На ова безобразование му треба итна реформа, која упорно никој не ја прави

Нашата политичка елита утврдила дека се неопходни промени во образовниот систем на земјата, што е ноторен факт за кој исто мислење веројатно имаат деведесет отсто од македонските граѓани. Никој паметен нема да оспори дека нешто треба да се промени и тоа од корен. Но, политичарите повторно не си ја работат својата работа темелно, посветено и на научно поставени темели за бенефит на општеството, баш спротивно на профилот на професор, учител или образовен менаџер што сакаат да го постигнат.

Да застанеме веќе кај првата фаза, зад реформата нема научно или социолошко истражување кое точно ќе покаже какво образование сме имале во минатото, кој дел од образованието бил проблематичен, каква е перцепцијата на граѓаните за образованието на своите деца или каква е перцепцијата на компаниите за историскиот квалитет на вработените кои доаѓаат од различен сегмент на образованието. Да потсетиме, анализите и истражувањата се темелите на секоја акција, на секоја инвестиција. Истражувањата што им претходат на крупните реформи се прават повеќе години, на транспарентен начин, со примена на сите достапни методи на истражување, а резултатите од истражувањата се претвораат во бројки, во графикони и се објавуваат со коментар. Такво истражување не е направено, значи немаме појдовна точка за акција, за реформа, за инвестиција. Тоа ви е како да сакате да направите и да воведете нова линија на производи, а да не направите истражување на пазарот, да не направите анализа на вкусовите на потрошувачите, да не ги согледате пазарните трендови или барем да не согледате дали во минатото во архивите на вашата фабрика не сте имале сличен производ што треба да се редефинира, да му се даде нов изглед или сјај, па да се пушти во производство. Нашето политичко раководство многу добро се снаоѓа во економската терминологија (барем јас имам таков впечаток дека нонстоп се во математички формули и нивна примена во економските текови), па лично сум зачуден зошто не сакаат да ги направат работите темелно. Зашто, ако ги направат темелно, никој нема да се возбуди за реформите во образованието. Едно истражување многу едноставно ќе ги покаже слабостите на системот и на производите што ги создал тој систем: завршени студенти кои се многу далеку од потребниот профил на стручњаци што ѝ се потребни на модерната економија.

Политичките лидери, всушност, тргнале оттаму, од производите: јасно гледаат дека со дипломите, кои денес се добиваат од македонските факултети, младите дипломирани можат да „се сликаат за табло”. Во превод ова значи дека ако во времето кога јас сум завршил Правен факултет во Скопје ми биле потребни три месеци приправничка работа за да можам самостојно да преземам дејствија во адвокатската канцеларија под надзор (но не и диктат) на постар адвокат, денес дипломираниот на Правниот факултет не може да го стекне тој степен на самостојност за помалку од две години стаж и тоа ако е најдобриот во генерацијата!

