Албанскиот дрон и однесе на Србија шест бода и го врати Адем Љајиќ

Српскиот фудбал и онака е одамна мртов! А толку лесна група имавме во квалификациите за Европското првенство во Франција, што многу повеќе од резил е што не сме меѓу 24 земји. Не се изборивме во натпреварите со Португалија, Албанија, Данска и Ерменија. Но, барем во нешто сме светски рекордери. За осум години, променивме девет селектори. А, сепак, еден натпревар добивме. Го добивме назад Адем Љајиќ.

Нема позалудна работа во Србија, отколку да се зборува и да се пишува за фудбалот. Особено ова, другото. Се чувствувам глупаво, зошто непотребно ги заморувам прстите, отчукувајќи бесмислици по тастатурата. Српскиот фудбал и онака е одамна мртов! А толку лесна група имавме во квалификациите за Европското првенство во Франција, што многу повеќе од резил е што не сме меѓу 24 земји. Не се изборивме во натпреварите со Португалија, Албанија, Данска и Ерменија. Но, барем во нешто сме светски рекордери. За осум години, променивме девет селектори. Еден од нив беше славниот Холанѓанец, Дик Адвокат. Кога виде во каква екипа пристигна, побегна и пред да се смести. Селекторот Радован Чурчиќ, во квалификациите, беше тренер на Јавор од Ивањица и на Борац од Чачак. Ивањица и Чачак се прекрасни места, речиси бајковити, ама, фудбалот таму е селски. Така и поминавме.

Иако Радован е исклучителен тренер на младите селекции, тешко можеше да се снајде во квалификациите што беа повеќе геополитички, отколку фудбалски. Како да измина цел век откако, среде Белград, албанските навивачи го лансираа дронот над стадионот од камбаната на големата белградска Црква. Беспилотното летало го носеше знамето на „голема Албанија“, поради што изби голема мешаница на теренот. На тревата слегоа и дел од патриотски настроените навивачи, додека албанските играчи го бранеа тоа знаме, како да им е татковинско, Е, браќа мои, Албанци, само вие зезајте се со соништата за голема Албанија… И некои Срби си ја замислуваа голема Србија, па, гледате дека сега играат во хашката лига.

Но, за фудбалот се работи: за чиста апстракција, микс од филозофија, трчање, тормозење и висока политика, не е тој егзактен како физиката. Натпреварот во Белград наполно ги наруши односите во регионот, а особено на табелата.

Неодамнешниот реванш во Албанија претставуваше нов, безбедносен предизвик. Во Елбасан, фудбалерите на Србија ги чуваа како да им дошол Обама заедно со Путин, за да разговараат за животот, за Сирија, за мигрантите и за Ангела Меркел.

За среќа, се помина како што треба. Лесно ја добивме Албанија со 2:0, но, сето тоа беше попусто, зашто загубивме три бода, поради дронот над Белград, а потоа, Арбитражниот суд на УЕФА во Лозана ни одзеде уште три. Колку да се докаже дека Србија е единствената земја на светот, чија репрезентација, на домашен терен, се „бомбардира“ со знамето на големоалбанскиот национализам, за потоа да биде и двократно казнета. Што, патем, не е ни особено чудно. Србија го загуби Косово, па, зошто да не и шест бодови – колку да се знае дека и во меѓународните и во фудбалските односи владеат принципите на вистината, на правдата и на правните конвенции. Зарем не е така кич демонстрацијата на таквата сила?   

Со тие шест загубени бодови на еден натпревар во Белград ние ќе се боревме за второто место, што директно ќе не однесеше на Европското првенство. Така, победивме на терен, а потоа, во преговорите, загубивме се. Тоа покажува дека фудбалот, политиката и историјата кај Србите се слични работи. Имено, добиваат натпревари и по некоја војна, ама, потоа, во преговорите, се упропастуваат.

Но, големиот свет и класичната неправда, што се гледа како длабок офсајд, не им се виновни на Србите за нивното фудбалско стрмоглавување. Тоа го покажа натпреварот во Албанија.

