Пропаст на бугарскиот цар: Кој го нокаутираше брат Бојко?

Оној кој верува дека Бојко Борисов падна поради сметките за струја, тој верува и дека Бојко може да оди по вода. Ај, да не бидеме деца –  да видиме зошто, навистина, падна каубојот, братот и легендата, кој сега, откако остана без работа, може да и стане најомилен телохранител на Цеца Ражнатовиќ или, евентуално, сам да сними албум со народна музика и да постане музичка ѕвезда. Ништо не би ме зачудило, затоа што братот Бојко е мултипрактик на европската политика, чиста егзотика на нејзиниот див исток, бугарска метафизика, регионално мажиште… Работата, всушност, е многу посериозна и се однесува само на едно нешто: кој, на крајот на баладата, успеа да го тргне бугарскиот премиер – шепата на руската мечка или тупаницата на Големиот Сем

Кон крајот на август 2011 година, како известувач на белградска „Политика“, се најдов на воениот полигон на  НАТО, токму таму, во земјата на некогашната членка на Варшавскиот пакт, која сега е дел од ЕУ фамилијата и каде што пристигна прославената 250-а ракетна бригада на Војската на Србија, што американскиот „стелт“ бомбардер, Ф–117, го испрати во вечните ловишта. Блуеа молскавици српските ракетари, меѓу кои се вбројуваа и членовите на посадата што го соборија легендарниот, невидлив, американски ловец, при бомбардирањето на Југославија, во мрачната 1999 година.

Елитните офицери на некогашната членка на неврзаниот лагер, пред 14 години војуваа против Западната воена алијанса, а денес се – воено неутрални. И членки на Партнерството за мир. Но, после разводот на Србија  и Црна Гора, она малку што остана од српските оружени сили, нема полигон за вежбање на противавионската ракетна артилерија, па, прославената српска бригада, која, меѓу светските единици, е со статус на НБА тим што го освоил шампионскиот прстен, е принудена да оди кај источните браќа.

На полигонот, под ингеренција на НАТО, старите, регионални браќа по оружје, лансираа советски ракети во тиркизно – синото небо. Прскаа искри, болскотеа ракетни молскавици и громови, бели траги остануваа над Црното Море. Српските неутрални „мигови 29“ и бугарските НАТО „сухои 25“, во бришечки лет, одвај над земјата, маневрираа над главите на високите званици, за да исчезнат потоа на хоризонтот, проследени со громогласни аплаузи, откако претходно испалија ракети „воздух – воздух“. Заедно вежбаа двете пријателски војски, за да ја сочуваат стабилноста на полуостровот.

Историјата и сегашноста на Балканот се преполни со парадоксални и неочекувани пресврти: пред еднаипол година, на полигонот „Шабла“, подигнат на самиот брег на Црното море од Советите во 1962-та година, заради вежби на мешаните артилериски сили на Бугарите и Црвената Армија, како двајца родени браќа, при полна, политичка сила, шетаа прегрнати Бојко Борисов и Борис Тадиќ. Беа моќни, неуништливи, апсолутни владетели на Бугарија и Србија. Од еден од трите големи, транспортни хеликоптери на бугарската војска, двајцата некрунисани кралови истрчаа на полигонот, како рокенрол ѕвезди, ноншалантно облечени, сигурни во себе и во сопствената власт.

Ама, еве, по само еднаипол година, нив повеќе никаде ги нема. Каква судбина, каква игра со зборови: Бојко Борисов. Мислам дека и судбината им е слична…

Тогаш го запознав брат Бојко. Наоружен со предрасуди, очекував гротескен горило – премиер, кого што околностите и службата го произвеле во владетел на Бугарија, за да ја држи на узди земјата околу која Америте и Русите секогаш водат тивка војна, та на Бугарите постојано им е потребен супер – херој, мудрец, кој вешто ќе балансира по жицата, под која нема заштитна мрежа. По дефиниција значи, тоа би требало да биде суптилен, езуитски расипан, итар старец… Но, наместо таков голем гаталец, јас видов тип барем за две глави повисок од агентите на бугарската тајна служба, кои што ги обезбедуваа маневрите: беа како клонирани – набилдани, кусо потстрижени, дебелошиести, во каубојски чизми, ама, премногу ситни за бугарскиот цар! Мора, тој лично, да ги бирал низ градинките.

