/ Прочитано:

1.124

БИТОЛСКИОТ ОСНОВЕН СУД: Македонската полиција да ја надомести штетата за расното профилирање на граничните премини

Македонските власти вршат расно профилирање на граѓаните кои се припадници на ромската етничка заедница и не им дозволуваат да излезат од државата. Согласно судската пресуда која е донесена оваа недела, Министерството за внатрешни работи на Република Македонија како тужен е задолжено да плати надомест на штета на двајца Роми (брачен пар), на кои не им било дозволено да ја напуштат државата за да го посетат своето семејство во странство, истакнуваат од Македонското здружение на младите правници и од Европскиот центар за правата на Ромите. Во врска со случајот, Младите правници за Академик истакнуваат дека од големо значење е што се следи позитивната судската пракса на утврдување на дискриминација во Македонија.

И покрај сите документи, не им било дозволено да ја напуштат државата

Во овој случај, Ромите беа застапувани од страна на Македонското здружение на млади правници, со поддршка од Европскиот центар за правата на Ромите. Од двете организации образложуваат дека пред две години, брачниот пар заедно со своите внуци тргнале на патување за да го посетат семејството кое живее во Швајцарија. Тие биле единствените патници во автобусот на кои покрај пасошите им биле побарани дополнителни документи. Брачниот пар ги имал сите документи, односно повратни билети, гарантно писмо, како и 2.000 евра во готово. Сепак, не им било дозволено да ја напуштат државата и автобусот заминал преку границата без нив.

„Вакви приказни постојано им се случуваат на македонските граѓани кои се по потекло Роми“

„Вакви приказни постојано им се случуваат на македонските граѓани кои се по потекло Роми. Тоа се случува единствено поради тоа што овие граѓани се Роми, особено дискриминирана заедница во РМ, поради тоа што кај македонските власти постои сомневање дека Ромите кои ќе излезат од државата ќе бараат азил во некоја од земјите членки на ЕУ. Судијата во конкретниот случај нашол дека брачната двојка била жртва на расна дискриминација и дека уставно загарантираното право на слобода на движење и напуштање на државата им било прекршено“, велат од Македонското здружение на младите правници и од Европскиот центар за правата на Ромите.

Основниот суд Битола го задолжил Министерството за внатрешни работи на РМ да ја надомести штетата во износ од 30.000,00 денари за секој од тужителите посебно. Се очекува Министерството да ја обжали пресудата.

Одлуката е од особено значење 

„Повеќето од нас европјаните се на мислење дека запирањето на луѓето да излезат од својата држава заврши со падот на Берлинскиот ѕид“ – вели  Адам Вајс, директор на правниот сектор на ЕРРЦ. Меѓутоа не за Ромите, за кои ова е најочигледниот начин на нивно претварање во граѓани од втор ред.

„Ја поздравуваме одлуката на Основниот суд Битола, која ја следи позитивната пракса на Основниот суд Скопје 2 и Апелациониот суд Скопје. Ова е втор случај поддржан од Македонското здружение на млади правници каде судот утврдил дискриминација и повреда на правото на еднаков третман по основ на етничка припадност. Одлуката е од особено значење земајќи во предвид дека го засега и правото на слобода на движење на ромската популација, како и системската дискриминација во Република Македонија во последните четири години“, вели Јасна Оровчанец Аранѓеловиќ, проектен менаџер во МЗМП.

Европскиот центар за правата на Ромите им напомена на македонските власти пред повеќе од една година дека ваквото постапување е противуставно.

ДВЕ ПРАВОСИЛНИ ПРЕСУДИ СО КОИ СЕ УТВРДУВА ДИСКРИМИНАЦИЈА

СЛУЧАЈ ЕМРА КУРТИШОВА: Класичен случај на дискриминација – сметаат адвокати со искуство во антидискриминациони постапки

М.В