Целиот товар во митскиот натпревар против Албанија го изнесе на грб офанзивниот, врзен напаѓач на Интер, Адем Љајиќ. Трчаше и дриблаше, додека го давеа албанските бекови, а всушност, се чинеше дека Адем Љајиќ не игра против нив, туку дека сето време ја провлекува топката низ мрачните предели на љубовта и омразата, низ оспорувањето и восхитот, низ верата и неверата. И дека топката, помеѓу Исус и Алах, ја испраќа до Митровиќ и Коларов.

Во минатото, неколку Срби кои што одлучуваа за неговата судбина, сторија се за да му го загорчат животот. Само Адем знае што доживувал кога белградските гласници, повеќепати, му носеле гајтан. А како, за возврат, Адем и одговори на Србија? И подари победа што не се мери со бодови, туку со парче историја.

Веќе реков дека натпреварот со Албанците во Елбасан беше се, само не фудбал. Фудбалски, тој меч не значеше ништо за Србија, зашто таа и онака се потроши во квалификациите. Но, политички, тој меч беше рамен на косовската битка, со тоа што на трибините не беа присутни Мурат и Бајазит, туку Еди Рама и останатите браќа. Пред почетокот на натпреварот, Адем Љајиќ повторно не сакаше да ја пее српската химна „Господе, правда“, но, Севишниот се потруди правдата, повеќе од 90 минути, да биде покрај малиот Бошњак од Нови Пазар. Оттука и впечатокот дека Адем премногу ја чуваше топката и дека имаше потег повеќе. Тоа убаво момче така игра уште од времето кога, како четиринаесетгодишник, дојде во Белград и заигра за Партизан.

Белградските фудбалски, матни кругови, веднаш го забележаа суперталентираниот, офанзивен, врзен играч, кој што изникна од чаршиската, пазарска школа на Бајро Жупиќ. Еден од најголемите грубијани на величенствената југо–лига, суровиот воин Бајро, кој што центарфорите ги есапеше за шејтани, па место во пеколот, ги праќаше на реклами, како педагог создаваше играчи наполно спротивни на неговото сфаќање за фудбалот.

И беа поинаку дизајнирани. Додека Бајро е граден како боксер, неговите ученици, како Адем, се нежни дриблери, со кревко тело. Навидум, бавен и незаинтересиран, Адем одненадеж втрчува во празниот простор и со тајната на првиот чекор, ги остава зад себе бековите, создавајќи вишок во нападот. Потоа следи голот или рушењето од зад грб. Сосема едноставно: или паѓа гол или црвен картон и пенал за Адемовиот тим.

Но, се чини дека сите такви офанзивни играчи како да  немаат одредено место во тимот, туку дека се моткаат по теренот, небаре шетаат по корзото во Нови Пазар, во потрага по најубавата девојка во ноќта, за да ја одведат на сок. Така и Адем на тревата, место да организира напад, остава впечаток дека има намера да испие кафе, ако не со некоја убавица, тогаш со Бајро, та сега и големиот Роберто Манќини во Интер го моли да се всредоточи на натпреварот.

Не разбира Роберто Манќини кој е Адем Љајиќ. Ниту некогаш ќе разбере. Бошњачкото момче, кое во тешките, повоени времиња на Балканот, одби да игра за Босна и се одлучи за Србија, не можеше да има поинаква судбина, освен да стане Ахмет Нурудин на српскиот фудбал. Створен да биде водач на генерацијата, распнат меѓу неговата, муслиманска вера, а верен на Србија, распнат меѓу детството во пазарската касаба и огромното богатство што го чекаше, доживеа судар со тоталитарната идеологија на уште еден великан на светскиот фудбал.

Но, Синиша Михајловиќ не е единствениот виновник за тоа што Србија еднаш, сега се чини толку одамна, го предаде Адем. Го предадоа, речиси, сите лицемери и белградски, патриотски, лоши тенори, кои што го условија момчето да ја пее химната на Србија, во лоша, хорска претстава.

