Опа, Миќо: Лажни докторати, вистински силиконки и скапи млазњаци

Дали дебелушкавиот, шеесетиедногодишен Миќа Јовановиќ, кој е, истовремено, најголем гениј, најголем расипаник или најголем измамник во модерната историја на Србија, настана како митско суштество во непожелниот брак на Џејмс Бонд и Дел Бој, шармантниот јунак од легендарниот серијал „Сплетки“, на кои што во недозволената врска, наречена жестока тројка, им се придружи газда Језда, основач на пирамидалната штедилница во времето на Слоба, која што ги јадоса Србите?

Одговор сѐ уште нема. Заплетот не е расплетен, врвниот српски политички трилер се претвора во најефтин водвиљ. Сопственикот на најголемиот приватен универзитет во Србија, Мегатренд, оди од телевизија до телевизија и жестоко се зафркава, иако угледот наполно му е уништен, а тој стана цел на сеопшта подигравка. Ама, до пред еден месец ништо не изгледаше така…

Рон Кирк неволно излезе од авионот во тоа јануарско попладне. „Хитроу“ беше во магла, а ситниот дожд му го мокреше неизбриченото лице. Беше 5 јануари 1980 година. Му пролета низ глава дека некако во исто време, 27 години порано, се роди во мало место на брдовитиот Исток на Европа, во Недојдија…

Рон се закуќи во Лондон. Купи станче на ободот на Сити, за се да му биде блиску: банките, берзите, милионите долари…

Кој е, бре, тој Рон Кирк? Дали е тоа англиското, кодно име за Миќа Јовановиќ, кој до пред неколку дена беше еден од најмоќните Срби? Навистина ли е тој мистер Рон, лик кого  Миќа сам го креираше во неговата романсирана биографија „Бизнисот како уметност на живеењето“, на чија насловна страница е еден од неговите „ролс ројсови“? Дали дебелушкавиот, шеесетиедногодишен Миќа Јовановиќ, кој е, истовремено, најголем гениј, најголем расипаник или најголем измамник во модерната историја на Србија, настана како митско суштество во непожелниот брак на Џејмс Бонд и Дел Бој, шармантниот јунак од легендарниот серијал „Сплетки“, на кои што во недозволената врска, наречена жестока тројка, им се придружи газда Језда, основач на пирамидалната штедилница во времето на Слоба, која што ги јадоса Србите?

Одговор сѐ уште нема. Заплетот не е расплетен, врвниот српски политички трилер се претвора во најефтин водвиљ. Миќа оди од телевизија до телевизија и жестоко се зафркава, иако угледот наполно му е уништен, а тој стана цел на сеопшта подигравка.

Ама, до пред еден месец ништо не изгледаше така. Професорот д-р Миќа беше сопственик, ректор и мегацар на најголемиот приватен универзитет во Србија – „Мегатренд“, со војска од 27.000 студенти, кои годишно плаќаат околу 1.500 евра школарина. И што, навистина, се случи? Еден од докторантите, кому Миќа му беше личен ментор на Мегатренд, беше и актуелниот министер на полицијата, младиот Небојша Стефановиќ.

Меѓутоа, неколку млади, српски научници од Лондон, во истражувањето што го објави опозициониот портал „Пешчаник“, изразија сомнеж дека докторатот на министерот е плагијат. Сето ова се случува за време на најавите на големите реформи во самиот врв на полицијата, која е под сомневање дека соработува со нарко-босовите, а особено со Дарко Шариќ, кој сведочи во специјалниот суд. Потоа, хакерски беше нападнат сајтот на „Пешчаник“, а ОБСЕ и амбасадорот на ЕУ во Белград, во содејство со американскиот амбасадор, ја обвинија српската влада за цензура на медиумите. Ова се случува паралелно со паралелната опсада на најсилните дипломатски експедиции од Москва и Брисел на Белград.

