Апокалипса во Србија: Страшни денови на потопот

Полудената вода носеше се пред себе на својот зацртан, хипнотички пат на ужасот. Со денови лиеше дождот. Се чинеше дека Севишниот истура галони вода врз Србија. Обреновац, градот кој произведува светлина, го проголта мракот. Небаре универзумот ја вцица целата индустриска населба, што исклучиво живее од џиновската термоелектрана именувана по „Никола Тесла“ и за неколку минути ја испрати во самиот пекол… Не водата, туку смртта надојде околу градовите, повикувајќи ги да скокнат право во во неа, а ако не го сторат тоа, таа ќе ги преплави, ќе ги потопи… Потоа и земјата се побуни, се вознемири. Брдата започнаа да се тресат, проработија свлечиштата и одроните… 

Во Крупањ, гратче во областа Подриња, со кое владее митската река Дрина, човек се чувствува како да влегол во зона на атомски проби. Градоначалникот бесцелно талка по градот, влегува и излегува од полициските возила, обиколувајќи ги селцата. Неколку метри кал по патиштата се претворија во прашина. Ноќите се помрачни од мракот, а секој ден е посив од следниот. Останаа само длабоките бразди од реката што се сјури од планината и ја остави својата трага на каменот, од кого водата сеуште капе, како да офка… Не се повлекуваат црните езера… Никој и не сонува дека по некој ден ќе биде јуни, дека ќе почне летото… Циклонот што ја уништи Србија е наречен Тамара. Кои се тие кретени кои им даваат убави, женски имиња на циклоните што го уништуваат светот?

Звукот на хеликоптерот злокобно се вклопуваше во ужасната симфонија на проколнатото зазорување. Брановите наидуваа којзнае од каде и за неколку минути го преплавија Обреновац. Како во легендарниот, психоделичен филм „Апокалипса сега“, на Френсис Форд Копола, луѓето скокаа од зградите, директно во буицата, првите полициски чамци започнаа да ги пробиваат брановите на матната вода барајќи ги преплашените луѓе, додека писоци се слушаа од секаде. Од секаде лелеци, повици за помош и елиси на хеликоптерите што го параа небото и најавуваа војна со невидливиот непријател.

Беше многу пострашно од војната во 1999 година, кога, со хируршка прецизност, НАТО не гаѓаше од воздух со томахавки. Сега целите не беа бирани внимателно. Полудената вода носеше се пред себе на својот зацртан, хипнотички пат на ужасот. Со денови лиеше дождот. Се чинеше дека Севишниот истура галони вода врз Србија.

Изутрината го повикав мојот пријател и колега, Никола Волаш, стариот дописник на „Политика“ од Босна, кој, ете, побегна оттаму и се насели во градот што произведува светлина за цела Србија, мислејќи дека, конечно, ќе го пронајде својот мир.

Но, Обреновац, градот кој произведува светлина, го проголта мракот. Небаре универзумот ја вцица целата индустриска населба, што исклучиво живее од џиновската термоелектрана именувана по „Никола Тесла“ и за неколку минути ја испрати во самиот пекол.

Го повикав стариот, мустаклест колега Никола, кој и натаму сјајно пишува, ама уште поубаво раскажува, да проверам дали сеуште дише над водата или го однела дивата Колубара. Тоа е незабележителна, бедна рекичка, што, никој не знае зошто и никој не знае како, за неколку мигови се претвори во ламја, бесна, водена ѕверка што го уништи целиот град.

Никола одговори на мојот повик. Почна да ми раскажува краишки, епски, од Кулин Бан… Ми објасни: педесетина луѓе, мокри и избезумени соседи, стоеле на островчето што се создало, а стариот пријател ме прашува што се случува:

– Зошто, по ѓаволите, Србија се претвори во океан?, ме праша Никола.

– Море, остави ги твоите метафори, Никола, бегај во хеликоптер – се продрав во мобилниот со неколку сочни пцости, само за да го уверам стариот колега дека околу него не надошла вода, туку смртта, што ги повикува да скокнат право во неа. Ако не го направат тоа, таа ќе ги преплави, ќе ги потопи…

По неколку дена, кога се се заврши, Никола дојде во „Политика“. „Фала“ ми рече, а јас суптилно и другарски, го опцув. Како и тој мене.

Целата екипа од островчето, сепак, влегла во хеликоптер. Во повисоките згради во Обреновац луѓето останале во становите, гледајќи како судбинската река, како буица на страшниот суд, ги носи помалите куќи, како да се играчки.

Да, тоа беа поплавите што ја уништија Србија. После потопот, ништо не ќе биде исто. Ниту земјата, ниту луѓето. Водата се повлекува, а се појавуваат лешовите од добитокот што лебдат и кучињата што талкаат, без лавеж. Очајни старци лутаат како сеништа. Специјалната полиција патролира, обидувајќи се да го сочува привидот од јавен ред и мир, во градот што веќе не постои.

