/ Прочитано:

1.503

Балканските студенти за правните студии: Белград – многу шминка, Загреб – наука и знаење, Скопје – квалитетни предавања, лош практичен пристап

Во Белград има најмногу шминка, во Загреб наука и знаење, идните правници што излегуваат од најголемиот Правен факултет во Скопје полесно стекнуваат дипломи од своите колеги од поранешните југословенски републики, но студираат во полоши услови, велат за Академик студенти од земјава и од соседството. Старо-новата Болоњска програма на некои студенти им ги олесни, на некои им ги отежни правните студии. Освен стариот инвентар, слабата техничка опременост, инфраструктурата стара 60 години, студентите се соочуваат со нови методи на полагање и оценување. Во скромните предавални и амфитеатри седат идните судии, адвокати, обвинители, главните носители на нашиот правосуден систем, но за жал оние што учат имаат замерки не само на условите туку и на академскиот потенцијал. 

Како идните правници ги доживуваат професорите и асистентите?

Очите на студентите гледаат поинаку за разлика од Управата на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Двете судници за симулирани судења, според дел од студентите, веќе втора година како фаќаат прашина. Од кабинетот на деканот на Правниот факултет, Борче Давитковски велат дека не е доволно интензивирана соработката со правните институции, но во иднина планираат да ги активираат студентите преку симулирани судења.

Секој што поминал низ државниот Правен факултет сигурно има еден предмет што го памети како кошмар. Понекогаш поради материјата, а често и поради професорот. Па поради општопознатата ситуација, ги прашавме директно студентите, како тие ги доживуваат професорите и асистентите?

Средина: Стефан Андоновски, студент по правни науки

  • „Професорот не може да запамети 5 студенти од генерација, секогаш добро изгледа, бил на неколку студентски посети кои се единствениот пример кој го дава, добар оратор – слаб слушател, сигурно е поранешен висок функционер во извршната власт каде не се реализирал како личност, квалитетни предавања, лош практичен пристап, критички став кон актуелната македонска и светска политика, коректност, доцнење и непочитување на распоредот на предавања или приемно време“, на овој начин студентот по правни науки Стефан Андоновски ни претстави профил на професор на скопскиот факултет.

 Андоновски не штедеше зборови  ниту за асистентите.

  • „Асистентот бил на студентска посета на Ломоносов во Москва, нема работено ниеден ден во реалниот сектор за кој има толку критички став, знае за предметот на неговата наука само од теорија, ги цитира примерите на професорот како свои“, раскажа студентот Стефан Андоновски.

Не се само парите проблем, недостига академски потенцијал

„Недостигаат финансиски средства“ е реченица којашто многу често се употребува во скоро сите државни институции, но студентот Стефан Андоновски смета дека не е се во парите, според него асистентите треба да си го „набилдаат“ академскиот потенцијал.

  • „Покрај финансиите кои се потребни за обезбедување модерна компјутерска опрема и реновирање на инвентарот, подобрување на книжната библиотека и создавање на електронска база на книги и документи, потребно е зголемување на академскиот потенцијал на предавачите (особено на асистентите) со задолжителни пракси, студиски посети, студии во странство, јавна работа во фелата“.

„Библиотеката да не служи како декор“

Иако библиотеката на Правниот факултет треба секоја година да се обновува со парите на студентите кои што ги даваат за книжевен фонд, сепак според нивното искуство библиотеката ретко се надополнува со книги.

  • „Зголемување на фондот на книгите секако не би било на одмет, со оглед на фактот што секоја година плаќаме за обнова на книжен фонд, а реално не добиваме ништо ново.  Исто така на студентите многу би им било од корист доколку имаат можност за користење компјутери, со оглед времето во кое живееме апсурдно е да немаме компјутери на еден од  најдобрите факултети во Македонија“, вели Ана Божарова студент на трета година по правни науки.

Повеќе пракса, помалку теорија

Она што е убаво спакувано во книга, не секогаш е исто и во реалноста, дипломираните правници подоцна се соочуваат со работи кои не ги сретнале додека студираат. На годишно ниво стотици студенти излегуваат од факултетот со диплома во рака, а многумина од нив не ни виделе како изгледа судница, ниту судски поднесок. На Правниот факултет, судницата за симулирани судења скоро и да не функционира. „Повеќе пракса, помалку теорија“, е нешто што според студентите никако да се примени во нашиот образовен систем.

  • „Факт е дека за да бидеш добар правник треба да имаш добри познавања од теоријата, сепак некои предмети се пренатрупани со голи теории  кои само го збунуваат студентот, наместо да му пружат совладување на најважните работи. Бројот на страници што се предвидени за учење и не е толку страшен колку што е страшно совладувањето на материјата, која по некои предмети е полна со непотребни податоци“, вели Божарова.

Со ова се согласува и нејзиниот колега Андоновски, постои недостиг на квалитет во академската година во однос на практичниот дел. Тој би сакал академската година да биде со натпревари за симулации на судења.