Србија, така, се најде среде целосно, политичко, урнебесно цунами. Паралелно со аферите од подземјето, потоа, со првите искри на релација Вучиќ – западните амбасади, како и со дипломатскиот настан пар екселанс –истиот ден Вучиќ да замине за Берлин, кај Ангела Меркел, додека претседателот на Србија, Томислав Николиќ, баш тогаш да го прима белорускиот претседател, Александар Лукашенко во Белград, ескалираше мега сагата за Богот Миќа, кој за неколку дена беше претворен во кловн. Имено, се востанови дека, во најмала рака, еден од неговите два докторати, оној од Лондон, не постои. Сега има сомневање дека Миќа не само што не докторирал, туку и дали, воопшто, го завршил Белградскиот универзитет. Но, Миќа донесе некакво книгиште и се заколна дека тоа е неговиот докторат, што бил изгубен во Лондон. Па, пак го демантираа. Па, тој пак докажуваше…

Ама, мили мои, вие немате поим каква моќ зрачеше Миќа до пред некој ден.

Затоа се враќам во српската бајка, неколку недели порано. Сопственикот на универзитетот Мегатренд, знаеше неколку минути наутро задоволно да си се набљудува себе си во огледало. Не мораше да се качува на коклица, за да се увери повторно дека тоа е тој: совршен маж со доволна доза на замисленост и мистериозно минато, кој на извајаното тело му нафрла сентиментална патина, со што одразот во огледалото прикажува натчовек. Него, Мега Миќа, кој толку совршен, во баде мантил, се башкари во потсвеста на секоја белградска спонзоруша, која сака да добие макар едно нешто. Или факултетска диплома од Мегатренд или Миќа. Но, бидејќи се работи за причинско-последична работа, ќе ги добие и двете, за да го задржи само едното.

 – Огледалце, огледалце, кој е најубав и најмоќен човек во Србија? – се прашуваше Миќа секое утро.

– Ти, Миќо – радосно ќе извикаше факултетското огледало со мастер диплома.

 – Добро размисли и не наседнувај на провокации – прашуваше др. Миќа.

Од универзитетот Мегатренд не избиваше нафта, ама, како гејзери избиваа школарините на српската младина. Актуелниот прв потпретседател на владата, социјалистот и шеф на дипломатијата, Ивица Дачиќ, добро знаеше каде се крие ќупот со богатство.

Пред се, Миќа Јовановиќ е левичар, со ергела ролс ројсови, мерцедеси и приватен авион. Оттаму, на сите им се чинеше дека нискиот, дебелушкав Миќа е толку убав, толку висок и толку згоден. Зашто, кој ја школува српската младина, ако не тој? Кој се грижи за идните генерации, ако не тој? Кај кого доаѓаат загрижените татковци и расплаканите мајки, да замолат децата да им добијат дипломи, ако не кај него? Кој ќе произведе нови доктори на науки и нови академици, ако не тој?

Кој ќе биде новиот татко на САНУ (Српска академија на науките и уметностите), ако не тој? Така, само чекор го делеше убавиот Миќа од можноста да стане и татко на нацијата – особено по смртта на писателот, Титовиот дисидент и бивш претседател на Југославија, Добрица Ќосиќ.

И со право му се восхитуваа на најголемиот српски алхемичар, кој мисиците ги претвораше во универзитетски професорки. Тој просветителски илузионист го изведуваше најголемиот српски маѓепснички трик – секој кој ќе седнеше до него, во истиот миг ќе докторираше. Го гушнеш ли, стануваш дописен член на САНУ. Го бакнеш ли, стануваш редовен. Мислам на САНУ.

 Миќа убаво знаеше дека, пиејќи го шампањското во белата, кожна фотелја во неговиот приватен млазњак и гледајќи ја родната грутка од 10.000 метри висина, всушност ги набљудува малите точки кои лазат по земјата Србија и дека тоа е, всушност, обичниот свет кој има деца. А, за децата родителите ќе направат баш се!

Токму затоа сопственикот на сесрпската родителска среќа, тој весел натчовек на постмодерна Србија, беше толку самоуверен, кога на секој прв, богоугоден час од новата школска година на поклонение, редум, му доаѓаа сите владетели на Србија. Зашто, Миќа знаеше дека стана српски Дедо Мраз со сертификат, кој, место пакетчиња, дели факултетски дипломи, мастери и што ли уште не, во овој турбо-свет на академски чуда.

