КOJ E МИША БЕКО: Дух, човек или и едното и другото?

Загатката со име Миша Беко се состои во тоа што тој еднакво активно го креираше и оној, дамнешниот, заборавен свет на политички и деловни месојатци, додека владееше Милошевиќ, како и овој, денешниов, во кој не е сменето менито на богаташите, туку само нивните манири, кога се крај трпеза. Оттука, енигмата – кој сакаше да го убие Миша Беко, во најголемите пукотници во Србија после атентатот на Зоран Ѓинѓиќ – е уште позагадочна и послоевита. Исто како и развојниот пат на Миша, чија вистина одвај може да се насети меѓу редови.

Пред неколку дена, Миша Беко ја напушти болницата. Сите мислеа дека е веќе мртов, откако непознат атентатор пукаше во него пред неговата вила на Сењак, елитен крај на Белград, потпрен на Дедиње. Едноставно, тоа е неуништливиот Миша Беко, најголемата тајна на српскиот бизнис и политика: дури и кога атентаторот со убаво лице, како што изјави полицијата, испукал два куршуми во Миша, од него се извадени – три! Со ова, најмоќниот човек во сенка, зеде провизија и по сопствениот атентат.

За Миша постои уште една легенда. Имено, дури и кога си ги држи рацете во џепови, си зема провизија од самиот себе. Оние кои што само слушале бајки за најголемата мистерија на првобитната акумулација на капиталот меѓу Србите, сигурно претпоставуваат дека трансферот од десниот во левиот џеб тој го прави за Миша да не го прелаже Беко.

Но, секој којшто некогаш се загледал во неговите топли, морски очи и го почувствувал рентгенското зрачење на тајкунското синило, после што горите и покрај мачкањето со ималин, знае дека Миша, со трансферот во Беко, само ја одржува фамата за најголемиот егзоцентрик на српската политика и бизнис: иако е одамна унапреден во дух, тој се има заколнaто дека никогаш не ќе се истера себе си од самиот себе.

Така тој живее како сенка од човек во сенка, кој што не постои никаде, освен секаде. Тоа го покажа и сликата по атентатот, што се смета за најголема пукотнца во Србија по убиството на Зоран Ѓиниќ. Кој друг можеше на исто место, пред Ургентниот центар, да собере толку шаренолики ликови, како што е некогашниот близок соработник на Слобо и директор на државната телевизија, Милорад Вучелиќ, па лидерот на ЛДП, Чеда Јовановиќ, потоа, најбогатиот Србин, Миодраг Костиќ Коле и бизнисменот Топлица Спасојевиќ, а во екипата да бидат и прочуениот артист, режисер и продуцент, Драган Бјелогрлиќ, со најпрочуениот српски адвокат и бранител на Слободан Милошевиќ во Хаг, Зденко Томановиќ… Како сите тие, со насолзени очи и толку различни во редовна состојба, се собраа, како збиен дел од еден ист тим?

Во српската, транзициона равенка што вечно тече, некои од нив меѓусебно се жестоки идеолошки и деловни противници. Ама, тоа е така само во лажливиот свет, видлив само за смртниците. Зад волшебниот ѕид на Србија, меѓутоа, што не го градеше Хари Потер, туку токму Миша Беко ги најмуваше изведувачите, значи, во зоните каде што владее вистинската моќ на политиката, бизнисот и медиумите и Вучела и Чеда и Зденко и Бјело ги одредува еден заднички именител. Тие, просто, му се пријатели на Миша Беко!

Затоа, за Миша не важи изреката дека карактерот на човек му го одредува списокот на неговите непријатели. Миша Беко е со поинаква структура на личноста, чиј карактер се детектира со списокот на имиња во неговиот телефонски именик, што го претставува софтверот на тајната моќ на Србија.

Пред Ургентниот центар не дојдоа уште многу такви имиња и презимиња. Подоцна, кришум, во болницата дојде и претседателот на Србија, Томислав Николиќ. Но, секако дека редот од именикот на Миша би се протегал од Ургентниот центар, па до владата и парламентот, за потем да сврти до клубот Привредник, место каде што се собираат најбогатите Срби. Тој ред, всушност, би го претставувал оној дел од општеството што се смета за победник на српската транзиција.

