Христијанска џамахирија Аеродром

Мистер Христијан Крстевски? Мистер? – на Ристе од Аеродром не му се веруваше дека на „џенемроуд шоу“ во Бурса пријателиве со мустаќи баш него го бараат. Ушушкан во претпоследниот ред на средината во салата за состаноци на малиот непрепознатлив хотел во Бурса близу автобуската станица, таман мислеше да постира турска песна на Фејсбук, среќен што барем овие три дена не мора да седи до ниедно време на седница на советот и да ги менува материјалите од минута во минута, зависно од дневното расположение на визионерски наапаните народни претставници.

Мистер? Да доаѓате да кажете некој збор за нашата братска околија Аеродром? Да кажете дали сме добредојдени во Аеродром, ќе давате ли чаша вода ако останеме без пари и инвестицијата ни пропадне, бе кардаши?

Ристе Крстевски, син на бурекџија и хигиеничарка, едвај завршил виша правна школа во дваесеттиот век, но навреме се вклучи во една кампања и десетина години во општината гради исклучително професионална кариера темелена на одлична манипулација со работни материјали, сега е одбран на инвестициска конференција да каже два збора за својата општина, колку истата е гостопримлива и како би ги дочекала турските инвеститори кои покажале неверојатен интерес да потрошат некоја лира.

Пааа, не само вода ќе ви дадеме и виски ќе ви дадеме! – се препоти Ристе додека не наиде на општа смеа во салата. Само вие останете без пари, ќе видите што е Аеродром, што е гостопримливост! Не сме случајно тука, не ве викаме да ви ги земеме парите. Ве викаме да си дојдете во вашата земја, мајка Македонија, од каде многу од вас избегаа за корка леб или од друга причина, знаете за што зборам!

Во салата одушевување. Фала многу ефенди Ристе, фала ти, не треба ништо друго, значи за леб нема да останеме гладни!

–  И даноци имаме најниски, и Европа ви е на дланка, ние сме вашата триумфална порта кон Европа, да знаете. И работна сила најевтина, тамам најевтина, да не ме разберете погрешно! – Во транс викаше Ристе кога под рака го водеа до своето место. Како поминав? – топ братче, топ, ние шо мислевме ти јавно им го кажа, да знаеш вака се застапува општина, ова мора во весникот да го напишеме.

Така некако одеше приказната за привлекување странски инвестиции во нашата мила татковина. Не еднаш нѝ  се има повторено од супер динамичните економски серијали на МТВ дека турската економија ситното што и останува да го дава тука, ние сме топ. Верувам дури и дека во име на најновото братство и единство се присуствувало и на натпреварот Галатасарај-Кајзериспор, каде редум сите биле завиткани во црвено-жолтите шалови на Галатасарај што така добро пасуваат со боите на Македонија. Галатасарај е Македонија, Македонија е Галатасарај! – викал во транс коментаторот на турското радио кога во 79 минута Галатасарај едвај изедначил на 1:1, мавтајќи насмеано накај својот премиер како условен рефлекс да не го избркаат од работа.

Додека по светот се фалиме колку со Турците станавме пријатели, до толку пријатели што и сред Водно пат би направиле до новата елитна населба над Сопиште (па и така Водно стана Платамона, зашто да нема и пат на среде), мала група граѓани со чисто христијанско потекло која, нели никој не може да ја контролира, решила да оствари еден сон кој го сонувале нивните дедовци додека живееле во селата околу Пробиштип и Валандово: во Аеродром да се дигне крст 56 метра! Ќе се сложите, таков крст не е лесно ниту да се отсонува, а камо ли да се направи, особено ако си од околината на овие гратчиња кои се бајаги далеку од скопската општина Аеродром. Па го заврзале аманетот во крпче, крпчето го сошиле во гунчето во кое се раѓале и умирале и така се пренесувал апелот до потомците: ако има маж по нас, патриот и верник, да направи крст во Аеродром, крстот да биде не помал од 56 метра. Ако во Аеродром клетите турци направат небодер кој ќе ја надмине оваа висина, крстот обавезно да се стави на постамент со кој ќе се нивелира горната линија и ќе се надминат сите објекти во околината. Ако има проблем од урбанистичка природа, да се бараат првите луѓе на Аеродром и Кисела Вода, министерот надлежен за прашања од културата обавезно да биде консултиран. И сето тоа спонтано, ни политика, ни црква ни бутур.

