Јани Трајановски

Два метри висок и сув, по малку буце што стално пази на исхрана, на салцето натепал плочки, а во мислите му е само Скопје и …..ништо више. Јани. Јани Трајановски. Скратено ЈТ.

Стои човекот гордо на семафорот кај цигланата пред Шутка и пред десетина страшно инвентивни медиумски работници (ги пратиле со слика и со тон кај семафорот да не отседнат дента во некоја кафана и да се жалат колку им доцнат платите во медиумот) образлага каков водовод накај Шутка ќе се простира во наредниот мандат. Што цевка ќе се ставело, ровови двеста на осумдесет (човечки димензии, нема што), полагање на цевовод рок до наредната сабота после избори, вода ќе тече ќе плачеме колку е питка. Милина. Гледа Трајановски строго накај север. Накај Шутка. Шутка е иднината сега-засега. Минатото е на југ, во Топанско Поле. Кое му припаѓа на Мендух Ахмети и тука Јани нема што да го занима. Од Топанско Поле се исели се што прета и што држи до себе, ама на ЈТ тоа денес не му е во агенда. Едноставно, не стои на тој семафор, бе шефе. Во Топанско е секогаш црвено, црвен бран. 

фото: Далибор Стајиќ

Од тука, правец Бардовци. Јани ќе брендира зелка, Трајановски ќе направи покриен пазар. Во пауза, заедно би направиле неколку градинки, базени и школи. Значи работниот народ од Бардовци од рано утро ќе биде во зелката. Попладне во базен. Навечер, со водата од базените ќе се полива зелката. Па со парите од зелката работниот народ ќе пие коктели покрај базенот. Ќе се пушта само со пропусница. Оти, како што би рекла една актерка на тема зависници од дрога: секој нека си ги прибере своите. А пола лето во селово со брендирана зелка нема притисок во водоводната мрежа. Пред проектираните леи за зелки и веднаш до пазарот шо треба да се покрие има траги од антички град. Градот се вика Скупи. Трагите се видливи со голо око, не дека треба да ги бараш во длабокото. Траги има и на улицата пред Скупи, потенцијалниот булевар. Трагата е во вид на кратерска дупка од пола метар која сигурно е античка и никој не ја ферма.  Но, Јани антиката не го занима, тој е против секоја антиквизација па и ако е наследна или асфалтна. Трајановски антиквизацијата го занима само во рамки на малиот ринг. Оти, голем ринг е само за големи фајтери. Малите рингови се измислени за вакви, два метри суви буциња со џуџести можности и Скопје во мислите. И ништо више.

Сигурен сум дека кога овој град ќе заспие, а заспива многу рано за мојот вкус, Јани Трајановски излегува да ги види плакатите со својот лик и си се диви. На еден плакат е како реклама за рок концерт во некоја Волкоебина од сојузната држава Меин, на пример. На другиот плакат црвено-жолтите тонови личат на боите на Галатасарај. Значи турски Вудсток ќе направиме од овој град. Заспаниот град кој прима морфиум полека веќе две декади и  убаво му е така во креветчето. Не знам дали би дал нешто Трајановски да знае како е да се сака град, да се биде Скопјанец. Оти, Јани прво не знае дека град не се оправа со собрани пет волонтери што штанцаат поздрави и честитки после работа. Трајановски ниту бил во диско до сабајле. Кога пешки од МНТ и само што се разденило и се враќаш со за тебе тазе запознаена особа и само ти е гајле како преку буречето од Цветан Димов ќе дојдеш до креветот во Чаир. Чист Чаир, без плакати и билборди. Сега Чаир е со билборди и не е баш чист, ама упорно и секојдневно се чисти!

Едно знам, Јани никогаш нема да се сврти накај Водно, Водно не му е фах. Таму ако се сврти треба да каже дека ќе најде решение за онаа беда од „алароваштрасе“. А не смее да има решение човекот. Трајановски не смее да има решение ниту за загадувањето. Оти загадувањето е во сфера која него не смее да го занима. Е сега шо дишеме канцероген дим веќе со години. Не, неговите белодробни крила се навежбани. Наежбана му е и совеста. Да не реагираат на дим. Оти, димот на димњачарите, другарчиња. Оџа или оџачар, исто му е на Јани Трајановски, дали се презиваш Бајрактаревиќ и во Тенеќе маало под касарната живееш без тоалет дома триесет години, баш го заболе, само Бајракот да не ти е погрешен, друже.

Но, кога Јани обзнани дека чудото на архитектурата ќе го посвети на невладиниот сектор, малку ми олесна. Оти, алтернативни другарки се секогаш бољи од деснораки инкасатори, нели? Е сега што невладин сектор нема, па лесна работа, зар еднаш другарчињата од партијата основале невладини организации? Трајановски на ова би рекол – јас работам дење, оти ноќе не се сечат дрвја и ниту се тура шљунак. Ноќе само дотур се прави. Дотур е само процес кој мене комплетно не ме занима. Може да биде од мејнстрим или алтернативна сепарација, андерграунд или сосема приземен извор, мене да ми е шљунакот сабајле на објект. Да фрчат багери брендирани во Косово или Бугарија, сеедно.

А, бе, лесно им е на стружани, им завидувам на кичевчани. Таму е цело зашто има се. И луѓево се конечно ослободени од демократските стеги да избираат помеѓу повеќе опции. Имаш само две опции: кал или калашњиков. Па, ако тргне таму, се надевам дека ќе се рашири таа пракса и наваму накај метрополата. Само, шо губевме време овие дваесет години?

Шо би рекла една директорка во Охрид додека со поетика на сунѓер ја услужува министерката (се извинувам името и фацата комплетно ништо не ми значат): динамиката на изградбата напредува со добро темпо.

Добро темпо и хај хо ти посакувам, Јани Трајановски, Скопје едвај чека да му се качиш, лепото!


Објавено: 22.03.2013