Кој е, тогаш, непријателот на човекот со најмоќни пријатели? Полицијата се’ уште трага по атентаторите. Дали пукаа професионалци или аматери? Се работи ли за големи игри и нарачано убиство од највисоките, неидентификувани врвови на моќта, затоа што во прашање се и голема математика и географија?

Но, ако тоа го сторил или го нарачал некој од ситните, деловни учесници од дебелата книга на добавувачи што Миша ја воспостави, тогаш, тоа може да значи дека никој од српските тајкуни, кои што, патем, не се одликуваат со монашки алтруизам во живата кал на српскиот бизнис, не може спокојно да излезе од својот стан.

Во тој случај, српската равенка повеќе не може да биде едноставна, затоа што има премногу непознати. Да речеме, тоа можел да биде очајник кој банкротирал, слично на пензионираниот офицер кој мафташе со пиштолот пред владата, баш истиот ден кога нишанеа во Миша.

Тој обичен свет, обележен и извикан како губитнички, е вознемирен и загрижен, додека чекори кон очајот. Мачното чувство на несигурност и враќање кон годините што најверно ги отсликува филмот „Рани“ на Срѓан Драгојевиќ, кога масовно се нарачуваа улични убиства, како што се нарачува пица, како и чувството дека сме заморчиња изложени на полиците на историјата, над кои се спушта надгробна плоча, со своите запаливи метафори само го подгреа еден од јунаците на тој свет. Верувавме дека таа епоха и припаѓа на праисторијата. Воислав Шешељ, ден по враќањето од Хаг, повтори дека не се кае што некогаш рекол дека Ѓинѓиќ е убиен.

Но, загатката со име Миша Беко се состои токму во тоа што тој, еднакво активно, го креираше и оној дамнешен, заборавен свет на политички и деловни месојатци, како и овој, денешниов, во кој не е сменето менито на богаташите, туку само нивните манири, кога се крај трпеза. Оттука енигмата – кој сакаше да го убие Миша Беко, е уште позагадочна и послоевита, исто како што е и развојниот пат на Миша, чија вистина одвај може да се насети меѓу редови.

Најголемиот илузионист на српската транзиција неколкупати ги менуваше агрегатните состојби, испарувајќи од основачките и сопственичките меморандуми, за пак да ги поприми контурите на човечко битие во некоја друга компанија, да ги умножи профитот и провизијата, да ги усреќи големите акционери, докажувајќи како српската еволуција, доколку ја доверите на вистинскиот човек, од неугледно коњче, за неколку милиони долари, создава нилски коњ! 

Многумина се обидуваа конечно да дознаат како започнало се и какви сили влијаеле Беко, од Сообраќајниот факултет во Белград, како лист носен од ветренце, да се спушти во маркетиншката агенција „Спектра“. Бидејќи во Србија ретко кој верува дека на местото директор на маркетинг на толку моќна агенција се доаѓа според едноставната формула – маса помножена со забрзување – виткиот, синоок Беко упаѓа во фирмата од која што, подоцна, на различни страни, ќе бидат катапултирани неколку моќни типови.

Тоа беше на почетокот на деведесеттите години. Во времето на првата љубов од интерес, неразделната четворка на „Спектра“ ја сочинуваа Зоран Ѓинѓиќ, потоа, прочуениот новинар, Александар Тијаниќ, којшто пред една година почина од срце, потоа Миша Беко и, на крај, Владимир Беба Поповиќ. Во владата на Зоран Ѓинѓиќ, Беба беше негов клучен играч, задолжен за соработка со медиумите, ама и со крупните играчи. Беба, всушност, ја водеше Србија за време на вонредната состојба, после убиството на Ѓинѓиќ, но, по доаѓањето на Воислав Коштуница на власт, тој исчезна, за повторно да се реинкарнира во Белград во епохата на Вучиќ, како моќен, неформален советник на премиерот, покрај истовременото, големо влијание во кабинетот на црногорскиот владетел, Мило Ѓукановиќ.

Во оваа мистична агенција „Спектра“, инкубаторот за обука на играчи, во кој, секој на свој начин, владееше со политиката, бизнисот, медиумите и сивите зони на влијание, настана веќе легендарната кампања на Демократската партија, под слоганот „Чесно“. Мозок на кампањата беше Ѓинѓиќ, мотор беше баш Миша, а комесар – Тијаниќ. Беба тогаш беше – момче кое ветува! Во тоа идилично доба на хиперинфлација, дилови и настанок на опозицијата, Беко, во „Спектра“, го научи златното правило:

– Тука научив да слушам, а кој ќе научи да слуша, умее и да наредува!

