Лeка ноќ, Никола

Ќе го сретнев еднаш во две години некаде на сред пат или во град, секогаш забрзан и спремен само во два три збора да те потсети каде сме застанале со муабетот при последната средба. Задолжително насмеан во свечената сериозност. Времињата колку се тешки можеше да му се види во секој израз на лицето.

Никола Младенов, сигурно најголемото име на македонското современо новинарство. Да ти е мерак да го читаш, технички, суштински, како сакате. Неговите лични достигнувања се блиску до најсмелите соништа на најдобрите во фелата. Едноставно, својот животен производ „Фокус“ го направи поголем и од него самиот.

Зафркант каков што го познавам, сигурно би се смеел и на самата помисла дека некој треба некогаш да му пишува пригоден текст. „Има многу посериозни работи за пишување, Димитров, не туку го тепај времето!“ – би ми одржал буквица пред да затвори слушалка.

Но, премногу е значаен за да молчам. Македонија има многу малку такви и, што би рекол мојот пријател Саша Апостоловски од Белград, Вие бре не знаете да ги чувате тие луѓе. Па, не знаеме. Меѓу другото. А знаеме да молчиме перфектно.

Тука ќе прекинам. Ќе ми се вртат долго низ мислите неколкуте средби, стотината текстови напишани за Фокус, неколкуте месеци поминати заедно во Демократски Сојуз, излеговме истиот ден и колку што помнам никогаш повеќе не се сретнавме намерно.

Но, во ставовите за околината, нејзиното загадување и потребата за чист, свеж воздух во слободна Македонија, тука сме се среќавале секој ден, мил Никола.

Не верувам, како ни тој впрочем, дека по небеските пространства се талка откако ќе го напуштиш ова маало во најзначајниот натпревар во Недела, но, ако си се протнал низ вратичето на совршено малата веројатност и од некаде се зезаш со нас, би сакал да ти посакам лека ноќ, Никола. 

Објавено: 27.03.2013