Градовите, како Обреновац, Параќин или Крупањ, се прекриени со тони кал. Куќите се извадени од темелите и се расфрлени по околината, како искорнати заби на старец, кој, сега штрбав, талка по живата кал.

Потоа и земјата се побуни, се вознемири. Брдата започнаа да се тресат, проработија свлечиштата и одроните.

Во Крупањ, гратче во областа Подриња, со кое владее митската река Дрина, човек се чувствува како да влегол во зона на атомски проби. Градоначалникот бесцелно талка по градот, влегува и излегува од полициските возила, обиколувајќи ги селцата. Неколку метри кал по патиштата се претворија во прашина. Ноќите се помрачни од мракот, а секој ден е посив од следниот. Останаа само длабоките бразди од реката што се сјури од планината и ја остави својата трага на каменот, од кого водата сеуште капе, како да офка…

Не се повлекуваат црните езера… Никој и не сонува дека по некој ден ќе биде јуни, дека ќе почне летото… Циклонот што ја уништи Србија е наречен Тамара. Кои се тие кретени кои им даваат убави, женски имиња на циклоните што го уништуваат светот?      

Владата на Србија веднаш почна со постојани заседанија, а седниците беа пренесувани во живо. Премиерот, Александар Вучиќ, веднаш почна да издава работни задачи, нарекувајќи ја катастрофата библиска. Не погреши. Веднаш го испрати началникот на генералштабот на Војската на Србија, генералот Љубиша Диковиќ, искусниот трупен офицер, да ја преземе командата над одбраната на Шабац.

Еден од најголемите градови во Србија, имено, се наоѓаше во смртна опасност од полудената Сава, што ја полнеа здивените притоки. Беше тоа војна против побеснетата природа, та дури и патријархот Иринеј, во Соборниот храм, циклонската катаклизма ја поврза со најавата на геј-парадата, молејќи се со сите епископи дождот, конечно, да престане.

И, тогаш, се случи нешто неверојатно. Водата до гуша ни дојде, ама, тоа, најблагородното во нас, што толку тешко го препознаваме и го покажуваме кога е состојбата редовна, исплива на површината. Ене ги нишките робијаши, 1.158 покајници, кои се откажаа од еден оброк, под услов храната да му биде поделена на најзагрозеното население, разместено по колективните центри. Добро ли внимавате, го условуваат управникот на затворот со добротворна акција! Тоа се затвореници осудени за најтешки дела. Грешниците, значи, не бараат амнестија, не молат за намалување на казната, не поставуваат услови. Зад решетките, значи, се вовлекла човечноста, како онаа проклета вода што ги претвори рекичките во масовни убијци, што ги пробиваше бедемите, ги уриваше куќите, ги носеше луѓето…

Особено оптимистични не беа ни властите, кога бараа доброволци за спас на Шабац, ама, место чета, на договореното место во Белград, пристигна цела дивизија. Како што рече еден сосед, беше како во филмот „Маршот на Дрина“. Недостигаше само незаборавниот Љуба Тадиќ, кој ја одигра една од најубавите, машки улоги во југословенскиот филм, своеглавиот мајор Курсула. Непрокопсаникот, кој што стана херој.

Делиите и гробарите, навивачите на Ѕвезда и Партизан, кои што, главно, се пукаат по белградските сплавови на бреговите на Сава, а кога нема муниција, тогаш може и да се призаколат, овој пат заедно ги полнеа и ги редеа вреќите. Педерите и лезбејките, како што се зборуваше некогаш, или припадниците на ЛГБТ популацијата, како што е политички коректно да се наречат тие луѓе, ја откажаат геј-парадата и се дадоа на добротворна работа. Да дојдеа во спасувачка експедиција, а веројатно е така, рака под рака со хулиганите, ќе направеа бедем на бреговите на Сава. Кога беше потребно да се изгради утврдувањето за да се одбрани Термоелектраната и рудникот во Костолац, што е стратегиска, енергетска кота на Србија, благородноста продолжи да се шири како епидемија, па се затнаа сите патишта од силните доброволци, кои без наредба тргнаа на фронтот. Од толкавата хуманост, за малку ќе избиеше куршлус во енергетскиот систем на земјата. Фактот што во вонредни ситуации вонредно се буди алтруизмот, се чини дека е работа за лекарите за глава. Трагањето по одговор зошто е тоа така, се наоѓа во делот на потсвесното и психотерапевтите сигурно го имаат. Но, мислам дека ќе биде необично драгоцено тој одговор секој од нас да мора да го најде, за да останеме вакви, какви што обично не сме, кога сето ова ќе помине.