  • „На студентите треба да им се овозможи квалитетна академска настава, надополнета со клинички судења и практична настава уште од прва година, да им се излезе во пресрет при подготвување за натпревари во симулации на судења (moot court), да им се даде простор за самостојна работа во поглед на решавање на случаи, пишување на аналитички есеи и правничко изразување (т.н. legal writing).

Белград со најмногу шминка, Загреб со најдобри услови

Не многу далеку од нас, во земји каде што горе доле имаат слична општествена и политичка состојба, идните правници студиираат на многу поголеми државни факултети со огромни правни библиотеки и посовремена техничка опрема. Во Белград не е многу поразлично од Скопје, но идните правници во Загреб учат во далеку подобри услови, за Академик раскажуваат студенти од таму. Сепак, белградскиот факултет со наjмногу шминка – фитнес сала, огромна климатизирана зграда со големи амфитеатри и предавални. Факултетот може да се пофали и со најголемата библиотека на Балканот, распространета на  2.338 м2. Библиотеката е оформана кон средината на 19 век, поседува преку 100.000 изданија од областа на правните науки. Од неодамна, студентите во слободно време се рекреираат и во голема фитнес сала.

Фитнес сала – Правен факултет, Белград

Според студентот по правни науки на факултетот во Белград, Андреј Бојиќ, студентите не се многу воодушевени од наставната програма, професорите и асистентите.

  • „Ако ги погледнете биографиите на добар дел на професорите од српските универзитети, посебно на професорите од општествено-хуманистичките науки, ќе забележите дека тие својата професионална и академска кариера ја граделе на еден ист факултет, во една иста област, без допирна точка со начинот на работа на било кој друг универзитет во странство. Што се однесува на стручните соработници, тие воглавно се луѓе кои се секогаш во сенката на професорот и повеќе имаат улога на личен секретар на професорот, отколку на стручен соработник, кој треба да даде свој удел во науката“, вели Бојиќ.

Правен факултет, Белград

Во однос на Европскиот кредит трансфер систем, во Белград не е многу поразлично од кај нас. Студентите оттаму велат дека повозрасните професори  тешко се привикнуваат на новите методи.

  • „Најголемиот проблем што се јавува при примена на ЕКТС системот во Србија е бавното прилагодување на повозрасните професори на стандардите на овој систем. Овде пред се мислам на примената на новите методи во наставата, како и оценувањето на знаењето кое студентите го имаат. Тешкотиите што постојат при имплементација на ЕКТС системот најмногу се одразуваат во поглед на изборот на задолжителните предмети во студирањето, избор кој го прави самиот факултет, бидејќи највлијателните професори ги наметнуваат своите предмети како задолжителни, иако тие не се ниту најбитни, ниту суштински за овие студии“, вели Бојиќ.

Во големата барокна зграда во Загреб од каде излегуваат идните судии, адвокати, обвинители, според раскажувањата на хрватскиот студент Марко Доленец, се учи во прилично добри услови и со одлични професори.

Правен факултет, Загреб

  • „Наставниот кадар е многу квалитетен и образован. Просечен професор има околу 50 години, најчесто е најголемиот стручњак во својата професија во Хрватска, поретко и во регионот. Автор е на повеќе научни трудови и книги. Стручно се доградувал надвор од Хрватска. Говори барем еден странски јазик, а често и по 2 или 3. Повеќето се дел од група која работи на нов закон, секогаш е достапен по телефон или имеил за консултации. Повеќето професори се поранешни адвокати или поранешни судии со набилдана кариера„, вака за Академик студентот Марко Доленец направи профил на професор на правните науки на државниот Правен факултет во Загреб.

Според раскажувањата на Доленец, Хрватите со многу повеќе мака од нас стануваат дипломирани правници. Доколку еден испит не биде положен и по осми пат, студентот го губи правото да студира на Правниот факултет, а доколку го помине писмениот дел, а усниот му е негативен, тогаш студентот е повторно на почеток.

  • „Најчесто испитите се и писмени и усмени, писмениот дел е услов за да се оди на усно полагање. Меѓутоа ако студентот го помине писмениот, а усниот не го помине, повторно е на почеток. Понекогаш испитите се само усмени, а не постои предмет што се полага само писмено“, вели Доленец.

Неколку бибилиотеки, задоволителен број на комјутери, климатизирани предавални и амфитеатри, солидни професори, но според раскажувањето на хрватскиот студент, ни таму не се спроведува Болоњскиот процес до крај.

  • „Не е секогаш задолжително присуството на студентите. Професорите не се држат стриктно до парцијалното полагање на колоквиуми. Потребната литература е огромна (често и по 1000 страници), немаме домашни задачи, а семинарски правиме една годишно“, завршува Доленец.

Aвтор: Паула Божиновски
Oбјавено: 24.10.2012