Зашто тој е човек кој знае дека и овие главучи кои што владеат со истава, напатена земја, имаат нивни деца. Ама, за разлика од угул сиромасите, главучите имаат и дечиња од партиите, силна младеж која лепи плакати, оди од врата до врата, агитира, се тепаат со децата од конкурентските партии по селата и градовите, по мрачните сокаци и булеварите… И, затоа, кога ќе чукне часот да стапат на власт, што и недостига на таа партиска пешадија, освен лепак, четки и плакати? Секако дека им недостига доказ за високо образование. Тој вид татковство, изнедрен од политичката полигамија, ги наведува лидерите да побараат спас во стаклениот дворец на Нов Белград, каде што е сместена српската продавница на среќата. Така што, свои најдоверливи луѓе, стратегиски распоредени по Миќините катедри, имаа и Ивица Дачиќ и Александар Вучиќ и Борис Тадиќ! Или, да не беше обратно?

На тој начин е создадена шемата на пирамидалниот синџир, кој, наместо безобразно високи камати, на граѓанството и на неговите деца им дели дипломи.

Се чини дека дури и творците на „Мегатренд“ не сонуваа дека тој Миќин, паметен дворец, со тврдини низ цела Србија, што се шират небаре Миќа е царот Константин, а Србија – Римското царство, ќе прерасне во најголемата универзитетска империја во земјата. Планот, всушност, беше многу поедноставен.

Екипа мудри социјалисти и јуловци, припадници на партијата на Слободан Милошевиќ и на неговата сопруга, Мира Марковиќ, главно, искусни универзитетски професори, добро знаеше дека на Слобината и на Мирината епоха, еден ден, секако ќе и дојде крајот, па разгледуваше неколку можности себе си да си создаде резервна позиција, засолниште во кое ќе ги преживува првите денови, недели и месеци од демократијата.

Си бараа престојувалиште во кое ќе се населат пред истребувањето што го спроведуваа инквизициските војници на кризните штабови на новите, демократски власти, после 5 октомври.

Тивко, во засолниште, Мегатренд претставуваше земјаница за социјалистичко-јуловските бегалци, кои што се засолнуваа од лицето на земјата. Во јазбината, ако ја знаеше лозинката, ќе се вовлечеше и понекој радикал на Воислав Шешељ, со кого тогаш во екипа беа и Тома Николиќ и Аца Вучиќ.

Всушност, прапочетокот на Мегатренд е врзан за Бор, златниот град на бакарот, со кого што, во Титовото време, управуваше таткото на Миќа, Божина, легендарниот социјалистички менаџер и управник на Рударско–топилничкиот комбинат Бор, клучниот дамар во развојот на индустријата на маршаловата голема Југославија.

 Момчето растеше како мал „борски цар“, собирајќи мудрости од татко му, кој важеше за главен Титов човек на истокот на Србија, каде што под земјата владеат добри духови, та, оттаму толку бакар и злато во тој мистичен свет на подземјето, што еднакво ги опсенуваше и југословенскиот крал, Александар Караѓорѓевиќ и нацистите. Ама, на површината на истата земја мора да владеат зли духови и црна магија, штом царува толкава беда, што ја опустоши богатата земја на Хомоље, та сега по неа одат само стари вуду баби, како сеништа, молејќи се за нивните гастарбајтерски деца, кои побегнале од тоа силно злато и бакар, како од проклетства.

Дури сега се открива дека Миќиниот татко, Божина, бил еден од основачите на прочуената, југословенска тајна полиција (УДБА), задолжен да го складира борското злато со Тито.

Синот на тој специјалец, Миќа, го пратиле право во Лондон, каде што студирал и докторирал, како што се наведува во официјалната биографија. А, всушност, Миќа бил обучуван да се занимава со шпекулации на берзата, да троши огромни суми пари во казината и да трча по секое здолниште што ќе го види. Детето на бакарот, меѓутоа, е вратено во земјата за да ги преземе работите со управувањето на засолништето за црвените, како би го организирал преживувањето на атомскиот удар на демократијата, подготвувајќи се герилата, потоа, да исползи на површината на земјата и повторно да ја заземе власта.