Момците од „Спектра“, сепак, се разотидоа, а меѓу некои од нив, особено меѓу Тијаниќ и Беба, започна војна, за која не важеа никакви закони на Женевската конвенција

Беко и Ѓинѓиќ станаа кумови, но, по пропаѓањето на договорот Ѓинѓиќ да биде премиер, во втората половина на деведесеттите години, кога Мира Марковиќ, Слобината жена, не беше баш среќна црвената ружа од нејзината градина да е премногу исенчена со жолто, бојата на демократите, Зоран Ѓинѓиќ одлучи да ја заостри борбата против режимот.

Иако го имаше демократскиот ореол на Зоранов кум и пропусница за најизбраните, Миша Беко сфати каде ќе се крие моќта во следните години. Оправдувајќи го својот потег со патриотски причини, тој влезе во владата на Слободан Милошевиќ, како илузија на демократската глазура. Беко бргу ги презеде главните работи во свои раце и го восхити Слоба. Како министер без ресор, ги водеше најважните државни парични трансакции, каде што, за прв пат, на големата сцена режираше претстава со фабула: како Западот му подарува на Слоба уште три години власт.

Режимот што одеше по работ на банкротство, во 1997 година, го спасија малку повеќе од 1,5 милијарди германски марки од продажбата на „Телеком“ на Италијанците. После големиот успех во бизнисот со Рим, кога милијардата и пол премина во Слобините одаи, Беко ја презеде и крагуевската „Застава“, при што, освен предлогот работниците со своите тела да ја бранат фабриката за време на бомбардирањата на НАТО, имаше идеја во фабриката за автомобили да се произведуваат цигари.

Ама, Србите не го испушија Бековиот „југо 99“ без  филтер. Иако се најде на црната листа на Европската Унија, Дејвид Коперфилд на српската транзиција повторно се трансформираше.

Од брокер на Слобо за трансфер на пари, стана либерален демократ, кој што ги оправдуваше уличните протести на опозицијата. Тоа беше уште една лекција на Миша за невидливоста, како најголема мудрост. Се зборуваше дека се сместил во неговата луксузна вила во Египет, се ширеа гласини дека го гледале на миланскиот пјаца Дуомо, како се врти на петиците пред бутикот Прада, сонувајќи дека пак ќе ја види Србија, ако сврти полн круг.

Никој не виде кога пак дојде, иако тоа сите го почувствуваа. Уследија приватизациите на српските млекарници, спектакуларното тргување со акциите на аранѓеловачкиот „Књаз Милош“, приватизацијата на белградските „Вечерње новости“, преземањето на „Ц“ маркетите, купувањето на Пристаништето Белград, што посебно го проучуваше покојната Верица Бараќ, задолжена за борба против корупцијата. По неа беше поведена истрага од Брисел.

Ама Миша никогаш не ја напушти својата стратегија на невидливост, за разлика од Мирослав Мишковиќ, кој стана жртва на неговата ѓаволска игра со Србите. Имено, додека Мишко толку силно ги убедуваше Србите дека ѓаволот не постои, а потоа, пред неговите купувачи, истовремено и во полн сјај се појавија и тој и маржите и компанијата Делта, дотогаш Миша Беко, подеднакво добар со сите владетели, со Слоба и со Ѓинѓиќ, со Коштуница и со Борис, со Тома и со Ивица, го задржа митот за Баја Паторот на српската економија, кој што претставува се, само не цртан филм. Затоа, во право беше еден голем, светски бизнисмен кога рече дека никако не може да ги разбере Србите, зашто во Беко го немаат Миша, туку огромен капитал!

И навистина, да имаат Србите макар промил езуитско во себе, сите девизни резерви би му ги предале на Миша, затоа што тој сето национално богатство би го прошетал низ лавиринтите на светските финансии, би ги оплодил и за себе би зел процент. И би молчел, се разбира!

Како и да е, таинствениот човек, за кого се знае само дека е роден во Херцег Нови и, речиси, ништо повеќе од тоа, повторно покажа дека е половина човек – половина дух. 

>> Српската верзија на блогот проследете ја тука. Објавено: 28.11.2014