Македонскиот Робинзон Крусо во туристичка агенција

Основна карактеристика на автентичниот македонскиот туризам препознаен во колоритната физиономија на туристичките агенции е: група измамени туристи.

Патот на измамата започнува од симпатичните потемкинови седишта на туристички агенции каде ве пречекуваат насмеаните „туристички“ ликови кои ви нудат фантастични хотели, вили, апартмани, викендици, со разни парни и непарни ѕвезди, со неколку метри од море, со екстра погледи кон нешта кои широко ја креваат цената како раширеното забало на туристичкиот посредник низ кое блеска понизност до граница на сомнителна сервилност. И понудата на погледи се мултуплицираат со неверојатна брзина и перцептивен квантитет: сместување со  поглед кон вода, кон бранови, тушеви, кон бавчи, со поглед од небо, оркестар од комарци, со пат до центарот на Земјата, со поглед од Вселена, со поглед кон тајните сaтелити на Јупитер и С.Копјето на Атина, поглед кон сексуалниот сензибилитет на мистичното здолниште на Клеопатра и допирот на некој камен за кој се верува дека магично ја полни банкарската сметка на папсаниот турист, директен пренос од  журката во Млечниот пат, незаборавно патување 20.000 милји под морето, катапултирање 10 илјади метри над небото со поглед кон Жељко Самарџиќ,  свеж поглед кон клима уредот  кој се доплаќа како луксуз,  ендемично буљање во ахиловите табани на гркот Зорба разигран под балконот од 30 на 40 сантиметри обележеан во туристичката понуда како екстра широка тераса за сите туристички раси, кои би требало да бидат доволни пропорции за излежување и одмор на континенталното македонско тело во медитеранската инстант профит машинерија на водородните големи очекувања. Сето тоа е поткрепено со штанцани брошури и сајтови низ кои провејуваат слики од „генијално дизајнираните соби” кои имаат врска со реалноста колку што има  Англичанец одлепен од пакистански хашиш на Миконос.

Целта е постигната кога потенцијалниот турист ќе ја голтне јадицата на таа колоритно-фотошопирана туристичка уметност и од страната на агенцијата латентно ќе добие статус на битие со мозочна маса на риба. Така ќе биде и третиран во хорор патувањата именувани како туристички аранжман. Тие го знаат базичниот рефлекс на граѓанинот дека за разни попусти и понуди кои се таргетираат како ефтини ќе биде спремен да биде распнат на песочната голгота маченички како Робинзон Крусо во сакрален манир. Претпоставката е дека е спремен на се штом дошол кај нив и нема да мрчи. Затоа и буквално ќе го шутнат до дестинацијата и потоа рулетот на среќа за нормална (во егзистенцијална смисла на зборот) соба започнува, под изговор „па што да му правам, ваљда знае дека ќе го јаде стапот штом уплаќал кај нас, па баш за овде“. Тие го користат менталитетот на граѓанинот кој не сака да ги запознае правните механизми на заштита, односно изгубил целосна верба дека одредбите од копи пејст склучените договории институциитеможат да му обезбедат извесна материјана и морална сатисфакција.

Бројот на туристички агенции кои функционираат со мафиозен супстрат и УВ криминоген фактор на заштита, а се дел од мрежи на хотелиерски бизнис шеми се шири како епидемија затоа што ја користи дисфункционалноста на владеењето на правото, почитувањето на законите, добрите деловни обичаи, правната култура и традиција на луѓето да ги дробат со тужби баш како туристите во оние земји со „најубави плажи“. Целиот тој шминкерај на нови агенции во кои најубаво место со кое оперираат е нивното седиште, кое мора да даде убав впечаток за да полесно се продадат лагите, функционира по солидно разработен систем на измами, но тоа е така бидејќи системската употреба на тужби за претпен стрес, предизвикана анксионзност и психо-физичко малтретирање не удрил по здебелените џебови на инфлативниот број квази агенции кои штанцаат екстра профит. Оваа збирштина од профитери е производ на самите девијации во општеството и ништо не го објаснува отсуството на цивилизациски практики преку кои ќе бидат приклештени до принципот на туристичка професионалност од нивното фотошопирано лицемерие и храброст да лансираат луѓе во лавиринтите на анксиозната смрдеа и пЛАЖИ, или како што вели една „стара грчка туристичка поговорка“: Покажи ми што туристички агенции имаш, да ти кажам колку ти е правна државата…


Објавено: 30.07.2013