/ Прочитано:

2.781

Барање за објавување изгубена патна исправа во странство отсега преку ДКП

Вторник, 24 март 2015 – Македонските државјани кои живеат или престојуваат во странство, доколку останат без своја патна исправа, веќе не треба да чекаат да се вратат во земјава за да ја започнат процедурата за вадење нов документ.  Со потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу МВР, МНР и ЈП „Службен весник“ оваа процедура доби едношалтерски третман и сега барањето за објавување изгубен документ ќе може да се поднесе во македонските дипломатско-конзуларни претставништва (ДКП).

Како што информира ЈП „Службен весник“, граѓаните,  лично или преку ополномоштено лице, сега ќе можат да го поднесат барањето за објавување неважечки документ (лична карта, пасош, возачка дозвола и сообраќајна дозвола) во „Службен весник на Република Македонија“ во дипломатско-конзуларното претставништво на Република Македонија.

„Процедурата понатаму има строго утврден пат. Дипломатско-конзуларното претставништво на Република Македонија, наредниот работен ден од приемот на барањето, преку Министерството за надворешни работи и Министерството за внатрешни работи го доставува известувањето со податоци за изгубениот или исчезнатиот документ до Јавното претпријатие „Службен весник на Република Македонија“. Известувањето се движи во електронска форма на определена електронска (е-маил) адреса, со порака заштитена согласно со прописите за заштита на личните податоци. Покрај барањето за објава на неважечки документ, во електронска форма се доставува и доказ за извршена уплата на финансиски средства за објавување на исчезнатиот или изгубениот документ во странство, како и изјава од носителот на исчезнатиот или изгубениот документ, заверена во дипломатско-конзуларното претставништво на Република Македонија“, информира ЈП „Службен весник“.

Досега граѓаните на Република Македонија кои живееја или престојуваа во странство можеа да ја започнат постапката за пријавување на исчезнати или на изгубени лична карта, пасош, возачка или сообраќајна дозвола по враќањето во земјава.