Да ги потсетиме политичарите кои не си ја завршиле домашната само на кратки мигови од не толку дамнешната историја: во поранешниот систем, пред самостојноста, имавме стабилност во општествените односи четириесет и пет години. Покрај безбројните слабости и неинвентивноста на системот, идеолошката обременетост на сите социјални активности и слични минуси, кои можат да се припишат на зачмаениот вештачки социјализам на навидум еднакви и полусиромашни луѓе, еден плус на системот е тоа што тој во својата зачмаеност е стабилен или навидум стабилен, без особени потреси во подолг временски период. Во таков систем образованието ги задоволува сите елементи што ги бара тој систем: имплементација на идеолошката матрица на избор на партиски членови за носечка сила во образовните институции (со чесни исклучоци сите професори на факултетите, средните школи, учителите и сл., како и сто отсто од образовната администрација се партиски членови), како и задоволување на наметнатиот стандард за високиот процент на деца кои завршуваат факултети во социјалистичкото општество, оти нели тоа општество е попаметно од трулиот капитализам. Под „б”, секогаш се зборуваше за квалитетот, односно неквалитетот во образованието, па се правеа реформи кои навистина личеа на претурање од шупливо во празно (се сеќавате, ќе имало или ќе немало класични гимназии, насочено образование, напливот на стручните училишта и слични глупости со години). Но, сите овие млатарења празна слама беа „примерени” за времето во кое се живееше: време кога идеолошки, стопански и социјално ние сериозно млатиме слама и реално ништо друго не правиме. Во таква зачауреност цветаше профилот на добриот учител: едноставен човек, домаќин, пристоен оти немал кога и зошто  да се унепристои и те учи нормални нешта, кое животно дава млеко, како се решаваат равенки и каде се наоѓа Австрија на карта. А образованието во суштина е тоа: да ги научиш основните нешта кои те дефинираат како човек, како биолошко и социјално битие со одредено ниво на знаења примерени за твојата возраст. Ги стекнуваш основните вештини и вредности, разбираш дека треба да се потрудиш за нешто да постигнеш во животот. Тоа е единствена позитива, се разбира дека физичките услови за одење во школо беа катастрофа која од година во година се влошуваше. Се сеќавате на валканите тоалети, тацните на кои ни носеа лепчиња колку беа чисти, во каква состојба беа масите и столчињата, па и таблите, а за приборот за јадење да не зборуваме. Главен проблем и во тоа време беше нивото на високото образование. Учебниците беа стари, неквалитетни и полни со идеологија (барем кај нас на Правниот факултет во Скопје), професорите предаваа по иста матрица (чест на два-три исклучоци), новите тенденции во правото апсолутно не беа загатнувани, а практичната работа беше мислена именка. Времето по осамостојувањето на републиката за образованието е погубно дури и во основната динамика на процесот: тоа доведе неминовно до турбуленции во зачаурените општествени односи, партискиот живот и честите промени во власта не му даваат можност на образованието „да си спие и да си тера”, туку во согласност со неверојатната потреба со секое доаѓање на власт новата елита да прави „систем” одново (да не зборуваме за згради, споменици и водопади), образованието е претворено во безобразование, значи претворено е во куп на суетни персони и институции, фрлени со партиска изборна динамика, без ред (барем да ги наредеа по висина како на часовите по физичко), од различна политичка провиниенција, гладни за имот, за раководење и за хиерархиско напредување по секаков основ (се разбира, чест на исклучоците) без да си ја вршат својата професија барем според основните правила: редовно на работа, пишување на научно истражувачки трудови со одредена релевантност и комплексност, според стандардите на професијата и со вградување на својата личност, етика и искуство во педагошката работа со идните дипломирани во државата. Се разбира, хаосот и безредието се направени системски: утврдено е дека проблемот на образованието е недостатокот на конкуренција во него, па се направи одборот за акредитација, па одборот за акредитација им даде акредитации на гранапчињата на Бојо, Фијат, Мони и Аце (по имињата ќе ви текне колку се јаки) и сличните на нив и ги направи универзитети, колеџи и факултети. Па овие сфатија дека немаат професори, па ги ангажираа, нели, нашите доајени, кои и така не си ја вршеа работата на својот матичен факултет, па немаше проблем исто така да не си ја вршат работата и на приватните гранапчиња на убавоименуваните погоре. Па се раздаваа дипломи, на кило, на метро, во боја и по разни церемонии (Симпли де бест има церемонија за давање дипломи мислиш Харвард се завршува кај него и зелена карта добива секој петти студент). И сега доаѓаме до почетокот: премиерот гледа дека со овие дипломи можеш „да се сликаш за табло”, гледа најмногу зашто овие со дипломите од гранапите на Бојо, Фијат, Мони и  Аце Симпли де бест најмногу завршија во јавната администрација по партиска линија (зашто во приватниот сектор одамна со овие „дипломирани” никој не сака да разговара, а камоли да им даде шанса да работат) и гледа дека со дипломите нешто „не е во ред”. Ако на нив се придодаде историски слабото и дефокусирано државно високо образование, сфатил премиерот дека е последно време нешто да се преземе. И нормално, наместо да преземе системски чекор, тој по усталената практика направил проект. Еден од двете илјади проекти кои упорно ги најавува и ги спроведува без да се грижи за целосноста на системот. За водител на проект става човек – министер за образование кој не може да зборува авторитетно за ниту една буква во областа и удира право во ребра: нема да ја признаам вашата диплома ако истата не биде верификувана според некој стандард, што во принцип и не е толку страшно. Но проблем е што при таква проверка, треба повторно да се внимава на транспарентноста, правната основаност, независноста и квалитетот на оние кои ќе ја спроведуваат проверката и слично. Да ги оставиме овие „техникалии” настрана, иако сме свесни дека и техникалиите можат да ја загрозат автономијата на универзитетот и тоа со право се става на дневен ред сите овие месеци. Да се занимаваме со суштинските работи:

