Tрговските и комерцијалните спорови се за арбитража, а не за суд

Во принцип, современите правни практики Ви предлагаат одење на суд само во крајни ситуации. Трговското право и споровите поврзани со комерцијалното работење се толку струковно специфични и професионално насочени, што бараат од оној што ги застапува, а најмногу од оној што ги суди, навистина специјалистичко познавање од шпедитерското работење, кредитирањето, финансиите или банкарството.

Во Англија или во САД правниците би Ви кажале: се решаваме за арбитража затоа што е сериозен предизвик на една порота составена од пензионирани полицајци, водоинсталатери и службеници во пензискиот фонд да им објасните како е префрлена одговорноста за стоката во пратка со паритет франко местото на производство и како е наплатена банкарската гаранција без презентација на барани документи. Вредноста на спорот била “ситница”: само 4 милиони американски долари.

Кај нас важи истиот коментар, со тоа што ние имаме крајно незаинтересирани судии-поротници кои го преспиваат судењето од 4 милиони (како што би го преспале и од 100.000 денари впрочем). Ако кон ова додадеме дека судовите се пренатрупани со предмети (нормите се скоро неверојатни и судијата ни теоретски не може да даде квалитет), можете да претпоставите кога предметниот судија ќе навлезе во соодветната економска материја. За овој спор од 4 милиони на пример ќе му треба истражување на интернет околу 3 дена само да дојде до потребните дефиниции и економска литература. Па уште 15 дена само да чита литература која најчесто е на англиски јазик. А со англискиот јазик поголемиот дел од судиите се служат најчесто во нужна одбрана. А слушам дека и интернет немаат баш во изобилство.

На крајот кој ни го решава спорот? Па, се разбира, нивните величества овластените судски вештаци! Како го решаваат спорот? Па знаете веќе како го решаваат и колку им е знаењето! Во што е проблемот? Судиите, не сакајќи да навлегуваат ниту педа во економската проблематика, често пати (читај: најчесто) оставаат на вештаците да зборнат понешто и за правните факти или институти. Така, наместо да пресметува камати во горниот пример, вештакот ќе се почуствува спремен да ви каже и за моментот на преземањето на одговорност за стоката (исклучиво правен факт), наместо да го утврди редоследот на економските дејствија и потребните документи за реализација на банкарската гаранција, вештакот неретко “ќе се почувствува повикан” да каже дека “нему му изгледа дека гаранцијата со право е наплатена” и така натаму. Отиде предметот Smile

Оттаму, не е деловниот свет во стандардните демократии на крајот од паметот што створил клима овие спорови да ги решаваат специјализирани институции, избрани судови или популарно наречени “арбитражи”. За да заживее кај нас оваа институција потребна е мала промена во прописите и силна акција за популаризација на ваквиот начин на решавање на споровите помеѓу компаниите.

Верувам, судовите први би гласале “за” една ваква солуција. Преку глава им е од вакви спорови кои тешко ги разбираат, бараат силни економски истражувања, им се влечат со години, чувствуваат дека не можат да дадат свој придонес во разрешување на сериозни правни конфликти. Стопанските комори исто ќе се израдуваат – и така активностите им се сведоа на дневно предлагање што да се направи со новите 100 милиони кредит што Владата ги зела под скоро идеални услови.

Што би рекле Марксистите, трговските спорови на абитражите Smile 


Објавено: 31.07.2012