/ Прочитано:

1.294

Бизнис-заедницата со иницијативи, барања и предлози за промени во нормативната рамка за поволен деловен амбиент

На денешната прес-конференција на Стопанската комора на Македонија, посветена на соработката на Комората со Владата на РМ во делот на реализација на иницијативите за промени во законските и подзаконските прописи во насока на воспоставување поволен деловен амбиент, беше потенцирано дека Планот за економски раст преточен во неколку мерки, генерално, ги содржи насоките и барањата на деловната заедница за коишто Стопанската комора на Македонија континуирано имаше свои предлози и укажувања до креаторите на економската политика.

„Планот за економски раст, дефиниран преку три столба, има за цел остварување на поголем економски раст преку поддршка на компании кои се во добра кондиција и кои истовремено можат да испорачаат уште поголеми позитивни резултати – нови вработувања, нови инвестиции, како и зголемување на извозните потенцијали на македонското стопанство“, беше истакнато на денешниот настан.

Посочувајќи дека Стопанската комора на Македонија не ги бара недостатоците во системот со цел да критикува, туку да презентира конкретни решенија за проблемите на бизнис-заедницата, засновани на подолгорочни истражувања, експертски мислења и анализи, денес беа претставени дел од иницијативите кои се поднесени изминатиот период, за кои се очекува што побрза и поефикасна операционализација од надлежните министерства, со нагласување дека од 1 јуни до крајот на 2017 година се поднесени вкупно 19 иницијативи, од кои ниту една не е одбиена, а комуникацијата е во тек.

Како позначајни иницијативи, за кои од надлежните министерства се очекува побрза реализација во наредниот период, беа посочени Иницијативата за законско нормирање на холдинг-друштвата преку уредување на даночен режим приспособен на специфичностите на неговото функционирање, измените во Предлог-законот за нотаријат и за извршување, Иницијативата за изменување на одредбите од Законот за трговија со кои се уредуваат ограничувања во однос на продажбата на алкохолни пијалаци, Иницијативата за уредување на даночниот третман на кусоците во трговијата на мало, Нацрт-законот за индустриски емисии, како и Иницијативата со систематизирани предлози за проблемите и прашањата од областа на градежништвото.

„Генералната оценка на соработката со Владата е дека постои силна волја  за соработка и дека е воспоставен јавно-приватниот дијалог на највисоко ниво, но има реални потреби за подобрување на комуникацијата не само на највисоко ниво, туку на оперативно ниво (со министерствата и со другите органи на управата), што ќе биде во насока на поттикнување на ефикасноста и ажурноста на јавните и на државните службеници и намалување на административните бариери, бидејќи без брзи и ефикасни административни постапки, без намалување на бирократизацијата и без професионална администрација не може да одиме напред и да очекуваме брза реализација на нашите иницијативи кои се во интерес на унапредување на деловната клима во државата“, истакнаа од Комората.

Имајќи го предвид фактот дека бизнис-заедницата  развојната компонента на секој буџет на државата ја гледа главно преку средствата издвоени за капитални инвестиции и нивната целосна реализација, Стопанската комора на Македонија укажа на потребата на секои три месеци, јавно и транспарентно да се прави пресек на проектираните наспроти реализираните активности во делот на капиталните инвестиции, воедно  да се понесе одговорност доколку не се реализираат проектираните капитални инвестиции. Поради тоа, на оваа прес-конференција се  потенцираше дека се следат состојбите и се очекува реализација на договорените активности на овој план.

М.В