/ Прочитано:

1.058

Арнаудовска: Правосудството мора да ги исчисти своите редови од корумпирани судии и обвинители

Петок, 11 јули 2014 – Судии, обвинители и адвокати од Република Македонија, како и гости – предавачи од САД учествуваат во работата на дводневната конференција што се одржува во Охрид, посветена на борбата против корупцијата и јакнењето на превентивните механизми за справување со корупцијата во правосудството, како општествено зло што ги поткопува демократијата и владеењето на правото.

Анета Арнаудова, директорот на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, во обраќањето пред учесниците на конференцијата истакна дека корупцијата во судството сосема ја поткопува довербата на јавноста и граѓаните во владеењето на правото, оттаму што доколку оние кои треба да се борат против корупцијата се и самите корумпирани ја прават борбата против неа бесполезна.

 Таа потсети на препораките на Групата на земјите за борба против корупцијата (ГРЕКО), кои повлекуваат уставни измени во Република Македонија, насочени кон унапредување на независноста на судството, како измените во правец на исклучување на членовите во советот по функција, зголемување на бројот судуи избрани на непосредни избори, воведувањето судска ревизија на одлукитена судскиот совет и тоа за избор, унапредување и разрешување, а кои даваат поголеми гаранции за објективноста на изборот како превенција од политичка корупција, ревидирање и зајакнување на гаранциите за судиите во постапката за разрешување итн.

„Правосудството мора да ги исчисти своите редови од корумпирани судии и јавни обвинители. Сами да ги детектираме ризиците за корупција во правосудството и преку саморегулатива како етички кодекси, механизми за следење на почитувањето на кодексите, санкционирање за непочитувачите, судирот на интереси, пријавување на имот, непримерни врски со адвокати, бизнис заедницата и слично и на тој да се справуваме со предизвиците“, изјави Араудовска.

На собирот во Охрид учествуваат и американски судии и обвинители, кои во својство на предавачи ќе зборуваат за начините како се почитуваат етичките кодекси во САД, како и претседателот на ГРЕКО, Марин Мрчела.

Конференцијата во Охрид се одржува во соработка со Амбасадата на САД во Македонија, Програмата ИНЛ и Државната комисија за спречување на корупцијата.