Мајтапологија он лајн – регистрација на фирма нула денари!

Само оваа вест може да го сврти погледот на просечен Македонец од скопската населба Капиштец кој нема и не бара активно работа, додека два месеци е загледан во задникот на коњот на Чакаларов и чека инспирација за започнување бизнис. Му фалеше само еден ваков поттик, миг на совршена претприемчива идеја, па да се втурне во правење пари. 

Македонија сигурно нема да биде првата земја во светот каде ќе може да направите компанија ОН лајн. Додека ова го читате можете да си направите фирма во Канада, на пример. Но, сигурно ќе биде првата земја во светот каде нема да можете самите да направите фирма користејќи интернет, туку за тоа ќе би треба помош од стручен човек да седи пред вас и да сурфа барајќи ги полињата за „да” и за „не” во однапред подготвените формулари од милиот Централен регистар. Еден вид на „олеснител”. Стручниот човек нема шанси да е адвокат, оти адвокатите уште се кај кафаната во Кичево на собрание и нешто расправаат околу фискалните каси. Дополнително се опасни за пристап до Централниот регистар, а имаат и тарифа по која горе-долу ќе ви наплатат некоја пара за правење фирма. Според силата на спротивните аргументи, олеснувачот не учел никогаш за Закон за трговските друштва, нема тарифа за наплата на оваа услуга и комплетно не е јасна неговата стручна одговорност за формуларите кои ги пополнува.

Значи книговодител. Во принцип еден до двајца луѓе седнати во стан во Кисела Вода, затрупани со хартии ден и ноќ и работат во просек за 50 ЕВРА месечно ако фирмата не издава повеќе од 20 фактури во просек. Тој ќе го пречека нашиот млад генијалец од Капиштец за да му направи фирма? Ќе му го објасни Законот за трговските друштва? На пример ќе му објасни што е преддруштво? Ќе му објасни како се вградуваат во договорот за друштво одредби за исклучување на содружник? Што е статут? Се шалите?

Не, не е тоа целта на новото решение, целта е регистрацијата да се одвива ултра бргу (интернет), евтино (книговодител) и за нула денари административен трошок (Централен регистар). Сте биле бе луѓе во Централен регистар? Мислите за пари е таму работата? Па таму веќе две години секоја запирка во документите е поважна од било каква брзина, генијалци, странски инвестиции и на вашите баби чинтијаните! Суво злато ќе им дадете да ви ги примат документите, какви административни трошоци. Ќе прошол книговодителот со две недели курс по право, ќе пројде малку утре! Акти нема да поднесуваат, само формулари? Па нешто ќе мора да се шкрабне мајката за односите меѓу основачите, шо знам обично пишуваме два три члена. Или за одговорноста за штета на управителот. Во формулар, колку и да се думам, за одговорноста на управител не знам како ќе се стави. Или, идејата е да се стави се во фусноти: за ова види го член 272 од ЗТД или: за ова консултирај адвокат. Па чекај, тогаш што ќе ти е книговодител? Па сам ќе ги пополни формуларите младиот претприемач и ќе чита фусноти.

Се разбира, најмалку сакам да ги упатам читателите дека за да направите компанија морате да одите кај адвокат, скраја да е. Сериозен инвеститор или претприемач знае каде да се обрати. Па не одите ваљда во Веро во Тафталиџе да купите ефтини германски бомбони рефус! Но, и оние кои немаат за адвокат треба да можат да направат фирма и супер е тоа да го направат самите на интернет. Што ќе им се книговодители олеснувачи? За контакт со Централниот регистар?

Хммм, металната галија со пловен Вардар до Солун, Камениот мост пресечен на пола и се дига кога галијата полна со туристи од Јужна Кореја со спиење во Калитеа, поминува тромо пред Гирадико. На граница само преку палуба ги мавташ пасошчињата, а атрактивна грчка цариничка ти фрла летки за што можеш да купиш во првиот фри шоп, во марината во Поликастро. Трета идеја има некој?


Објавено: 16.05.2013