Од магаре до мечка – во експертот е „вистината“

Експерти за ракомет, експерти за демократија, експерти за односи со јавност (пи – ар), експерти за пазарот (пи-љар), експерти зa пошти и поштеност, експерти за експерти, експерти за експерти на експерти, експерти за експерти на експерти на експерти, контра експерти за експерти на експерти на експерти.

Да светеа очите на експертите, Македонија навечер офтамолошки ќе светеше ко Лас Вегас и земјата ќе имаше блескав бенефит во производството на  светлина еднакво блескава на кирилометодиевско просветлување. Бар ќе имавме некој ќар, што би рекол Цепенков, експерт за дијагностицирање глупавост кај човекот.  Веројатно експертската инфлација е неминовен след на колективниот експертски транс и пропагандното десеткување на сивата материја, засилен со емотивниот набој на ориентално-кардио телевизиски серии како последно прибежиште од психолошкиот товар на експертизата и читателската јавност. За се создаде таква фасцинантна читателска јавност потребно е многу – читање, анализа и експертиза, кажано со здебелениот јазик на експертите.

Аспекти на  домашна „кежуaл“ читателска јавност: од што многу чита затоа дадаровата школка беше најчитана дневна вест, затоа што е аристотеловски зоон политикон затоа порно клипот на српска пејачка беше најчитана вест во екот на легендарната „револуција“, затоа што многу чита затоа нон стоп е обесена на линкови читајќи порно-санитарни мотиви, затоа што многу чита затоа во книжарите се чекаат редици за книги по иста цена со кафе, пиво, родео меко и стандардното неминовно оговарање кое служи како новинарски супстрат за вести и истражување. Затоа што многу чита затоа редовно ги впива рубриките кој пратеник се оженил, каква правосмукалка дала вујна му за подарок на свадба и од која слаткара спакувал торта, затоа што многу чита затоа е катадневно опашана на фејсбук како врв на читателски дострел и постојан непресушен извор на „литература, идеи и животна филозофија“, од што многу чита затоа вести од култура се залепени до некролози.

Едно достоинствено почитување кирилометодиевското наследство и навиката на читање како единствен суверенитет на народот, што би рекол Кант, експерт за дијагностицирање на човековата мрза и лажен морализаторски ентузијазам. Потоа зошто ректорските експерти и наследници на Климент како прв „ректор“, на универзитетот уште подоследно ги почитуваат неговите принципи и традиции? Најпрво затоа што ова не се обични народни експерти  – смртници, ова се експерти – богови од сивите бетонски височини, а потоа затоа што Климент скромно „возел“, магаре како превозно средство, а денес скромно се јава и вози мечка. Затоа што македонската наука не е симната од коњ на магаре, таа е качена од магаре на мечка. Симболика е во прашање, анимален дискурс на возен парк. Тоа може да се согледа и со една проста прошетка како што Аристотел, експертот за дијагностицирање на етиката кај експертите, ги практикувал своите предавања, ама овојпат низ факултетските паркинзи. Да се види дека мечката не заиграла само на ректорскиот паркинг туку дека влече аналогија и историјат од сјајниот шарм на дупло поскапи автомобилски машини кои ги вози кадар задолжен да промовира педагогија и етика. Но, што да се види од однесувањето на прилична процентуална застапеност на „вистинските“ експерти, освен она – најсуштинското: професори кои во холивудски манир се трескаат до небо со своите сјајни просветителско –автомобилски купеа, лимузини и џипови низ факултетските паркинзи купени од “сопствени извори“, излегувајќи од нив ко Џек Николсон и Опра Винфри со папки од тестови под мишка, влeгувајќи отсечно низ врата ко Џон Вејн директно во бифе и фрцкајќи се нежно шармантно наоколу со цвикера за сонце на очи триумфално ко да газат црвен тепих на холивудска премиера, зашeметени од блиц погледите на студентарија која со геврек и јогуртче во рака ги очекува над два часа да дојдат на закажано предавање оти биле зафатени низ акање по политички субјекти и продавање на мозок за љомзење монетарни амбиции со што би можеле „идеологиите“ да добијат препорака како богојавленското аминување на универзитетски персони огоени и вгензедени за латентна монетарна слава ко сарма на слава. Инстант тезгарошење, корупција, користење на социјалниот статус како отскочна даска за „повисоки“ цели, шиткање на обременити учебници со непотребни работи колку да се здебели килажата со воведи преведени на кинески, полски, бразилски и монголски ко да е стока на пазар за да и таа пресувана хартија ја одреди висината на килограмската цена. И сега одеднаш мерцедесот како парадигма е скандализација? Во земја во која читателската јавност е девалвирана, сарказмот на експертизата е реалност, а центрите кои треба да се мајка на душата постануваат центри на мамонистички култ – тој е само природен след на „педагошкота“ холивудизација на универзитетот… Од прашливите сандали на Свети Климент до прашливите гуми на Светлиот Мерцедес – во експертот е „вистината“…