Некогашниот пожарникар, со докторат – сетики го анализирал влијанието на цревата за прскање врз огновите на Бугарија – беше телохранител, па градоначалник на Софија и, на крај, претседател на владата, а во слободното време – обожавател на Цеца Ражнатовиќ, на која што и додели и медал. Управуваше како бугарски Чак Норис, кој умееше и да владее и да тепа, ама, лага е дека неговата сага за успехот е бајка. Бојко не го доживеа американскиот сон, како што тоа овдешните медиуми сакаат метафорично да го опишуваат, споредувајќи го со Бетмен, Супермен и останатите, стриповски џин – јунаци… Не, Бојко е вистинска легенда кој доживеа стварна, балканска, ноќна мора, што само терапевтите ја нарекуваат сон, зашто нешто такво е само овде возможно, а кога велам овде, мислам на целата прекрасна слика на некогашната Југославија и нејзиното окружение на исток, каде што владеат закони што, најпрво, создадоа еден црвен бравар, унапреден во маршал.

Таква му е и биографијата, права државно – планска, бојосана во црвено

Бугарскиот премиер во оставка, Бојко Борисов, имал, додека бил дете, друг врховен командант. Како вистински пример за комунистичко растење, покажал како е возможно да се достигнат ненасетените височини на општествената скала. Секако, со помош  на уште неколку странски и домашни фактори.

Таква му е и биографијата, права државно – планска, бојосана во црвено. Роден е во 1959 година, во скромно, работничко семејство, во бањата Банкја, крај Софија. Татко му, се разбира, бил пожарникар, а мајка му била воспитувачка во детска градинка. Уште во детството го сакал спортот, ама, онака голем, избрал карате и дотуркал до црн појас. Црн појас, но, кој дан? Неговата кариера покажа како неговиот истрениран, челично тврд мев, Бојко, се чини, го опашал со црн појас – деветти дан, со што се подразбира дека ја достигнал зен – фазата, филозофската рамнина, далеку над катите, кимоното и ударите со нога во тил. Во таа зона силниот удирач впловил, најнапред, како, таканаречен, спортски работник, тренер на бугарската карате репрезентација, ама, очевидно – ајде да не бидеме деца – таа грдосија од премиер имал и некакви други врски, што прво, го сместиле на местото телохранител и лице од доверба кај комунистичкиот водач на социјалистичка Бугарија, Тодор Живков. Е, тој бил играч над играчите, воен командант, кога Црвената Армија ги свртела Бугарите кон Берлин. Тодор ја развивал индустријализацијата и колективизацијата на земјоделството, а во текот на седумдесеттите ја изградил и нуклеарната електрана.

Живков се обиде и во Бугарија да придвижи некој вид на гласност и перестројка, но, без успех. Во ноември 1989 година  се симна од власт, како комунистички водач со најдолг стаж во Источниот блок.

Ова одвраќање од приказната за Бојко, всушност, треба да покаже од кого го учел политичкиот занает телохранителот, од кого ги собирал финтите, ги фаќал белешките, помнел… Фала му на Господ, главата на Бојко толку му е голема, верувајте ми на збор, што во неа сигурно сместил многу лекции што ги научил од комунистичкиот лисец Живков.

Откако го погреба Тодор, тргна на тежок и неизвесен пат на чување на грбот на неговиот транзиционен, далечен наследник, премиер и вистински цар, Симеон Втори. Кога виде дека бугарските царови може да бидат црвени, а потоа и тие тргнати, сигурно си помисли, па, што не би можел и јас да бидам! Го негуваше мачо фазонот, онака, огромен и силен, иако, силно сум уверен, дека длабоко во себе, брат Бојко има човечка топлина. Тоа го забележав во Шабла, кога се дружеше со Тадиќ.

Имиџот на момче кое секогаш оди по работ, му прибави огромна популарност и неколку признанија за најпопуларна јавна личност во Бугарија. Своевремено, на интернет кружеше шеговит документ „Непознати факти за Бојко Борисов“, каде што премиерот, низ анегдоти, беше прикажан како пандан на прочуениот Чак Норис. „Бојко Борисов не е силен како бик. Биковите се силни како Бојко Борисов“, се вели во еден од „фактите“.

Митот за силата на премиерот му прибави уште еден во низата живописни прекари, та, така, меѓу народот често се споменува како Бате Бојко, по урнек на панк песната „Бате Гојко“, посветена на српскиот актер, Гојко Митиќ, кој што се прослави со улогите во „црвените вестерни“, филмови со тематика од Дивиот Запад што беа снимани во Источна Германија, а кои беа многу популарни во Бугарија.

