По откритието на Еуропол: Српскиот фудбал е чесен, ама е мртов

Среќни ли сме сега, кога конечно е докажано дека во местењето на фудбалските натпревари ширум Европа, српскиот фудбал е чист како солзата на Трнорушка, пред  принцот да се нафрли врз неа? Нема еуфорија поради нашата чесност, ниту гордост затоа што не сме местеле резултати, всушност, ништо нема…

Ја допре ли Србија најголемата афера во историјата на светскиот фудбал? Промени ли нешто фактот дека мафијата управува со фудбалските организации, играчите, менаџерите и обложувачките, продадени души? Ох, Господе, каква заблуда! Та, тоа што го откри Еуропол го знаеше секое дете кое ги распознава буквите и брои до 100, како би ги пресметало квотите во обложувалниците: дека, ширум Европа, се наместени 380 натпревари, дека со истрагата се опфатени 420 судии, дека во 15 земји се пронајдени 425 луѓе со лажицата во медот, а  дека фатени се само 50  од нив. Се сепнаа ли Србите затоа што се надвисна сомнеж над најсилната лига во Европа, во мечовите на Лигата на шампионите и борбите за квалификации за европските и светските првенства?

Среќни ли сме сега, кога конечно е докажано дека српскиот фудбал е чист како солзата на Трнорушка, пред принцот да се нафрли врз неа? Владее ли еуфорија меѓу, таканаречените, фудбалски работници, занимање смислено од некогашната Удба, Титовата мистична тајна служба, за да има совршен преглед во играта на некогаш моќната југословенска лига, што служеше за забава на работничката класа, а чии пипала, и по толку години од распаѓањето на  заедничката земја и заедничкиот фудбал, и денес траат?

Ма, каква еуфорија! Нема еуфорија поради нашата чесност, ниту гордост  затоа што не сме местеле резултати, всушност, ништо нема. Затоа што српскиот фудбал е одамна мртов.

Одамна овде е одиграно финалето после кое се славеше така што, покрај огнометот, понекогаш и сопствениците на клубовите летаа в небо, нераскинливо врзани за своите блиндирани џипови. Одамна ги одигравме сите финалиња какви што заслужувавме и на кои бевме осудени да ги гледаме, без право на амнестија и без можност да ги напуштиме празните трибини, пред  истражниот судија да го означи крајот, со свирење. Кој, патем речено, никогаш не ќе дојде.

Одамна, во Србија, е завршена фудбалската епопеја, поради која момчињата повеќе не доаѓаат на стадионите за да бараат некој нов дриблер, кој ќе им го претвори детството во бајка. Ако не ги броиме потерниците, нема повеќе српски фудбалери на сликичките што клинците би ги „тапкареле“ со некои други, маалски клинци. Нема волшебници чии имиња децата во сон би ги изговарале како свои, додека фантазираат за гол даден во последната минута, додека стоилјади луѓе пејат во транс и тој звук не престанува до изутрината, се до мигот кога мајките ги будат за да тргнат во школо, пред кое не се продаваат кифли, туку колачиња од канабис.

Одамна е дојден логичниот крај на една ера во која веќе одамна е објавено дека никој, никогаш и не бил чист, а кога е веќе така, кога сите сме грди, валкани и зли, тогаш  и онака не е ништо важно. Ни губењето на Косово, ни губењето на Џаја, ни губењето на  умот. Заради ова, второто, Пеле, на својот проштален натпревар на Маракана, бараше Бразил да игра со СФРЈ. Зашто, Пеле имаше се, само му недостигаше, во неговите последни 90 минути, да му биде друштво левото крило на нашата и неговата младост од Уб, кој Берти Фогст, Камачо и Боби Мур ги уверуваше дека и на земјата има бестежинска состојба. Веќе констатиравме дека Џаја се препушти на меланхолијата, како човек кој, наместо во куќата на славните, староста ја дочека  во изгланцаниот казамат, со џепароши, убијци и дилери на дрога.

 Тоа е логичниот крај на една мелодрама, покрвав и од „Скарфејс“, каде Дејо Савичевиќ, со 24 години, игра за младата репрезентација, а, за волја на вистината, ни сам не знае колку години има, затоа што крштеницата му е толку пати фалсификувана, та неговото младо лице е, всушност, сликата на Доријан Греј на југословенскиот фудбал, кое потекнува, можеби, уште од времето на Мојковачката битка или на владиката Раде, кога пенали се шутирале со турски глави, а  место црвени картони, биле отсекувани уши и носеви.

