Законот за архивски материјал во однос на прецизирањето на обврските за адвокатските канцеларии.

Конфузија околу толкувањето на Законот за архивски материјал

„Во јавноста настана извесна конфузија околу примената на прописите од областа на архивистиката и обврските на адвокатските друштва за доставување на потребната документација до Државниот архив кои произлегуваат од тие прописи. Оваа практика си постои години наназад, но треба да се истакне дека овој пат се појавија дилеми околу толкувањата кој треба да поднесе документација, дали и самостојните адвокати или само адвокатските друштва. Одговорот е дека тоа е обврска само на адвокатските друштва, значи тоа се и адвокатските канцеларии што имаат повеќе вработени“, вели Зоран Трајковски.

Тој прецизира дека само адвокатските друштва, во согласност со законските прописи, се обврзани да достават план на архивски знаци и листа на категории до Државниот архив на Република Македонија.

Самостојните адвокати не подлежат на оваа законска обврска

„Меѓутоа, нагласувам дека самостојните адвокати не подлежат на оваа законска обврска“, дополнува Трајковски.

Како што појаснува, секое адвокатско друштво самостојно изготвува план на архивски знаци, а Адвокатската комора си доставува посебен, свој план на архивски знаци.

„Значи обврската е индивидуализирана конкретно за секоја адвокатска канцеларија, а не, како што имаше и некои дезинформации во јавноста, дека Адвокатска комора поднесува кумулативно за секој од нив“, вели Трајковски.

После решението – само известување

„Ако биде добра поднесената документација од адвокатските канцеларии, односно друштва, во тој случај ние ќе издадеме решение за нивна примена. Тука треба да се потенцира дека наредната година, откако е издадено тоа решение, адвокатските друштва треба да поднесат само известување дека ќе ги користат истите планови на архивски знаци и листи на категории. Кога велам дека треба да биде добра документацијата, мислам на тоа дека адвокатските друштва се обврзани да ја достават онаа документација којашто се создава во работењето на адвокатското друштво, поточно комплетноста на документацијата во согласност со Законот за архивски материјал и подзаконските акти.“

Трајковски најавува дека ќе има измени на Законот за архивскиот материјал токму поради причините кои, како што вели, внесле конфузија во јавноста, па и во адвокатската фела.

Неминовни се законски измени

„Ќе има измена на Законот за архивски материјал и точно ќе се прецизираат обврските на имателите, меѓу кои и на адвокатските друштва. Морам да признаам дека грешка имаме и ние како институција за создавањето на конфузијата и затоа дојдовме до заклучок дека е потребно да има законски измени со кои ќе се прецизираат обврските на адвокатските друштва за да не се создадат конфузии и различни толкувања повторно.“

Трајковски категорично уверува дека нема да има казни за адвокатските канцеларии што не ја доставиле документацијата. Потребно е да се „рестартира“ процесот, подвлекува тој.

Нема да има казни за адвокатските канцеларии

„Казни нема да има за оние адвокатски канцеларии што не ја доставиле документацијата и затоа една од идеите на измените на Законот е практично да се направи „рестартирање“ на оваа практика и на овие обврски и да се започне со примената на јасни законски решенија“, најавува Трајковски.

Апсурдно е фризерници да доставуваат план на архивски знаци

Покрај прецизирањето на обрските на адвокатските канцеларии, како што објаснува Трајковски, во новото законско решение изземени ќе бидат занаетчиите што е и причина плус за законските измени.

„Во законските измени ќе бидат изземени и занаетчиите. Еснафот и Занаетчиската комора веќе дадоа сугестии и тоа е уште една причина да се смени Законот за архивски материјал. Нема никаква логика, на пример, една фризерница да има таква обврска“, заклучува Зоран Трајковски од Државниот архив на Република Македонија.

М.В/ veljanoskim@akademik.mk

22.12 2014