/ Прочитано:

2.764

Бесплатен пристап на новинарите до документите од Централен регистар и Катастарот

Владата донесе мерка со која на медиумските работници им се овозможува право на бесплатно користење на услугите на Централниот регистар и на Агенцијата за катастар на недвижности, што ќе им овозможи непречено да известуваат и истражуваат.

„Со оваа своја мерка, Владата на Република Македонија излезе во пресрет на барањата на новинарите и новинарските здруженија и обезбеди слободен пристап до извори на информации од посебно значење за истражувачкото новинарство“, велат од Владата.

ССНМ ја поздравува одлуката на Владата на Република Македонија за бесплатен пристап на истражувачките новинари до документите од Централен регистар и Агенцијата за катастар на недвижностите и ја оценува како чекор напред во процесот за ослободување и подобрување на состојбите на медиумските и новинарските права.

Сметаме дека со оваа одлука на истражувачките новинари ќе им се олесни пристапот до информациите што ќе ја зголемат транспарентноста, отчетноста и општествената одговорност на носителите на јавните функции, но и на правните лица и ќе влијаат врз намалување на корупцијата и злоупотреба на службената положба.

ССНМ се надева дека ваквата одлука истовремено ќе го поттикне и развојот на инаку дефицитарното истражувачко новинарство, кое има суштинска улога во обезбедувањето на информациите што се од интерес на јавноста.
ССНМ ја охрабрува Владата да продолжи во оваа насока и што поитно да подготви измени на Законот за пристап до информации од јавен карактер.

M.В