Не верувам дека развојот на Мегатренд бил резултат на длабоко промислување и стратегија, што настанала откако Миќа, со денови седејќи во џакузито, преполно со русокоси и пиејќи голтки дом-перињон и диктирал тези на неговата асистентка во леопардов бикини, додека на кожна лежалка, длабоко замислена, лежела пејачката Наташа Беквалец (пи-ар на Мегатренд!) со усни напумпани со пет атмосфери, извивајќи се со мисицата Сања Папиќ, додека испраќала СМС пораки за нејзиното академско усовршување кај чичко Миќа.

Би се обложил дека општествените законитости на постслобизмот, што само беа забрзани, бидејќи Слоба го започна процесот на демонтажа на нормалноста, го насочиле трустот на мозоци на „црвените“ на едноставен заклучок: зошто би губеле децата на Србија разум, нерви и неповратно време на револуцијата што тече, трошејќи силно време на предавања и учење по оние сиви, правливи и до бескрај досадни, државни универзитети, што сеуште ја задржале инерцијата на складирање знаења од времето кога оваа земја беше сериозна, богата и силна. Времето што доаѓа, се согласил трустот мозоци од земјаницата, бара баналност, површност и таков вид високо образование, кое е доволно да ги научи децата како своерачно да се потпишат на партиската книшка, наместо да остават отисок од прстот. Учењето за куцкање  СМС пораки веќе навлегува во стратосферата на магистратурата. Во силиконскиот неолиберализам, последната фаза на културолошкиот правец што ја симболизира пљачкашката транзиција на европскиот исток, Миќа стана свесен дека старата каста на патриоти, воини, ќелавци и нивните верни саканички, младите спонзоруши, во сојуз со политичката каста на постоктомвријците, таканаречените демократи, бара општествена верификација на нејзиното богатство.

Така, Миќа стана комесар на тој филозофски концепт, што продолжува да ги хипнотизира клинците, давајќи им ја основната хипнотичка мантра: е.и го знаењето, дај му го на народот она што го бара! Затоа, на прославите, по правило, се појавуваше придружуван од градести студентки.

Затоа, веќе одамна Миќа не е само ректор и сопственик на „Мегатренд“, туку менаџер на корпорацијата што е помоќна од државата, што ги креира соништата на нашите деца во суперуспешниот проект на создавање армија на регрути, што ќе му овозможи доживотна власт.

Големиот западен свет е далеку попаметен и логично заклучува кој може да постане главен промотор за влез на Србија во НАТО, та можеби салонскиот, граѓански свет, кој токму сега бара место да побегне во земјаницата, сѐ уште има некој вид скепса и презир кон новото доба, ама, во Брисел и Вашингтон тоа го немаат: силиконските убавици, стаклените палати и мегамозокот на Мега Миќа, го кандидираа за претседател на Атлантскиот совет на Србија.

Сопственикот на Мегатренд сега организира симпозиуми, ги собира дипломатите, шпионите и воените експерти, држи семинари за неминовноста на влегувањето на Србија во евроатлантскиот блок, додека исунчаните убавици на високи потпетици, произведени на катедрите на суперуниверзитетот, им ги предаваат материјалите во фасцикли на експертите за безбедност.

Миќа сега поднесе оставка на местото ректор. Обвинува, покажува стари снимки со англиски професори, наводно, негови ментори, со кои прикажувал за значењето на мастурбацијата во развојот на самоуправниот социјализам… Основа и авио-компанија со неговата, триесетинешто години помлада сопруга, која што, се разбира, ја запознал на Мегатренд. Зарем е потребно, воопшто, да кажам, дека е вистинска убавица?

Кој е, значи, Миќа Јовановиќ? Мистеријата не е решена. Никој нема поим ниту како почнал, ниту како ќе заврши. Човекот – фикција и понатаму лебди помеѓу митот, стварноста и затворот.

 Затоа, цела Србија, олкава, колкава што е и ваква, каква што е, може, заедно со него, само да запее:

– Опа, Миќо!

>> Српската верзија на блогот проследете ја тука. Објавено: 25.06.2014


 Останато од авторот: