/ Прочитано:

5.205

Безбедната вода за пиење, услов за здраво население

Првата зона на изворот со вода за пиење е најстрого обезбеден. На пример, изворот Рашче е физички обезбеден, има чуварска служба и видеонадзор. Во првата зона на извориштата со вода за пиење не се дозволени никакви активности, а луѓето што работат таму на секои 6 месеци имаат редовни прегледи за бацило и клицо носителство во Институтот и во центрите за јавно здравје. Според законските прописи, односно според Законот за водите и Законот за безбедност на храната, во случај да има појава на неисправни примероци на вода за пиење, веднаш се известува Aгенцијата за храна и ветеринарство, која е надлежна да ја забрани водата за пиење. Институтот и центрите за јавно здравје даваат препораки до населението. Се прави дезинфекција и хиперхлорирање.

„Никогаш не купуваме вода во шишиња, бидејќи знаеме дека водата во Скопје е исправна. Со години не се случило да има појава на какви било заболувања.“

„Најголемиот дел од населението во Скопје се снабдува со вода за пиење од изворот Рашче, за кој сум сигурен дека е целосно обезбеден од повеќе надлежни институции.“

„Постојано мора да се говори за значењето на безбедна вода за пиење. Населението мора да сфати дека под никакви услови во близина на извориштата не смее да се создаваат диви депонии или да има какви било други активности, кои би придонеле за загадување на водата за пиење.“

Населението во Република Македонија пие безбедна вода, со исклучок на 3 проценти од вкупната популација. Станува збор за селата во кои нема водоснабдувачки систем, туку таму населението користи вода од бунари и природни чешми.

Според проф. д-р Михаил Кочубовски, раководител на Секторот за здравствена екологија при ЈЗУ Институт за јавно здравје, околу 40 проценти од испитаните примероци вода од села во кои нема водоснабдувачки систем се бактериолошки неисправни.

„Безбедна вода за пиење е широк поим кој ги дефинира квалитетот и безбедноста на водата за пиење. Тоа подразбира не само водата да биде хемиски и бактериолошки исправна, туку подразбира и безбедност на самото место од каде што потекнува водата за пиење, а тоа се изворите, дупчените или копаните бунари, акумулациите и така натаму. Постои Правилник за безбедност на водата и Правилник за формирање и одржување на зоните. Првата зона на изворот со вода за пиење е најстрого обезбеден. На пример, изворот Рашче е физички обезбеден, има чуварска служба и видеонадзор. Во првата зона на извориштата со вода за пиење не се дозволени никакви активности, а луѓето што работат таму на секои 6 месеци имаат редовни прегледи за бацило и клицо носителство во Институтот и во центрите за јавно здравје. Покрај луѓето што работат, пристап во првата зона на изворишната вода за пиење имаат и инспекторите кога вршат редовни инспекциски контроли“, потенцира проф. д-р Кочубовски.

Во последниве неколку години, во Македонија не се регистрирани епидемии кои се резултат на цревни заболувања од водата за пиење, што се должи на постојаната контрола на изворите и препораките што ги дава Институтот за јавно здравје, во случај кога во некои населени места водата е бактериолошки неисправна. Проф.  д-р Кочубовски вели дека најкарактеристични заболувања кои се поврзуваат со неисправна, односно небезбедна вода за пиење е хепатит А, односно жолтицата и дијареата. Но, овие заболувања, како што вели, се должат и на одржувањето на личната хигиена, како и на несоодветна санитација, канализација и непрочистување на отпадните води.

„Според законските прописи, односно според Законот за водите и Законот за безбедност на храната, во случај да има појава на неисправни примероци на вода за пиење, веднаш се известува Aгенцијата за храна и ветеринарство, која е надлежна да ја забрани водата за пиење. Институтот и центрите за јавно здравје даваат препораки до населението. Се прави дезинфекција и хиперхлорирање. Нашите активности се насочени и кон тоа во селата што имаат водоснабдувачки систем редовно да се врши дезинфекција, за што е надлежно јавното комунално претпријатие. Во секој случај, состојбата со водата за пиење од година во година сѐ повеќе се подобрува. Тоа го покажуваат и податоците од испитаните примероци на водата за пиење во периодот од 2009 до 2014. Зголемениот опфат на активности, особено во селските водоводи, придонесува за безбедна вода за пиење, вели проф. д-р Кочубовски.

Истовремено, за безбедноста на водата за пиење, покрај Институтот за јавно здравје и Државниот санитарен и здравствен инспекторат, огромна улога имаат и јавните комунални претпријатија. Тие имаат програма за замена на стари водоводни азбестно-цементни цевки и овие активности ги изведуваат според одредена динамика. Азбестно-цементните цевки од водоводната мрежа не се менуваат поради  азбестните влакна што може да го загрозат здравјето на луѓето, туку поради ризик од механичко оштетување на цевките што се дотраени. Токму поради механичкото оштетување на цевките постои опасност од навлегување на хемиски или бактериски агенси од подземните води, со што би се загадила водата за пиење.

Инаку, во пресрет на Светскиот ден на водите, кој се одбележува секоја година на 22 март, Институтот за јавно здравје поведе кампања за подигнување на свеста кај населението за значењето на безбедна вода за пиење. Сметаат дека за ова прашање треба да се воведе едукација во редовната настава во основните училишта, бидејќи според податоците на Светската здравствена организација, секоја година околу 500 милиони луѓе заболуваат од болести што се поврзани со водата за пиење. 10 милиони од вкупната светска популација умира од загадена вода. Светскиот ден на водата датира од 1992 година од Конференцијата за животна средина и развој, на Обединетите нации.

А. Б.