И во Јапонија да се случува дејствието веќе има подлошка за филм, камо ли во Пробиштип. Филмот пристигна драги гледачи!

Да направиш крст од 56 метри значи да обележиш територија. За да обележиш територија, треба истата да не е твоја туку кон неа да претендираш како да е твоја. Не сум видел сѐ уште некој да го обележува со крст својот двор или кај клупите пред зграда. Сигурно ќе го направат недоветен комшиите. Па макар обележувачот бил и владика.

Крстот јасно е христијански симбол. Многу е значаен за формалните верници. На пример од автомобил се повеќе гледам ЕУР1 голфови кај што крстот на ретровизор е толку голем што и смета на мадам додека вози. Па она затоа вози дваесет на саат. Па кога кочи без потреба секои пет метри крстот ја удира по лицето. Па сите се крстиме. Се крстиме и кога гледаме попови како возат најнови мерцедеси, додуша моделот шо највише личи на кола за превоз на ковчези кога ќе се деси најстрашното. Или се крстев онојпат кога бев на помен во соборниот храм и гледам како неделната молитва ја врши архиепископот клекнат на колена и на колена клекнати сите дваесет верници пред него, баш се пркрстив два пати. Што знам, се прекрстив и кога бев еднаш (и сам не знам како се најдов таму) случајно во летната резиденција на еден владика и он таму седеше во мантија, Рибок патики и си чепкаше нешто на Ај-Пед, а една цурка (веројатно беше монахиња – во таков стил беше облечена) помагаше по дома и секогаш кога ќе и заѕвонеше мобилниот како тинејџерка бегаше по куќата за намира да може да збори. Да не зборуваме колку се крстиме кога гледаме попови што шетаат по гробишта и не дај боже да сте отишле во посета на некој ваш во малку поголем број вика од далеку: да не треба нешто? Да не треба да се пее?

Значи, основната теза за да се гради крст е дека 90% од жителите на Аеродром се христијани. Што можеби е точно. Но, не е точно дека 90% се формални верници и дека сакаат формалните симболи на верата да им се физички пред очи кај и да мрднат. Не е точно дека истите се согласуваат гигантскиот крст да стои пред најмодерните небодери во маалото, што ги гради Џеваир холдинг. Шо на раце го носеа да дојде и да гради. За сега да го онадат со евтина религиозна финта. Едноставно, не е точно, се работи за обележување на територија и праќање јасен сигнал дека во Аеродром нема да се толерира нехристијански небодер. За кој се менувани специјално урбанистичките планови баш од тие што случајно беа присутни на полагањето на (божјиот) камен темелник. Небодер за кој нема ниту основна комунална инфраструктура. Чии најскапи станови гледаат во оџакот на цементарницата. Каде загаденоста е најголема. Каде никој нема одговор како ќе изгледа кога сабајле 1200 коли ќе излезат за на работа? Каде ќе се вклучат во сообраќај, кај хемиско на уличето?

Наместо да стојат со свеќа кај малата група на граѓани кои го остваруваат сонот на своите дедовци од Пробиштип, надлежните градоначалници треба да најдат решение за претходните прашања.

А свеќа треба да се пали редовно во црквичето кое е направено кај школото во Скопје Север, населбата која после територијалните пазарења личи на евтина разгледница од Кукеш некаде во седумдесетите. Каде не се мијат улици, не се коси трева, стока се продава на улица, а дупките по сокаците прераснаа во кратери. Во чија околина месните заедници се претворени во џамии и пред месните заедници масовно луѓето се поклонуваат на својот бог, означувајќи територија со своите тела. Таму потомците пробиштипски и нивните патрони треба да палат свеќи и редовно да ги вршат формалните обреди на својата вера. Ќе направат поголем крст од 56 метра сигурно. Ама ако имаа мадиња…

Бидете умерени, кротки, не правете му некому што не сакате да ви го прават вам. Љуби го ближниот свој, не го прашувај за верата. Каде ли сум ги чул овие зборови, ало Пробиштип? 

Објавено: 25.12.2013