Да, дури сега се гледа дека Бојко беше вистински, балкански каубој, во жанрот шпагети – вестерн. Неговата влада преживеа пет гласања за недоверба, ама, капитулира под притисок на народното незадоволство, заради мерките за штедење и поскапувањето на струјата. Така ти е, брате Бојко кога се приватизира електроенергетскиот систем, па странците дупло ќе му ги подигнат сметките за јануари на твојот народ, за да те дестабилизираат.

Но, ајде да повторам – да не бидеме деца – и да согледаме зошто, навистина, падна каубојот, братот и легендата кој сега, откако остана без работа, може да и стане најомилен телохранител на Цеца Ражнатовиќ или, евентуално, сам да сними албум со народна музика и да постане музичка ѕвезда. Ништо не би ме зачудило, затоа што братот Бојко е мултипрактик на европската политика, чиста егзотика на нејзиниот див исток, бугарска метафизика, регионално мажиште

Да го стореше обратното – ќе го чукнеа од запад

Точно два дена пред да ја поднесе оставката, после социјалните немири што се проширија низ Бугарија, заканувајќи се да прераснат во драматични судири, брат Бојко заврти еден телефон. Што мислите, кого го повика каратистот? Повикувачкиот број беше московски, а на другиот крај на жицата се чу гласот на Владимир Владимирович Путин. Иако, официјално, разговорот остана таен, Првиот канал на руската државна телевизија, во својот ударен дневник, во прилогот на најголемиот руски новинар, Михаил Леонтијев, кој, патем е Путинов другар од секогаш, откри дека тоа беше повик на човек кој моли за прошка заради политиката што ја водел. Брат Бојко му вети на Путин дека ќе ги испочитува сите енергетски договори со Русија од областа на атомската енергија и изградбата на гасоводот Јужен тек. Беше тоа повик на очајник и кога тоа Русите ќе го запукаат  во ударниот дневник и уште кога тоа го изговара највлијателниот руски новинар со кој Путин излегува в град, работите, сепак, стануваат нешто појасни…

Имено, оној кој верува дека брат Бојко падна поради сметките за струја, тој верува и дека Бојко може да оди по вода. Работата е многу посериозна и се однесува само на едно нешто: кој, на крајот на баладата, успеа да го нокаутира бугарскиот премиер – шепата на руската мечка или тупаницата на Големиот Сем.

Всушност, Бугарија со Русија требаше да ја изгради атомската централа Белене и да биде еден од клучните партнери во изградбата на гасоводот Јужен тек. Меѓутоа, иако, на почетокот, Бојко отиде во Москва и на Путин му подари кутренце – овчар, двојно поголем од шарпланинец, со време почна да ја врти главата кон запад, та во јавноста започна сериозна полемика помеѓу пролибералните, прозападно ориентирани, кои се противеа на изградбата на атомската коалиција меѓу Бугарите и Русите, додека на другата страна беа останатите социјалисти и националисти.

Се разбира дека брат Бојко собрал два и два, кога, онака силен и моќен, сфатил дека не ја контролира повеќе ситуацијата, дека неговото влијание врз текот на демонстрациите е идентично на влијанието на Цеца Ражнатовиќ врз белградскиот џез, та, го повикал единствениот човек кој би можел да го одложи неговиот пад.

Што ли му кажал Путин? Сигурно не разговарале за она куче. Како што, верувам, дека не разговарале ниту за сметката за струја на Бојко Борисов.

Последните вести велат дека брат Бојко е во болница, заради високиот крвен притисок. Треба да му се посака среќа и да се стиснат тупаници да оздрави, затоа што брат Бојко, право да се каже, немал избор, како што немаат балканските лидери. Гледаше премногу кон запад, па заборави да ја заштити источната страна на своето тело. Да го стореше обратното – ќе го чукнеа од запад. И, јасно, поводот секогаш би бил истиот – високите сметки за струја. Која, инаку и така ја нема. Како што за Бојко повеќе нема надеж. Ќе биде пронајден, веќе, некој нов удирач, кој мисли дека е повешт од судбината, што одамна е исцртана.

Ама, таков уште не е роден, иако ќе се јавуваат многу арлекини за Бојковта фотелја. Зашто и Бугарија, како Македонија и Србија, се наоѓа на границата меѓу две империи, две царства, два света, па, прашање на време е кога некому од регионалните царови ќе му пристигне сметка што не ќе може да ја плати.

Објавено: 28.02.2013