Одеднаш, во незапамтената непогода, потресени од страшните слики на поплавените градови, од децата кои ги евакуираа со хеликоптери, од стариците кои, на поткровјата на своите куќи, ги чекаа спасувачи, се случи, ама масовно, да забележиме дека нашите плакари се полни со нова, речиси, необлечена облека, што нашите деца одамна ја надраснале. Леле, колку се полни плакариве со кошули и сакоа, со години неносени, а колку некому совршено би му прилегале! Би го стоплиле некого. Би спасиле некого. Некому би му ја вратиле самодовербата и вербата во животот…

Меѓутоа, ние таа облека попусто со години ја чуваме и не ни паѓа на ум дека негде, надвор од нашите топли домови, живеат некои луѓе кои го сонуваат нашиот „секнд хенд“.

Во комформизмот на редовната состојба, кога стекнувањето материјални добра ни е наметнато како догма, а лакомоста, како особина, не движи напред, солидарноста стана непознат збор. Или, уште поискрено, тоа е особина што им пречи и ги ослабува нашите души во транзиционата трка по ништо…

Зарем, пред повеќе од една година, некои клинци во Белград не го снимија со мобилен телефон самоубиецот кој  сакаше да скокне од некој од мостовите, додека возачите од возилата му довикуваа конечно да скокне, за да се растовари сообраќајот, а тие што поскоро да стигнат дома – блиску до оние плакари со непотребни работи.

Поплавите, така, не сторија подобри. Многу свет им однесе лични ствари на оние, на кои сега им е потребна сува облека. Многу свет истрча во хипермаркетите, за да  накупи храна, што ќе им ја однесе на други. Познавам некои  што позајмуваа пари, за да купуваат за Обреновчаните. Познавам и некои разгалени девојченца, кои првпат не негодуваа што нивните играчки и облека одат кај непознати и промрзнати деца.

 Ама, кога ќе надојдат големи води, кога неволјата ќе се истури како цунами, таа носи се, па и талогот, тињата од дното. Го замислувам трговецот кој ги крева цените на водата и на храната, за да заработи на туѓата несреќа. Ги замислувам трговците со струја, кои трикратно ја креваат цената, за да ги оплодат, додатно,  десетиците или стотиците милиони евра. Овие поплави за нив не беа несреќа. Оваа голема, страшна вода, ги придвижи нивните турбини што требаше да произведат уште и уште профит…

Се обидувам да ги скицирам психолошките профили на тие профитери, ама и на ситните, одвратни апаши, кои се прикрадуваат во мракот кон напуштените куќи и ја пљачкаат онаа малку сиромаштија што останала… Треба да ги казнуваат со прекршочни пријави, со апсење или само со ставање на столбот на срамот? Каков ли е тој човек – лешинар, кој што буричка по напуштени домови? Ги замислувам како излегуваат од чамците, со вклучени батериски лампи, во гумени чизми и како буричкаат по ормарите, гледаат под креветите, се качуваат на таваните, ги разгрнуваат старите спомени…

И некои тајкунски души се одмрзнаа. Најголемите приватни компании испраќаат шлепери со храна и со вода. Газдите ги испишуваат бројките на сметките за помошта и верувам дека се искрени….

Сепак, ќе потрае ли ова единство во несреќава и по повлекувањето на големите води? Ќе го прекинат ли примирјето и ќе се обединат ли пак делиите и гробарите, ама кога треба да се кршат педерските глави, кои толку помогнаа овој пат?

Се чини дека ова единство не ќе потрае долго, ама, сепак, ја грее душата. Новак Ѓоковиќ веднаш ги алармираше Си-Ен-Ен и Би-Би-Си, повикувајќи ги да известуваат за катаклизмата, не само во Србија, туку и во Босна и Хрватска. Земјите што до скоро војуваа, сега се заедно.

Првата лига на Холивуд, од Кевин Спејси до Том Хенкс или музичарите, како  Еди Грант и силните рапери, се молат за Србија. Кристијано Роналдо и фудбалерите на Реал се сликаа, поддржувајќи го уништениот, некогашен, централен дел на бившата Југа.

 Ноле Ѓоковиќ  доби статус на маршалот Тито. Ама, мораше ли да надојде големата вода, па да станеме луѓе? Зошто, тогаш, се убивавме и за чија сметка, кога  сега сме сите собрани заедно, како промрзнати несреќници крај логорски оган? Имат ли, воопшто, мозок, луѓето од западниот Балкан, Југосферата или земјата што некогаш толку ја сакавме, да сфатат дека, на крајот, остануваме сосема сами?

 Да, обично така се случува. Сиот тој силен свет што ветува огромна помош, ќе исчезне како река што се враќа во своето корито. А на површината ќе останеме само ние, повторно лути едни на други и повторно скарани.

 И така ќе биде засекогаш. Повторно ќе наидуваат големи води, зашто природата, од време на време, има потреба да ја буди човечноста во нас. А, потоа, ќе се повлечат и ќе не остават сами со себе, надевајќи се дека, конечно, ќе пораснеме.

 Српската верзија на блогот проследете ја тука. Објавено: 27.05.2014