Пеколниот ангел од Црна Река

Пред три години јавноста во Србија ја потресоа видео-снимките во кои свештеникот Бранислав Перановиќ со лопата претепува штитеник во центар за одвикнување од дрога, основан на манастирски имот. Пред неколку денови, истиот свештеник, кого црквата не го расчинила и го продолжил своето исцелителско дело, со терапии составени од молитви и аперкати – е осомничен за убиство на еден наркоман.

Истерувајќи го со лопата ѓаволот од телото на еден од бившите наркомани кој бил на лечење во Црна Река, протојерејот Бранислав Перановиќ го убил господа во младичот. Инквизицијата не е баш изум на православниот свет, со неа имале нешто повеќе искуство католиците кога вештерките ги претворале во димени шунки, но кога до лопата или палка за бејзбол ќе се дофати поп со долга, седа коса, наркоманите кои дошле да се отарасат во некој вид на црковна клиника, навистина го виделе својот ѓавол – долгокос, седокос, во мантија, со крст.

Манастирот „Црна Река“ прераснува во центар за одвикнување од наркоманија

Црна Река е прекрасен манастир, всушност монашко испосништво среде планина, сместен во клисура, опкружен со високи карпи и бујни столетни шуми, подигнат во XIII век во големата пештера над речното корито. Старовременските монаси наскоро изградиле ќелии околу црквата, подигнале мал дрвен мост преку коритото на реката, па тој крајолик потсетуваше на бајка од време кога немаше хероин и останати придобивки од лудиот, модерен свет, туку беше време кога секундите претставуваа години и кога по земјата не одеа свештеници кои се занимаваат со ултимејт-фајт. Манастирот долго беше напуштен, се додека во 1979 година во таа забит не се појавил тогашниот епископ рашко-призренски Артемије. Се населил таму, каде само Бог ја видел убавината и заборавениот спокој, собирајќи околу себе младо братство. Најпрво борец против Милошевиќ, владиката Артемије после неговиот пад остана во зоната на одговорноста која ја презедоа новите световни власти на Косово, јужно од митската река Ибар: Хашим Тачи и неговата екипа во сојуз со единиците на меѓународните мировни сили. Артемије остро се спротивстави на компромисната политика на Белград и екуменските идеи на патријаршијата, создавајќи ги своите зилотски монашки следбеници. Манастирот Црна Река беше едно од неговите главни прибежишта, но на својата земја коjа полека стануваше енклава во рамките на Српската православна црква, создаде и Духовно-рехабилитационен центар за одвикнување од наркоманија, давајќи ги клучевите на свештеникот кој на штитениците им даваше терапија составена од молитви и аперкати. На секои 8 саати по една тура.

Некој од монасите тепачи, впрочем како што обично и бидува, ги снимил сцените на бруталното претепување, во просториите чии ѕидови се накитени со икони, при што јавноста најпрво занеме, а потоа згрме. Поминаа 3 години од тогаш. Неодамна повторно уследи шок што ја потресе Србија, а расветлувањето на злосторството потсетува на српска верзија на романот „Името на розата“ од славниот Умберто Еко. Протојерејот Перановиќ пред неколку денови беше осомничен дека со метална шипка го убил Небојша Зарупац, штитеникот на центарот за одвикнување од дрога.

„Пеколниот ангел од Црна Река“ самонаречен месија за наркомани

За жртвата, како што е вообичаено во вакви прилики, не се знае многу. Не знаеме, всушност, кој бил и каква мака го натерала да зема дрога, зошто не се снашол и под кои околности се сретнал со осомничениот…Но, затоа знаеме скоро се за протојерејот Перановиќ. Знаеме дека е свештеник на СПЦ, знаеме дека го основал Духовно-рехабилитациониот центар на манастирска земја во Црна Река. Запознаени сме и со тоа дека себеси си одредил мисија да ги лечи наркоманите така што ќе ги убеди дека многу поголем пекол е кога, наместо хероин, со сите тие несреќници управува лично тој. Знаеме дека сакал мотори и брзини, па метафората за „Пеколниот Ангел од Црна Река“ ми изгледа неизбежна. Милуваше пред репортерите да позира како жесток фраер од холивудски филмови од „Б“ продукција кој на Харли Дејвидсон, наметнат со црна кожна јакна со нитни, беснее по автопатиштата, а потоа пак ја облекува мантијата и оди да препише уште некоја терапија. Познато ни е и дека на судењата кои следуваа по објавувањето на снимките на „лопатарањето“ во Црна Река, доаѓаше во џип и во свештеничка носија, следен од екипа на телохранители во костуми и црни очила за сонце, како да е министер за вера…..И знаеме дека Перановиќ се изнадава силни интервјуа во кои ги објаснуваше своите лековити методи, со напомена дека не тепал само тој, туку и екипа на набилдани духовници аматери, собрани околу него како да е гуру на култот на истерувачите на ѓаволот, а не свештеник кој би требало да дава прошка и зборови на утеха. И знаеме дека овие 3 години нашата црква не реагираше на вистински начин, во спротивно Перановиќ одамна ќе беше расчинет. Синодот, што е право, при разрешувањето на владиката Артемије и неговото оттргнување од црквата, во листата на гревовите го наведе и случајот на тепачите, но за истерувачот на ѓаволот немаше други санкции. Напротив, додека Артемије одлета од црквата, Перановиќ остана свештеник. Ја напушти Црна Река и се досели во близина на Лозница, на територијата под надлежност на шабачката Епархија, упорен да го продолжи своето исцелителско дело.