Адем, во животна форма, тогаш играше во Фиорентина. Ги кинеше мрежите и делеше долги топки низ Италија, како национална пошта, поради што Италијанците го споредуваа со големиот Ѓанкарло Антоњони. Ама, џабе ти беше, мал мој Љајиќ, што играше како крал, кога Синиша Михајловиќ условуваше дека секој играч мора да ја пее „Господе, правда.“

И тоа никако не смееше да биде на плеј бек. А малиот Адем, како Бошњак, веројатно имаше одредена скепса за стихот на химната „српска земја, српски род…“ Со Господ, секако. Што му беше, значи, поважно на големиот Синиша Михајловиќ? Малиот Адем, кој се моли на Алах, да ја пее српската национална химна или да ги пробива задните редови и да им забива, барем, еден гол, а другиот да го намести? Што беше порационално? Малиот Адем да молчи, додека Синиша пее или, по натпреварот, цела Србија да пее заедно со Адем – а Синиша, конечно, да замолчи?  

Да, со овие зборови, тукуречи, го молев Синиша во српскиот печат да го врати Адем во тимот. Затоа што момчето нема никакви проблеми со Србија, ниту, пак, таа со него, кого, патем, радо би го напаствувале Нивес Целзијус, како и цели бригади од спонзоруши, кои што се моткаат по реалити програмите.

Меѓутоа, грешат оние што мислат дека Синиша е српски националист. Прогласен за гениј на почетокот на граѓанската војна, во деведесеттите години, а потоа засекогаш обележан како несакано дете на југословенскиот фудбал, бесен, мешан пес, половина Србин, половина Хрват, громовен шутирач со мали стапала, со лице на девојка и со тело на разбеснет бик, Синиша совршено се вклопуваше во тој постмодернистички свет на стравот, ужасот и црната комедија.

Ете, затоа Синиша му ја одзеде на Адем шансата да игра, условувајќи го да ја пее химната. Имено, кого го виде Синиша, гледајќи го Адем в очи? Се виде себе си!

Војната заврши, ама, исконските демони на нашите земји и понатаму останаа да талкаат по теренот. Оттука Синиша виде муслиман верен на Србија, но, доволно бунтовен да одбие да ја пее српската химна. Очи в очи пред него стоеше верник на Алах, кој на градите го носеше грбот на Србија, но, беше и доволно свој да одбие еден од авторитарните  фудбалски татковци, Синиша Михајловиќ. Тешко може да се открие зошто толку силно и непомирливо се судрија учителот и таткото. Освен ако не се прочитаат Фројд, Достоевски, Мир Јам, Радашин и Шекспир. А, всушност, вистината е едноставна. И Синиша и Адем со години играат во тандем, како последица на ужасната, тактичка поставка на терен на оние демони, кои што и натаму не ги оставаат на мир. Ниту нив, ниту нас!

Затоа Адем, на натпреварот против Албанија, играше како да му е последен. Странците не можат да сфатат дека таа ноќ, тој, всушност,  не играше фудбал, туку дека сето време ги дриблаше оние сенки што го прогонуваа, го понижуваа и се обидуваа да го удават во српските, проколнати мочуришта. Тој натпревар беше негова лична војна на живот и смрт, во која што немаше заробеници. Го покажа тоа неговиот гол. Се чинеше дека албанските бекови лебдат, додека Адем пролетуваше крај нив а потоа, во трк, преку целиот терен, го лобуваше голманот. И никогаш, ниеден гол, не го славеше како тој. Првиот гол го намести, голот што беше поништен – тој го постигна, голот што беше признат – тој го заби.

Но, Адем Љајиќ мора да сфати дека не е верата на која се моли конечната причина за неговото отфрлање, а потоа прифаќање, со одличја и фанфари. Слична судбина доживеа и светосавецот, Немања Матиќ. Беше отфрлен од Звезда, од Партизан, од репрезентацијата и од сите закони на логиката. Немања го имаше само неговиот огромен талент, како и Адем. Ама, таков талент во земјата на демоните, истовремено, е и најголемото проклетство.

Немања Матиќ одамна и прости на Србија, станувајќи крал на Челзи. Пред неколку ноќи истото го направи и Адем Љајиќ. Во Албанија тој беше херојот, кој што ги извлекуваше другарите од обрачот. Додека другите ја пееја химната, тој ја стискаше вилицата.

Знаеше дека е во право. Југоносталгичните бајки се’ уште постојат. Имено, можеби ги загубивме квалификациите, ама го добивме назад Адем Љајиќ.

>> Српската верзија на блогот проследете ја тука.

Објавено: 30.10.2015