И, на крајот, ова е логичен завршеток на една епоха, во која се случи исчезнувањето на чудакот Инге од Звездарската шума, на периферијата на Белград. Инге беше дебел џин, кој и направи на жена си единаесет синови, плус резерви, како би оформил прв, семеен, фудбалски тим, а да не троши пари на купување играчи од страна. Бев малечок, кога од Карабурма се качувавме по Звездара, бегајќи од кучињата и шумските манијаци, за да дојдеме до тревата на стадионот на фудбалскиот клуб „Млад пролетер“, што ја полеваше стариот Инге, секогаш облечен во сиви, широки панталони, што му се спуштаа до половина задница. Белата маица потсетуваше на падобран, собран од воен отпад и навлечен врз него, додека седеше во ладот, како прв, белградски пензиониран халф, преквалификуван во сумо борач. Не прскаше со студена вода од некое црвено, гумено, противпожарно црево, ако одигравме лошо, за потоа да ни пече ќебапчиња и да ни кажува некакви неразбирливи шеми, во фазата на напад, што потсетуваа на микс – стратегиите  на војводата Мишиќ, Сава Ковачевиќ и Бранко Станковиќ.

Во три мајчини ако некому му беше јасно за што мрмореше Инге. Но и тоа беше како од Достоевски, во однос на експозето на денешните тренери со лиценца на Уефа, кои врзуваат вратоврски со дебели чворови и ветуваат дека Србија ќе се врати на мапата на светскиот фудбал.

А, кога едно време, дури и Шпанецот Клементе ја предводеше српската репрезентација! Мајко мила, тој, речиси, никогаш не беше сигурен кого води – Срби ли, Хрвати ли или Азербејџанци, управувајќи со далечинското од својата вила во Баскија. До Србија пристигаше со сателитско наведување, зашто, некој и во Македонија да го спуштеше, без проблем ќе влезеше во соблекувалната и ќе го издиктираше тимот што ќе го добиеше на ливчето хартија, прашувајќи се зошто презимињата на играчите, главно, завршуваат на „ски“. Заговорниците се колнат дека добивал список на играчи кои ќе истрчаат на терен само колку да биде известен, а, пак му се поткраднувал понекогаш и по некој гаф, како оној, антологискиот:

Дудиќ е исклучително важен играч на средината на теренот!

Дудиќ, имено, беше центарфор на Црвена Ѕвезда. После, Клементе отиде во Иран,  ама, ајатоласите не се Срби, па да му дозволат на Баскиецот да си ги лади нозете во шпанската енклава, туку, го условија да живее во Техеран, да оди, прво, во џамија, потоа на тренинг и дури потоа да го одгледа вечерниот дневник,  во кој се прикажува како се пресекуваат нозе после местење на натпревар, наместо делење на функции.

Сега репрезентацијата ја предводи Синиша Михајловиќ, а потеклото на неговите играчи не може да го открие ни српската тајна полиција, а не пак стручната фудбалска јавност.

Токму затоа, баш ми е гајле што е откриено дека Србите не местеле натпревари, зашто повеќе не го знам наизуст тимот на Црвена Ѕвезда, кога имам несоница. Ма, баш ми е гајле, зашто наизуст не го знам ниту тимот на Партизан, за да имам кого, како човек, да го проколнам, ако ми тргне лошо во животот. И, пак, ич не ми е гајле, зашто ниту на ОФК Белград не му го знам тимот наизуст, кога ме фаќа носталгија по Карабурма, крајот каде што раснев.

И, после откритието на Еуропол, повеќе не се важни ни нуклеарните проби на Северна Кореја, а помалку битни се и климатските промени, додека вистинските мажи ги боли уво и за светската, економска катаклизма и за најавата за Трета светска војна, зашто ѓаволските времиња одамна се тука: патот кон ништожноста е извесен, затоа што одамна останаа зад нас времињата кога мораше да ги одгледаш сите деведесет минути, заедно со татко ти, кој го пцуеше судијата, а ти учеше како се грицкаат семки во еден потег, само поради една, навидум, неважна работа – за да го дознаеш крајниот резултат.

Објавено: 18.02.2013


Останато од авторот: