/ Прочитано:

1.150

Барањата на УПОЗ дискутирани на средбата меѓу министерот за правда и претседателот на УПОЗ

Министерот за правда, Билен Салији, оствари средба со претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Република Македонија, Пеце Грујовски.

На средбата, информираат од Министерството за правда, беше нагласено дека е потребно низ заедничка работна средба да се дискутира за реализирањето  на барањата на УПОЗ и заклучоците што произлегоа од претходната средба во Владата на РМ, на која се говореше за проблемите со кои се соочуваат работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани.

„Министерството за правда е отворено за соработка со УПОЗ во однос на подобрување на условите на вработените кои се под надлежност на Министерството за правда и во таа насока на сите правосудни сектори во Република Македонија кои се опфатени во Стратегијата за реформи на правосудството“, посочи министерот за правда.

Во текот на средбата, и двете страни се согласија и во иднина да одржат состаноци, како и да се формира работна група во однос на подобрувањето на работните услови за сите вработени во правосудниот сектор.

УПОЗ бара брзо решавање на прашањата за враќање на незаконски задржаните плати на вработените во судството за време на штрајкот во судовите од 2016 година; за повторна исплата на додатоците на плата во јавните обвинителства; за исплата на заостанатите плати на инспекторатите, за добивање на соодветни решенија за степен на кариера за вработените и за доследно почитување на Одлуката на Владата на Р Македонија за работното време и други отворени прашања.

Поконкретно, овие прашања претходно од страна на претседателот на УПОЗ беа акцентирани и на средбата со претседателот на Владата на РМ, на која Грујовски истакна дека доколку во брзо време не се постигне договор за прашањата за враќање на незаконски задржаните плати за време на штрајкот, за исплатата на додатоците на плати во јавните обвинителства и за степенот на кариера, државата ќе се соочи со огромен број на основани тужби кои во голема мера ќе го оштетат Буџетот на Р Македонија.

На оваа средба претседателот на Владата посочи дека во Владата веќе има формирано работна група, дека ќе биде најдено соодветно решение во скоро време и дека ќе се работи на тоа да се подготват најдобрите законски решенија.

М.В