ШТО САКААТ СТУДЕНТИТЕ И КОИ СЕ ПРИДОБИВКИТЕ ОД НИВНИОТ ПРОТЕСТ

Студентите по дефиниција се најпрогресивниот и најлибералниот дел на општеството. Тие немале кога да се расипат и тоа е нивниот најголем плус. Не можете да тврдите дека од овие или оние мотиви некој ги прелажал и излегле на улица. За да се покренат десетина илјади млади луѓе, нешто навистина морало да ги заболи. Нормално, истите не протестираат само заради еден испит повеќе. Протестираат бидејќи чувствуваат, исто како и премиерот, дека нешто не е во ред. Тоа што не е во ред е општество без изграден систем, без изградени претпоставки за ослободување на креативна енергија и слободна мисла. Општество во кое тие со својата диплома и со своето знаење можат „да се сликаат за табло” или во втора опција да почнат да лепат партиски плакати, како што лепат нивните колеги кои студентското здружување го сфатиле како професија или долг кон некоја партија. Но, има многу плусови од нивниот протест. Прво, општеството доби генерација која излегува на протест: тоа не се случило од протестот на младите ВМРО-вци по повод употребата на македонскиот јазик во државата. Тоа секогаш е плус, на општеството му треба таква генерација, а не генерација на безгласни букви кои се сложуваат со „сексот” кој им го намениле постарите, им го нацртале по нивните приватни медиуми и им пратиле покана еден ден да им се придружат за заедничка светла иднина кога десет политички создадени богаташи ќе возат „астон мартин” по Охрид и Струга (се надевам и двата града во иста држава), а овие младиве ќе стојат со ладалата во ред за да им ги оладат напатените гениталии. Второ, децата се многу паметни и културни, што треба да е гордост за секој разумен во општеството. Не се насилни, културни се, бистри се, дадоа малку изјави кои интелектуално далеку отскокнуваат од изјавите на сите македонски министри од самостојноста до денес (ви текнува ли на изјавите на Бузлевски за овулацијата или на Јанакиевски за плажите и белите листови хартија пред неговата врата неодамна). Трето, тоа се изјави на луѓе кои сакаат да останат во својата држава, а за мене ова е непроценлив факт. Како што Владата се бори за секое работно место, така треба да се бори и за секој студент да остане во државата и утре да ја води напред и да ја менува.

ШТО САКААТ ПРОФЕСОРИТЕ ОД ПЛЕНУМОТ И КОНТРАПЛЕНУМОТ

Професорите од пленумот се на тотално различни позиции од студентите, само доволно се зрели и технички потковани да глумат дека „еден чадор сите ги собира”. Апсолутно не е така. Студентите под изговорот за борба за автономија на универзитетот ја чуваат својата слобода и протестираат за промени, а поголемиот дел од професорите ги чуваат своите работни места и правото малку да работат, да немаат одговорност за идниот успех на своите студенти, а сепак да се викаат професори. Не чувме ниту еден аргумент во одбрана на нивното право да не продуцираат научни трудови во меѓународно влијателни списанија. Не чувме ниту еден аргумент против колегите кои не се појавиле на факултетите со години, не работат ништо и уште се вработени. Не чувме ниту една самокритика и предлог за своја „жртва” за промени. Која е жртвата на професорите за идните промени? Тие небаре испаднаа совршени. Па поголемиот дел од нив немаат ниту основна комуникација со студентите, практични знаења имаат многу мали, нивото на нивната доедукација е смешно, законите во чие создавање учествувале се променија по десет пати и тие секогаш повторно учествуваат во „промените”. Зарем мислат дека некој сериозен ги поистоветува со студентите?

Најголемиот дел од професорите од контрапленумот ги почувствуваа своите пет минути и тргнаа во борба кон комоцијата која во идното устројство ќе им ја даде политиката во мисија на благодарност за она што го прават денес. Денес разбраа дека нивните колеги не пишувале, не работеле, биле мрзливи и не учествувале на конференции? А, тие демек се факелите на просветата. Не, туку денес почувствуваа дека нивниот глас вреди суво злато и е фина инвестиција за иднината. Затоа гукнаа.

ШТО САКА ВЛАДАТА

Не ми е јасно зошто Владата за свој партнер во разговорите ги одбра професорите од пленумот и контрапленумот, а не оние кои им се природни соговорници:студентите. Владата повторно прави стратешка грешка, ако ги земеме предвид интересите на нашата држава: одбира противник кој ќе го претепа во втората рунда со класичен нокаут и потоа тринаесет рунди ќе биде сама во рингот. Не ми се верува дека тоа го сакате! А бе, луѓе мои, што ќе правите тринаесет рунди сами во рингот, ќе играте балет? Ќе им плазите јазик на гледачите? Не ви здодеа, па истата игра ја играте со грогираниот СДСМ пет-шест години, сите гледаме дека тие се паднати во бесознание, а вие им давате вештачко дишење со години. За доброто на оваа држава, Владата треба да седне да разговара со студентите не само за испитот, туку и за многу други прашања. Да им вети јавно и искрено дека дијалогот меѓу политичката сила, која вложи милијарди во инфраструктура во оваа држава, и општествената сила, која за толку кратко време раскажа толку многу умни работи на протестите, ќе биде основа за градење на идните вистински темели на општеството. Ете ви ја опозицијата која би сакала да работи, која има аргументи, со која можете да соочувате тези и бројки. Што ако не е партиска опозиција, доволно е што е општествена опозиција, што мисли поинаку од вас. Ветете им промени, ветете им инклузија, ветете им гаранции за непречен развој на нивните идеи. Замолете ги да останат во државата и да продолжат да протестираат за сè и сешто. Оти, не ми се верува дека владејачкиве политичари се толку плитки и мислат дека „сè не тече и сè не се менува”. Јас да сум, овие студенти не ги пуштам да ми излезат од куќа. Би си помогнал многу, а вие размислете добро акцијата „отворени врати” да потрае малку подолго.

Објавено: 16.01.2015