Неликвидност и наплата на побарувања

Ги следам со голем интерес прикаските за светската економска криза. Во глобала прикаската личи како на почетоците на Македонската транзиција: прво се појавуваат некакви пари од некакви работи. Кои пари и од какви работи не е упатно, а веќе ниту ни пристојно да се зборува. Некои мислители (ако воопшто во политиката овој збор се важи) во исклучителен вознес проткаен со правно незнаење создадоа впечаток дека некои пари некаде биле украдени и дека, ете, ќе се направи ревизија на приватизацијата.

Пустото, секој студент на право во трета година знае дека ревизија на приватизација нема и дека правото мора да следи одредени принципи за да може и логично да се примени. Во типичен случај би се одело по трагата на парите. И би се примениле одредбите од казненото право. Бркајќи крадци со убави костуми и неколку милиони eвра во торбите. Но, нејсе не се применило казненото право. И нема да се  примени.

Парите што  се појавуваат, вака или онака, се групираат во банките. Банките го финансираат понатамошниот развој, односно ги финансираат желбите или можностите на компаниите и физичките лица. Прудентните банки се разбира дека ги финансираат можностите за купување и логичен развој. Се сеќавате: бизнис планови, сто пати одбивања за кредит, на крајот нешто и ќе финансираат. Помалку прудентните банки ги финансираат можностите, но често и желбите на малите големи самопрогласени тајкуни на Македонската транзиција. И тајкунчиња кои сакаа да личат на нив. Многу од нив и основачи на банки! Некаде пред 2008 година (година до која течеше мед и млеко, се купуваше на ангро и се бележеа неверојатни плусеви на секое ниво), во САД пропадна идиличната слика која главно беше создадена од надуени трансакции со финансиски деривати. При еден теле-конференциски состанок со луѓе од Лондон пустите со жалење ламентираа како можеме финансиските деривати да ги сметаме за хартии од вредност. Море Македонска сељанчаана не знае ништо! Зашто тие, во една од најголемите банки од Лондон, дериватите ги сметаа за воздух. Воздухот кој нели успешно се продава. А воздухот, вака сељачки земено, е еден голем балон кој порано или подоцна ќе се избори за својата слобода. За својата агрегатна состојба. При едно вакво големо ослободување (да не речеме испуштање на гасови), почнаа да се пребројуваат хипотекарните обезбедувања и нели умните од Њуjорк и Лондон “сфатија“ дека се во минус. Од неколку илјади трилиони Евра!

Државите, како сакате земете, се создадени од низа комплицирани моменти, во кои најдобро се снаоѓаат сепак истите овие супер-типови. И нормално дека државите, со парите од обичните граѓани и малиот бизнис (малиот бизнис во Германија создава над 70% од богатството и над 80% од работните места) ги санираа супер банкарите. Македонците, душички како и секогаш, прво сметаа дека светските надолни трендови ќе не одминат, затоа што нашата економија не е зависна од светската. Демек, Хуго Бос сако се шие само на полна месечина од две посебно надарени Германки без никакви врски со, да речеме, селанките од гратчето Гоце Делчев во Бугарија. Арно ама, Армани се шие баш во таа селендра! Како што и кај нас се шие Најк, Гап и друго колку да сакаш.

Сега, Македонија конечно во 2012 година се наоѓа на опашката на таа светска рецесија. А моментално и  опашката е во вода! Она што не одржува како држава е ниската задолженост и можноста да земаме пари од банките. Не сме ја научиле лекцијата и не работиме повеќе, немаме поубав финален производ и не се обидуваме да произведуваме и продаваме. Не се враќаме назад и не се бориме системски за подобро образование. Не стануваме супер-транзитна држава низ која брзаат возови со 300 километри на час. Во таква ситуација имаме на сцена општа неликвидност, односно се соочуваме со фактот дека пари нема доволно. Во ваква околина се јавува феноменот на задоцнетото плаќање. Во овој момент во Македонија рокот за наплата на побарувањата е околу 6-8 месеци. Што за секоја економија и за секоја компанија е поразително. Светли точки се само компаниите со дневни приливи на средства (основна храна, вода, струја, телекомуникации) и компании со конкурентни производи на светскиот пазар, бидејќи од таму плаќањата сепак течат нормално. Но, овие компании се опфатени со втората, психолошка рецесија, односно калкулирањето со рокот за плаќање.

Се согласувам со сите оние кои тврдат дека треба многу години за во Македонија да дојде свеж странски капитал. Уште повеќе со оние што тврдат дека и овој бавен процес е успорен заради големата криза. Но, државата мора да обезбеди мерки за повторно воспоставување на ликвиден пазар. Мала анализа на бројот на предметите во судот ќе покаже дека споровите помеѓу стопанските субјекти е неверојатно зголемен и сите се со ист основ: неплаќање по неспорни фактури. Затоа, како и многу други земји, Македонија треба час побргу да донесе закон за финансиска дисциплина. Државата и сите други пазарни субјекти треба да се задолжат со Закон да ги плаќаат своите достасани обврски во рок не подолг од 30 дена. Неплаќањето во рок треба да се казнува жестоко. Само на овој начин ќе се воспостави стариот добар ред. Кога беше срамно да излезеш во село пред кооперација и некој да те посочи со прст дека не плаќаш на време. Се добиваше стап за тоа. Море сто стапа!


Објавено: 24.09.2012