/ Прочитано:

1.025

Берлускони осуден на 3 години затвор за поткуп

Четврток, 9 јули 2015 – Судот во Неапол го осуди поранешниот италијански премиер и медиумски магнат Силвио Берлускони на три години затвор за поткуп на сенаторот во 2006 година во обидот да ја урне тогашната влада на левиот центар. 

Берлускони (78) нема да ја отслужи казната поради принципот на застареност, кој стапува во сила подоцна оваа година, пред почетокот на каква било жалбена постапка. 

На Берлускони, исто така, му е изречена и забрана за извршување јавни функции во следните пет години. Берлускони, кој четири пати беше премиер на Италија и кој настојува да се врати на политичката сцена, го негираше обвинението.  Во обвинението е наведено дека Берлускони во 2006 година преку посредник му платил мито во висина од 3 милиони евра на Серџо де Грегори, тогашен сенатор од партијата „Италија на вредностите“, кој го призна прифаќањето на парите,  со цел да го натера да ја напушти коалицијата на тогашниот премиер Романо Проди. Овој случај е најновиот во низата правни проблеми со кои се соочил досега Берлускони. Претходно годинава, тој заврши со општокорисната работа, санкција која му беше изречена за случајот со даночна измама, а беше ослободен од обвинението за плаќање сексуални услуги на малолетната проститутка откако беше донесена правосилна одлука дека тој не можел да знае дека таа е малолетник.