Свештеникот не запира, продолжува во „Сретење“

Ќе ве прашам само еднаш: Што мислите, со што се занимавал таму? Се разбира, основал нов центар за одвикнување од наркоманија, го нарекол „Сретење“ и како главнокоманден од големата бела куќа која личи на дворец, во споредните одаи створил паравоeна чета на верски исцелители. Колку покајнички и да звучат изјавите на владиката Порфириј и владиката бачки Иринеј, кои уследија после трагичниот настан, црквата се посрамоти. Ако на време го расчинеше протојерејот кој, наместо со опрост и зборови на утеха, лечи со кик-бокс, сега барем би и била мирна совеста.

Околностите на злосторството се уште се испитуваат. Перановиќ се наоѓа во истражен затвор, за сега е единствен осомничен, бидејќи наводно во предвечерието на настанот дознал дека штитеникот во Центарот внел дрога, па со метална шипка пробал да му изврши детоксикација.

Грешниот свештеник без пресуда од судот, туку со унапредување од СПЦ

Но, аферата почнува да се разгранува во повеќе правци. Јавноста со право се прашува зошто световните власти порано не реагирале, зошто судот во Тутин 2 години одолговлекува со обвинението подигнато против свештеникот тепач, додека адвокатот на Перановиќ исфрли вистинска медиска бомба. Имено, тој го трди следното: Не само што црквата не сакала да го расчини пеколниот ангел од Црна Река, туку владиката шабачки Лаврентије лично и неодамна го одликувал со чин на протоставрофор-највисок чин кој се доделува на еден свештеник. Образложението е повеќе од цинично и ако е навистина точно, црквата ќе има голем проблем, затоа што адвокатот тврди дека тепачот е одликуван за – хуманитарна работа! Со тие духовни еполети, Перановиќ можел да носи и златен крст на градите, а како му тргнало, да не дошло до смрт на штитеникот можеби би дотуркал и до чин на владика.

Црквената Влада, или Синодот на СПЦ, негираше дека знае било што за ова вонредно унапредување на грешниот свештеник, но адвокатот Илија Радуловиќ тврди дека поседува снимка од доделувањето на црквеното одликување , снимката се чува на сигурно место, па адвокатот, се претпоставува, го темпира времето снимката да ја проследи до медиумите кога ќе почне судењето.

Одбраната исто така реагира дека Перановиќ со 50 удари со метална шипка го усмртил Зарупац, тврдејќи дека станува збор за чиста лага. Адвокатите не негираат дека Перановиќ го тепал Зарупац, но тој ќотек бил од чиста, невина љубов, за момчето да не се врати во надворешниот свет, каде наводно го чекале нарко-дилери, спремни да ги наплатат напластените долгови.

Додека Перановиќ во притворот од адвокатот побарал да му го донесе „Светото Писмо“, медиумите се натпреваруваат да пронајдат нови скандали од центрите со кои раководел набилданиот свештеник со златен крст. Така, се споменува дека во Црна Река асистентите на свештеникот, наводно, силувале еден од штитениците, но паранојата никако да престане, веќе сега по таблоидите се пуштаат приказни за ликови кои избегале од одаите на мрачниот исцелител, кои ја напуштиле наркоманијата и прешле на повисок степен на лудило – канибализмот, па сега прогонуваат граѓани и граѓанки, грицкајќи ги по рацете, откинуваат уши…

Страстите веројатно ќе се смират, црквата сигурно ќе спроведе интерна истрага, затоа што овој скандал може да го разниша нејзиниот углед кај народот, но за тоа е потребен тим на истражители кои навистина мора да почнат од самиот врв.

Судот попустлив  и за грчкиот свештеник

Имено, паралелно со убиството, патријархот српски Иринеј побарал повластен статус за припадникот на Грчката православна црква кој во Србија пред извесно време предизвикал сообраќајна несреќа во која двајца стари луѓе го загубиле животот. Имено, грчкиот свештеник со „Мерцедес“ се зачукал во „Југо“. Патријархот побарал, а судот одлучил, Грчкиот свештеник наместо во ќелија сега да престојува во строгиот центар на Ниш, во објект на епархискиот дом, покрај Нишката соборна црква! Дали Патријархот, по истата логика, сега ќе побара Перановиќ да ја служи казната во ќелија во Владичанскиот дом во Шабац, со електронска нараквица?

Или, можеби Божјата рака тука ги заплеткала своите прсти, да укаже, да опомене, па злосторството кај Лозница и пуштањето на Гркот од притвор се случија скоро во исто време.


 Објавено: 06.08.2012