/ Прочитано:

2.795

Од Цицерон до Бернската конвенција: Авторското право е симбол и заштитник на човековата креативност и интелект

Историските корени на авторското право се пронаоѓаат уште во антиката каде постоела извесна ориентираност и правна свест кон интелектуалната креација, за што потврдуваат и сведоштвата на Сенека и Цицерон за конкретно, но скромно постоење и почитување на правата на авторот, каде сепак акцентот посилно бил ставен врз правото на сопственост на делото.

Клучен период во развојот на авторските права е 15-тиот век со пронаоѓањето на печатарската преса. Печатењето било скапо, па издавачите барале начин да се заштитат од конкуренцијата и тоа всушност е почетокот на зајакнувањето на свеста за самите авторски права.

Со развојот на свеста се променува и пристапот кон регулирањето на авторските права, па во 18 век веќе се појавуваат и првите законски прописи, каков што е примерот во Англија, Данска, Белгија, Франција, САД. Тоа е периодот на зачетокот на објективното авторско право, што во подоцнежниот период кулминира во совремниот след на меѓународно-правна регулација и интегрирани правни норми.

Се чини дека свеста за авторското право и во денешно време се рефлектира низ параметрите на цивилизацискиот развој. Според професорот по авторско право и интелекуална сопственост, д-р Валентин Пепељуговски, свеста за авторското право во развиените земји е иманентна и претставува столб на носечките економии и индустрии како што се американската, германската, па и кинеската.

„Тие постулати се засновани на максимата дека развојот на една цивилизација може да се мери по степенот на заштита на авторските права“, вели професорот, кој потенцира дека заштитата на човековиот интелект е императив и во денешно време, каде се препознаваат вредностите на авторското право и степенот на правната заштита.

Тргнувајќи од римските максими за правно-општствени вредности и наследени културолошки традиции, следствено и самиот термин/институт „автор“ потекнува од латинскиот збор auctor, што во класичниот латински јазик значи создавач, творец, основач. Авторското право апликативно се однесува на уметничките креации, односно на делата кои, по правило и вообичаено, се оригинални интелектуални креации во литературата, науката и уметноста.

Секако, овие дела се заштитуваат со законски прописи и во нив практично се категоризираа нивниот опис, дефиниции,  поделби и граѓанско правна заштита, но треба да се напомене и обичајно-правната компонента на нивната нормативна физиономија.

Во Република Македонија авторските и сродните права се регулирани со Законот за авторското право и сродните права. Со овој закон се уредуваат правото на авторите над своите авторски дела, правата на уметниците – изведувачи, на произведувачите на фонограми, на произведувачите на видеограми, на радио-телевизиските организации, на издавачите и на изготвувачите на бази на податоци над своите предмети на сродни прва, остварувањето и заштитата на авторското право и сродните права и важењето на законот.

Што е авторско право, а што авторско дело?

Авторското право е самостојно право и независно од сопственичкото право или други права над предмети/ствари во кои е содржано авторско дело, доколку со закон поинаку не е определено.

Авторско дело, во смисла на овој закон, е интелектуална и индивидуална творба од областа на книжевноста, науката и уметноста, изразена на кој било начин и форма. Поаѓајќи од категоризацијата на авторски дела од член 2 став 1 од  Бернската конвенција, македонскиот законодавец ја стипулира категоризација според која за авторско дело се смета особено:

а) пишано дело (книга, напис, статија, прирачник, брошура, расправа и други дела од иста природа)

6) компјутерска програма, како пишано дело

в) говорно дело (предавање, говор, беседа и други дела од иста природа)

г) музичко дело, со или без текст

д) драмско, драмско-музичко, кореографско и пантомимичарско дело

ѓ) фотографско дело и дело создадено во постапка слична на фотографската

е) аудиовизуелно дело (кинематографско и друго дело изразено со подвижни слики)

ж) дела на ликовната уметност (слика, цртеж, графика, скулптура и друго)

з) дела од архитектурата

ѕ) дела од применетата уметност и дизајнот и

и) картографско дело, план, скица, технички цртеж, проект, табела, пластично дело и друго дело со ист или сличен карактер од областа на географијата, топографијата, архитектурата и науката.

Како авторско дело се смета и преработка на авторско дело, доколку ги исполнува условите определени со овој закон.

Како авторско дело се смета и збирка на авторски дела, на дела од народното творештво, на податоци или на други материјали, коишто според изборот и распоредот на составните делови претставуваат индивидуална и интелектуална творба, како што се: енциклопедија, антологија, зборник, музичка збирка, збирка на фотографии, мапи, изложба, поставка, збирка на документи и други збирки.

Исто така, Базата на податоци е авторско дело. База на податоци е збирка на податоци, доколку е подредена по определен систем или метод, кон чии елементи може да се пристапува индивидуално преку електронски или други средства.

Авторското право над базата на податоци не се однесува на компјутерските програми што се користени за изработка или работа на базата на податоци со електронски пристап.

Незаштитени творби не се сметаат за како авторско дело

Како авторско дело, согласно позитивното законодавство, не се сметаат:

1) идеите, теориите, концептите, методологиите на работа или математичките концепти, независно од начинот на објаснувањата или изразувањата

2) службените текстови од политичка, законодавна, административна и судска природа и нивните службени преводи

3) дневните и други вести кои имаат карактер на обични – медиумски информации, едноставни факти и податоци и

4) идеите и концепциите што претставуваат основа за кој било елемент на компјутерска програма, вклучувајќи ги деловите од програмата што овозможуваат поврзување и интеракција меѓу елементите на програмската и машинската опрема (интерфејси).

Што е автор?

Автор, во смисла на овој закон, е физичко лице кое го создало авторското дело и на авторот му припаѓа авторското право над неговото авторско дело со самото создавање на делото.

Презумција на авторство

Како автор се смета лице чие име, псевдоним, код или друг знак, на вообичаен начин е означен на делото, односно неговите примероци или е наведен при објавувањето на делото, додека не се докаже спротивното, во согласност со овој закон.

Во случај кога авторот не е познат, авторското право го остварува лицето кое законски го објавило авторското дело.

Авторот, односно носителот на сродно право, има право на правичен надомест за секој вид користење на авторското дело, односно предметот на сродно право.

Што се коавтори?

Авторското право на дело создадено во соработка на две или повеќе лица, им припаѓа на сите тие лица (коавтори).

Кога делото создадено од коавтори се состои од самостојни делови (делива целина), секој од коавторите може да дозволи самостојно користење на својот дел, под услов таквото користење да не биде на штета на користењето на заедничкото дело, односно на правата на другите коавтори.

Уделот на одделни коавтори во надоместокот остварен од користењето на делото се определува сразмерно на вистинскиот придонес што секој од нив го имал при создавањето на делото, доколку меѓу коавторите поинаку не е договорено.

Колективно остварување на авторски права

Од практични причини, со колективното остварување на авторско право и сродни права, здруженијата за колективно остварување дејствуваат во интерес и во име на носителите права.

Здруженијата за колективно остварување најчесто се грижат за следново:

Правото на јавно изведување (музика која се изведува во ресторани, дискотеки и други јавни места)

• Правото на радиодифузно емитување (изведби во живо и снимени изведби на радио и телевизија)

• Првата за механичката репродукција на музички дела (репродукцијата на дела на ЦД-а, винил плочи, мини дискови и други форми на снимање)

• Изведувачките права на драмски дела (театарски претстави)

• Правото на репрографска репродукција на книжевни и музички дела (фотокопирање)

• Сродните права (правото на изведувачите и продуцентите на фонограми да добијат надомест за емитување или јавно соопштување на фонограми).

Содржина на авторското право

Авторското право е единствено право и е неразделно од авторското дело.

Авторското право содржи исклучиви морални права, исклучиви материјални права и други права, определени со овој закон.

Какви права има авторот?

  • Право на признавање на авторството

Авторот има право на признавање на своето авторство над делото.

Авторот има право неговото име, псевдоним или друга ознака, да биде назначена на секој примерок од делото, односно да биде наведена при секое јавно користење на делото, освен доколку авторот, во пишана форма, изрично не изјави дека не сака неговото авторство да биде наведено или доколку при користењето тоа е технички невозможно или несообразно.

  • Право на прво објавување

Авторот има право на прво објавување на своето авторско дело и на определување на условите за неговото објавување.

До првото објавување на авторското дело, само авторот има право јавно да ја изнесува содржината или описот на своето дело.

  • Материјални права

Материјалните права ги штитат имотните интереси на авторот од неговото авторско дело.

Авторот има исклучиво право да дозволи или забрани користење на неговото дело, или негови примероци од други лица, освен во случаи определени со закон.

Видови на материјални права

Авторот при користењето на авторското дело, или неговите примероци ги има следниве исклучиви материјални права:  право на умножување на делото, право на пуштање во промет на делото, право на јавно соопштување на делото и  право на преработување на делото.

  • Морални права

Моралните права го штитат авторот по однос на неговата индивидуална и интелектуална врска со делото. Авторот има исклучиво морално право: да одлучи дали, кога и како ќе биде прв пат објавено неговото дело; на признавање на авторството на своето дело; да одлучи дали при објавувањето на делото ќе се наведе неговото авторство и со каква ознака; да бара при секое користење на делото на вообичаен начин да биде наведено неговото име, псевдоним или друга ознака;на сочувување на целината на делото и да се спротивстави на секакво деформирање, сакатење или менување на неговото дело, односно да се спротивстави на секое користење на делото што може да и наштети на неговата личност, чест и углед; да го измени делото, доколку со тоа не се нарушуваат правата стекнати од други лица и да го откаже правото на носителот на негово материјално право, согласно со закон.

Други права на авторот се: правото на пристап и на предавање, правото на следство (право на надоместок од препродажба) правото на следство на оригинално уметничко дело, правото на следство на ракопис, правото на информации, правото на надоместок од умножување за приватно користење, правото на надоместок, право на надоместок од изнајмување, правото на надоместок од послуга и правото на надоместок.

Исклучоци и ограничувања

Авторско дело може да се користи без дозвола на авторот со или без надоместок, само доколку делото е објавено.

Користењето може да се врши само во посебни случаи, доколку не е во судир со нормалното користење на делото и доколку неразумно не ги повредува легитимните интереси на авторот.

Траење на авторското право

Материјалните права траат за време на авторовиот живот и 70 години по неговата смрт, доколку со закон поинаку не е определено. Моралните права траат во различни рокови.

Пренесување на материјални права

Авторот може да пренесе на други лица одделни материјални права, на начин и под услови определени со закон.

Што се сродни права?

Предмети на сродни права се изведбите на уметниците – изведувачи, фонограмите на произведувачите на фонограми, видеограмите на филмските продуценти, програмите на радио-телевизиските организации, изданијата на издавачите и базите на податоци на нивните изготвувачи.

Заштита на авторските и сродните права права

Авторското право и сродните права уживаат кривична, граѓанска и прекршочна заштита.

Кривичната заштита на авторското право и сродните права се остварува според одредбите на Кривичниот законик и прописите за кривична постапка.

Граѓанската заштита на авторското право и сродните права се остварува според прописите за парничната постапка, за обезбедување побарувања, за облигационите односи и Законот за авторското право и сродните права.

Прекршочната заштита на авторското право и сродните права се остварува според прописите за прекршоци на Законот за авторски и други сродни права.

Заштитата на авторското право и сродните права ја вклучува и заштитата на технолошките мерки од повреда на правата.

На постапките по барање за времени мерки, при увоз, извоз или повторен извоз авторско дело, предмет на сродно право или нивни примерок, се применуваат прописите за царински мерки за заштита на правата од интелектуалната сопственост.

Постапување по барањето за заштита на правата

Лице чие право  е повредено, кога постои оправдано сомневање дека ќе му биде повредено правото и кога се заканува вистинска закана од повреда на правата, доколку со овој закон поинаку не е определено, има право да поднесе барање за:

1) заштита на правото и 2) времени и други мерки, доколку со закон поинаку не е определено.

Во таа смисла, правото на заштита  ги содржи следниве барања за: а) престанок на дејствието на повреда б) надоместок на материјална штета в) надоместок на нематеријална штета г) зголемен надоместок д) означување на авторот ѓ) враќање на користите стекнати од недозволеното користење е) отстранување од промет на предметите од повредата на правото и ж) објавување судската пресуда.

Престанок на дејствието на повреда

Лицето – тужител може да побара од тужениот прекин на дејствието со кое се повредува право, како и/или забрана на такво или слично дејствие во иднина.

Надоместок на материјална штета

Доколку со повреда на право  е сторена материјална штета, лицето чие право е повредено има право да побара надоместок за сторената материјална штета и за загубена добивка. Надоместокот се определува во износ што тужениот би го платил доколку побарал законско користење на правото (вообичаен надоместок), односно во износ пропишан со соодветни тарифи, односно со општ договор.

Надоместок за нематеријална штета

При повреда на морално право и независно од изречениот зголемен надоместок и при непостоење материјална штета, судот може да пресуди на авторот да му се исплати праведна парична оштета за претрпена душевна болка и страдање, како последица од повредата на моралното право, доколку утврди дека околностите на случајот и, особено, степенот на повредата и нејзиното траење тоа го предизвикале.

Објавување на судска пресуда

Лицето – тужител има право да бара правосилната пресуда со која целосно или делумно се усвојува неговото барање за заштита на авторско право и сродните права, да биде објавена во медиумите за масовна комуникација, на трошок на тужениот.


 Објавено: 23 април 2014

Автор: Милчо Велјаноски / veljanoskim@akademik.mk