/ Прочитано:

1.288

Австралиската јавност со остри критики за рекламниот спот против истополовите бракови

Во текот на септември и октомври, во Австралија ќе се одржи гласање кое нема да биде обврзувачко за граѓаните, но ќе има за цел да ја стави на тест нивната поддршка во однос на измените на Законот за брак со кои ќе се легализираат истополовите бракови. Во меѓувреме, реклама што ги повикува Австралијците да гласаат против легализација на истополовите бракови наиде на остри критики од страна на јавноста поради поврзување на дебатата со образованието кое се однесува на родовите прашања во училиштата.

Реклама што ги повикува Австралијците да гласаат против легализација на истополовите бракови наиде на остри критики од страна на јавноста поради поврзување на дебатата со образованието кое се однесува на родовите прашања во училиштата.

Во текот на септември и октомври, во Австралија ќе се одржи гласање кое нема да биде обврзувачко за граѓаните, но ќе има за цел да ја стави на тест нивната поддршка во однос на измените на Законот за брак со кои ќе се легализираат истополовите бракови.

Кампањата насловена „Не“ ја објави својата прва реклама, која сама по себе предизвика интензивна дискусија.

Инаку рекламата трае 30 секунди, а е платена од страна на лоби-групата „Коалиција за брак“. За содржината на рекламниот спот, во кој три жени загрижено разговараат за сексуалното образование во училиштата, критичарите појаснуваат  дека дебатата неоправдано се поврзува со училишните образовни програми. Од своја страна, пак, истакнати личности се ставиле во одбрана на критичкиот однос на јавноста кон рекламниот спот.

Содржината на рекламата е следна: Една од трите соговорнички вели: „Училиштето му кажа на син ми дека може да носи фустан наредната година, ако така се чувствува“. Друга вели: „Кога истополовите бракови стануваат легални на другите континенти, ваквата програма станува широко распространета и задолжителна“.

Рекламата завршува со пораката: „Во земјите каде што е дозволен хомосексуалниот брак, родителите го изгубија правото на избор“. Докази за тврдењата во рекламата не се приложени.

Лобистите за истополов брак ја критикуваат рекламата бидејќи наведува на неосновани размислувања и е сосема ирелевантна за кампањата.

Портпаролот на лоби-групата „Кампања за еднаквост“ за Би-Би-Си вели:

„Знаат дека мнозинството Австралијци ја поддржуваат еднаквоста, па се обидуваат да го одвлечат вниманието на јавноста со нечесни тврдења“.

Според лидерот на опозицијата, Бил Шортен, рекламниот спот е навредлив и штетен како за самата ЛГБТ-заедница во Австралија, така и за нивните семејства.

„Ова не е слобода на говор. Ова е слобода да се повредува“, истакнува Шортен за британскиот сервис.

Министерот за образование, Сајмон Бирмингем, вели дека дебатата е едноставна и дека не смее погрешно да се толкува.

„Смешно е да се сугерира дека со дозволување на истополовите двојки да стапат во брак, ќе се предизвика некој нов бран во образовната настава во училиштата низ целата земја”, истакнува Бирмингем.

Доколку не постојат какви било законски ограничувања, необврзувачкото гласање за измените на Законот за брак ќе се одвива помеѓу 12 септември и 27 октомври. Резултатите треба да бидат објавени на 15 ноември.

Ако гласањето покаже поддршка на Австралијците за легализирање на истополовите бракови, измените на овој закон ќе се најдат пред народните претставници во Парламентот. Инаку неодамнешните анкети, вклучувајќи и една од овој месец, укажаа на тоа дека мнозинството Австралијци ги поддржуваат измените на Законот за брак.

А. Б.