/ Прочитано:

1.129

ПОВТОРНО ШТРАЈК НА БЕЛГРАДСКИТЕ АДВОКАТИ: Нема отстапки додека не се исполнат барањата!

Среда, 10 септември 2014 – Адвокатската комора на Белград за денеска најави повторен штрајк на адвокатите сѐ до конечното исполнување на барањето за намалување на даночните давачки спрема адвокатурата. 

Ова значи дека белградските адвокати нема да доаѓаат на судења, истраги и сослушувања во полиција или Обвинителство во случаите каде според закон е неопходно присуство на адвокат. Единствен исклучок ќе бидат предметите во кои рокот за искористување на правниот лек истекува во текот на деновите во кои ќе се штрајкува.

Имено, адвокатите се незадоволни од повеќекратното оданочување на нивната дејност и бараат од Министерството за финансии да ги стави вон сила новите решенија, кои им се наметнати годинава и според кои, како што тврдат, плаќаат за 30 отсто повисок данок, а во некои случаи и од 100 до 300 отсто.  Адвокатите бараат данокот да го плаќаат во согласност со законските решенија од 2013 година.

Според зборовите на Слободан Шошкиќ, претседател на Адвокатска комора на Белград, адвокатите нема да работат иако за следната недела е планирано со работа да продолжи шестчлената комисија која беше формирана летово кога беше запрен петнаесетдневниот штрајк на српските адвокати, бидејќи како што вели, тие сакаат тој прболем да се реши веднаш, а не да се одолговлекува во недоглед.

Белградските адвокати и на почетокот на летото штрајкуваа  поради зголемените даночни давачки. Тогаш министерот за правда – Никола Селаковиќ и поранешниот министер за финансии на Србија – Лазар Крстиќ се договорија со претставниците на белградската Адвокатска комора да се прекине штрајкот и да се оформи Комисија, која до септември ќе дефинира решение за излез од оваа ситација. Меѓутоа, набрзо по ова министерот Крстиќ поднесе оставка, така што проблемите на адвокатите не се решија.

Шошкиќ на вчерашната пресконференција наведе уште една причина за незадоволството на адвокатите. Станува збор за одредби од Законот за нотаријат и од Законот за недвижности согласно кои нотарите, кои стапија на должност од 1 септември годинава, се единствените кои се надлежни за склучување на договори за промет на недвижности. Според адвокатската Комора на Белград ова се коси со членот 67 од Уставот на Србија. Од овие причини адвокатите вчера поднесоа иницијатива пред Уставниот суд на Србија со цел утврдувае на неуставноста и незаконитоста на овие одредби. Белградските адвокати сметаат дека склучувањето на договорите за промет на недвижности претставуваат еден вид давање на правна помош која согласно Уставот ја даваат адвокатите, додека нотарите се овластени за давање на услуги, што, како што тврдат не е правна помош.

„Ова предизвикува незадоволство меѓу адвокатите, бидејќи има последици и врз материјалната состојба на адвокатурата, која веќе и онака е во тешка ситуација поради наведените даночни наметнувања“, рече Шошкиќ.

Министерството за правда: Адвокати, не штрајкувајте!

Министерството за правда на Србија ги повика адвокатите да не стапуваат во штрајк со цел да нема прекини и нарушувања на работата на судовите од што, пак, последиците би ги трпеле адвокатите и граѓаните на Србија.

Според „Б92“ генералниот секретар на Министерството, денеска се сретнал со претседателот на белградската Адвокатска комора, Шошкиќ, и на таа средба била постигната согласност белградските адвокати да не штрајкуваат.

Адвокатите од цела Србија на крајот на месец јуни им се придружија на своите белгрдаски колеги  и штрајкуваа три дена со истото барање  – да се стават вон сила даночните решенија кои се воведени со Уредба на Министерството за финансии, односно оваа област да се регулира согласно решенијата од минатата година. 

Е. П.