МАКЕДОНСКИТЕ КОМПАНИИ ВО СОЦИЈАЛНА МИСИЈА

Или како најлесно да пропадне кампањата за многудетни семејства.
Раководителката на Фондот за здравство (колку што разбрав од медиумите) имала одлична идеја која има тенденција да прејде во феноменална: месечниот надомест за породилно боледување на работничките ќе им го исплаќа работодавачот, овој стекнувајќи се така со регресно право да ги наплати парите подоцна од државата. Што подоцна, толку подобро. За раководителката и нејзиниот Фонд, се разбира.

Идејата не е ништо ново и е во согласност со општиот тренд на зајакнување на фискалната страна на македонскиот буџет и фондовите кои многу тешко се полнат и уште потешко се управуваат. Проблемот во лошо полнење на буџетот е многу јасен: Републиката не произведува доволно, не создава доволно вредност. А таму каде не се создава доволно вредност распределбата е само емотивна категорија, при што администрацијата емоциите ги има наострено повеќе кон хардвер отколку софтвер. Она што во моментов е поважно од дискусија за распределбата на народните пари е секако обидот на надлежните во недостаток на здрави приходи да ја полнат касата со парафискални намети кон граѓаните, а особено кон компаниите. Да потсетиме, односот кон компаниите и инвеститорите е тоа што Македонија во моментов ја издвојува во регионот, веројатно сме земја која најбрзо ја прифаќа инвестицијата, релативно бргу се основа компанија, даночните политики се ниски и прифатливи за свежиот капитал, особено добри за започнување со бизнис. Со парафискалните намети паѓа во вода секое стопанско добредојде, се создава ситуација во која на јасно во очи му кажувате на инвеститорот: добредојдовте, сега ќе ве онадиме!

Праксата покажува сурови бројки. Бројот на прешочните санкции и висината на казните, од една страна, е толку зголемен, што ниту надлежните институции кои за истите конечно одлучуваат (прекршочното одделение во судот и управните судови) не можат да го следат. Апсењето на повеќето од судиите на прекршочното одделение дава јасен сигнал дека државата не се шали со прекршочните санкции, односно ги смета како сериозен придонес во буџетот. Со Управниот суд веројатно администрацијата има друга тактика: префрлување на што повеќе прекршочни постапки во рамките на администрацијата, бидејќи се јасно незадоволни колку бргу судот може да ги одработи барањата, барем физички. Од друга страна ги имаме примерите на воведување на ГПРС фискални каси кои чинат во просек 250 ЕВРА и предлогот за исплата на породилното боледување од страна на работодавачите како две најнови мерки во плејадата парафискални давачки, што укажува на драматичен пресврт во основните постулати со кои администрацијата се гордее: дека е бизнис френдли и дека е социјална држава. Прво, во Македонија како никаде во регионот успешно се регистрира готовинскиот промет. Не знам како е во селата околу Гостивар и Тетово (можеби има мала деклинација од правилото на уредна регистрација), но во Скопје, Охрид, Пробиштип, Делчево, селата околу Гевгелија, сме биле сведоци на најуредно регистрирање на готовинскиот промет. Во ситуација кога имате таква генерално добра ситуација, чуму ви се ГПРС каси и плаќање на дополнителни 250 ЕУР? Непотребен удар по буџетот на компаниите, следен со ефектна кампања дека ќе ви го затворат бизнисот. Или во најдобар случај ќе платите 2000 ЕУР ако до тој и тој не ден не набавите ваков апарат што вака на прва не звучи вест како од „Дуинг бизнис“ рајот, туку како вест од предел помеѓу Молдавија и Русија. Замислете во Сан Хозе, Калифорнија или негде околу Сиетл по кафеата каде генијалците ги развиваат софтверските алатки на иднината, некој на радио им јави дека до таа и таа дата треба да набават фискален (блади) апарат со далечинско отчитување? Или во спротивно ќе им го затворат бизнисот? Не знам, веројатно ќе се јават по пријатели да прашаат кога ја пушеле последната цигара со благословена трева внатре, а потоа ќе направат кампања за најголема интернет шала на годината.

Втората категорија на парафискални давачки е многу поопасна. Да му кажете на работодавачот дека треба да го плати 9 месечното боледување на вработениот кој не придонесува во работниот процес е јасен сигнал за обајцата дека се последна дупка на свиралото на вашата агенда. Првите, работодавачите, ги терате секој ден да пазат кај се „движат“ нивните вработени жени, а ако тие многу пазат тогаш секоја акција за зголемување на наталитетот кај населението е осудена на пропаст. Муабетот дека државата ќе ги врати парите не проаѓа, компаниите добро знаат со каква динамика државата ги сервисира своите обврски. Не проаѓа. За вторите, вработените жени, ова е јасен сигнал дека не се повеќе социјално заштитена категорија во раниот период на мајчинство. Имено, социјално си заштитен ако државата ти гарантира определено право како заштитена група: во овој случај право на платен месечен надомест за породилно боледување. Тоа право не може да биде претворено во право на контрола над оние кои тој надомест се должни да го плаќаат, како што е на пример правото на плата. Правото на плата е универзално право од работен однос, правото на надомест за трудничко боледување не е, тоа е право специјално определено за одредена заштитена категорија работници, поточно работнички.

Оттука, последните потези не водат кон остварување на суштината на социјалната држава, туку јасно укажуваат на тенденцијата да се претвориме во социјална држава во „галоп“. Што е разликата? Социјалната држава се потпира на здрави, јасно втемелени приходи на правни и физички лица кои се чувствуваат слободни за работа и иновации и спремни се дел од своето „богатство“ преку државата да го редистрибуираат во соодветните, јасно определени социјални групи кои не се еднакви во шансите или можностите со нив. Во социјалната држава во галоп имате недоволни, лошо структуирани приходи на компаниите (каде огромен играч е самата држава со градежните работи) кои се надополнуваат со заеми кои самите, нели, ги лимитираме до 60% од БДП што значи времето за задолжување се скратува на најмногу 3 години во иднина. Недоволните приходи го зголемуваат притисокот врз компаниите кои ја преземаат социјалната функција од државата. Ослободени од ваквите функции, административците измислуваат ад хок социјални категории (пензионери кои немаат за автобуска карта, категории кои не плаќаат жичара, категории на кои им се простуваат долгови, помлади од 12 години) на кои државата директно им субсидира важни трошоци во животот. Што опасно ни’ се заканува да не претвори во Султанатот Брунеј. Само што, да потсетиме, немаме нафта. Сега засега.

Објавено: 04.11.2014