Банкарско-процедурална случка од животот

Можеби фразата „Секогаш постои начин“ звучи како инспиративен коељовски цитат или како древна фолклорна мудрост за оптимистички начин на живеење, но кога нештата индуктивно ќе се сведат на разни административни бизарности секогаш овој филозофски стимул се реинкарнира во практична поента.

На пример, доволно е само да се погледне човековата антрополошка поставеност наспроти некој банкарски шалтер и веднаш е воочлива асоцијацијата дека најголема невистина е дека никаде во општеството нема ред – не е точно, најголем ред од луѓе има пред шалтери. Некогаш човек треба во инстинктивното преживување во процедурите на деловната администрација да реагира во томасхобсов манир и рефлекс, најмногу поради економијата на време и нерви.  Но, иако непристојно и политички некоректно е да се генарализира, тоа не ја намалува парадоксалната димензија на разни административно-деловни процедури и одисејските шалтерски искуства на клинетите. А, за тоа ти треба начин. Всушност, „секогаш постои начин“. Банкарско-процедуралната случка од животот е едно  сведоштво на клиентот наспроти доминиумот на парадоксалните процедури и отуството на волја за комуникација преку начелото за добри деловни односи со неговото величество – клиентот. Драматуршки, банкарската-процедурална случка се одвива вака:

Клиентот:  Добар ден, сакам да сменам 20 евра. Пружа банкнота од 50 евра накај службеничката.

Банкарската службеничка:  Менуваме само цели банкноти!

Клиентот:  Па, цела е …

Службеничката:  Не, не разменуваме, не ги ситниме парите за да размениме …

Клиентот:  Но, тука имате етикета – „овластен менувач

Службеничката:  Менуваме само цели банкноти.

Клиентот:  Добро, тогаш да ми раситните и ќе разменам .

Службеничката:  Не ни ситниме, уште нешто?

 „Мооооре, сега ќе си играме малку , си мисли во себе Клиентот.

 Клиентот:  Да, сакам уште нешто, сакам да отворам девизна сметка.

Службеничката: Што?

Клиентот: Да отворам девизна сметка, тоа може нели?

ПОСТАПКА КАКО ПОСТАПКА

Службеничката:  Повелете …

Клиентот:  Ви благодарам, сега би сакал да уплатам 50 евра на сметката.

ПОТПИСИ ОВДЕ, ПОТПИСИ ОНДЕ

Службеничката:  Еве, готово …

Клиентот:  А сега, сега би сакал да подигнам 20 евра од мојата сметка.

Банкарската службеничка почнува полека да сфаќа…

Па подигнал 10 евра, па 10, па уште 10 и на крај ја згаснал девизната сметка.

Потоа разменил 10. Па уште 10. Цели банкноти. Колку што требал да размени. Следниот пат кога дошол, било – ене го иде оној лудак, оној што заврши работа за 2 минути.

Наравоучение: Катастрофа е тоа што  разни „лудаци и ѕверови“ секогаш им успева да ја завршат работата пред „нормални“ клиенти. Но, тука мора да се биде ЛУД, затоа што секогаш постои начин!

Објавено: 02.12.2012