„Селфи“ на местото на злосторството: Убиство кое ќе ја промени Србија

Марко Миличев, кој се занимавал со нарко-бизниси, таа ноќ се возел со неколку млади девојки. Не сакал  да застане. Удрил во младиот Лука на Бранков мост и избегал, пратен од замаглените камери… Нашминканите девојки со напумпани усни и гради, се притворени. Цел месец молчеле за убиството, кое ја преврте Србија наопаку и беше закана дека ќе ја бутне Владата.

Деталите околку злочинот сега полека излегуваат на виделина. Се воспоставило дека во текот на возењето во „миничи“, се одвивала некаква перверзна „селфи“ забава. Девојките со мобилните телефони го снимиле злочинот. Патниците во „кантрименот“ се „кезеле“ кон екраните на скапите мобилни телефони, додека на Лука му се спремала конечната средба со судбината. „Раскалашените“, пијани девојчиња и еден кретен, кои се возеле од сплав на сплав, ја најавиле смртта на момчето од другата страна на волшебниот ѕид со кој е поделено српското општество. На една страна се оние, сомнителни бизнисмени, кралеви на белградскиот ноќен живот кои „муваат“ девојчиња со длабоки деколтеа и надувани усни. Тие се „мали пионери“ на тој нов поредок, кој ни се нуди како идеал. Богати, семоќни бездушници со дозвола за убивање.

На другата страна од тој невидлив ѕид беше Лука со неговите другари.

Се ближеше утрото, но дваесетиедногодишниот Лука Јовановиќ не го погледна оној момент кога црното небо, за неколку минути ја добива контурaта на зрел портокал. Лука не го виде изгрејсонцето над Белград. И нема никогаш. Имаше 21 година и сакаше да плови на „крузер“

Беше со другарите кои припаѓаат на сиромашниот, транзициски свет. Но, до Бога и тие имаат право на свои соништа. Се возеле во стара „Лада“. На таа руска крнтија ѝ испаднало тркалото на Бранков мост, кој ги спојува Стар и Нов Белград. Момчињата излегле надвор, пред изгрејсонце, да ја поттурнат „ладата“. Од никаде, со голема брзина, на празниот и проклет мост, како ракета, прелета „мини-кантримен“.

Тој автомобил е симбол на престижот на новиот, богат и арогантен свет. Леташе на мостот. Не застана кога го удри Лука.

На асфалтот останале траги од ретровизорот и крвта на Лука, бидејќи Брзата помош го одведе момчето во Ургентниот  центар.

Потерата по убиeцoт се претвори во една од најконтрoверзните и најпотресни истраги во модерната историја на Србија. Најпрво тоа беше мала вест на дното од страните на белградските новини… Возач побегнал од местото на несреќата.

Но, таткото на Лука, после закопот на својот син, секој ден, неизбричен во црнина доаѓаше на мостот, таму каде што Лука загина. Ја држеше фотографијата на момчето, кое сонувало да плови по океаните, што подалеку од Србија, подалеку од мостот, подалеку од „кантрименот“. Вестите од мостот во новините стануваа се поопширни, дознавајќи нови траги од трагичната приказна. Зошто не се пронаоѓа убиецот од мостот кој е покриен од камерите? Кога се пречекорува брзина на мост или кога се вози на жолта лента, на домашна адреса стигнува казна, бидејќи сте снимени додека го правите сообраќајниот прекршок! Но, одеднаш, фотографиите од „кантрименот“, на камерите станале матни. Кој го возел проклетиот автомобил пред зората? Кој не сакал да закочи, да застане, да го пренесе Лука до болница? Кој ја успорува истрагата? Притисокот од јавноста беше толкав што конечно ја покрена целата државна машинерија. Како тромав, спор „крузер“ кој конечно испловил од пристаништето, но на чија палуба, Лука никогаш нема да се напие пијачка… Убиецот конечно е откриен. Марко Миличев, кој се занимавал со нарко-бизниси, сопственик на ноќен клуб, таа ноќ се возел со неколку млади девојки. Го удрил Лука и се изгубил, пратен од замаглените камери…

Министерот за полиција, Небојша Стефановиќ, одржа конференција за новинарите, а националните телевизии вршеа директен пренос. Министерот соопшти: уапсени се сите, освен убиецот. И соопшти дека убиецот се сонча на некоја од плажите во Турција! Заминал човекот, среде истрага, на летување!

Кога министерот го објави името на убиецот и лежалката на која е лоциран, тој Миличев – најверојатно е јасно како ден кој Лука никогаш нема да го види – испарил од Турција! Стигнал дури до Кина. Осомничениот Марко Миличев, патувал по светот, како Марко Поло!

Го нема ни „мини-морисот“. Кажуваат дека Миличевиот кум го исекол на парчиња. Најверојатно не го изел? Но, нашминканите девојки со напумпани усни и гради се притворени. Тамара Богдановиќ, Милица Новаковиќ, Дана Маневски, Бојана Петровиќ, молчеа цел месец за убиството, кое Србија го преврте наопаку и се закани дека ќе ја бутне владата. Деталите од злочинот сега полека излегуваат на виделина. Се воспоставило дека во текот на возењето во „миничи“, се одвивала некаква перверзна „селфи“ забава. Девојките со мобилните телефони го снимиле злочинот. Патниците во „Кантрименот“ се „кезеле“ кон екраните на скапите мобилни телефони, додека на Лука му се спремала конечната средба со судбината.

„Раскалашените“, пијани девојчиња и кретенот, кои се возеле од сплав на сплав, ја најавиле смртта на момчето од другата страна од волшебниот ѕид со кој е поделено српското општество. На една страна се оние, сомнителни бизнисмени, кралеви на белградскиот ноќен живот кои „муваат“ девојчиња со длабоки деколтеа и надувани усни. Тие се „мали пионери“ на тој нов поредок кој ни се нуди како идеал. Богати, семоќни бездушници со дозвола за убивање. На другата страна од тој невидлив ѕид беше Лука со неговите другари.

Губитници кои не умеат да се снајдат во новиот свет и затоа ја туркаат „ладата“, неколку минути пред белградското небо да ги добие контурите на зрел портокал. Да, и тие биле на сплавовите. Денес децата ни ги воспитуваат сплавовите. Тие ја диктираат модата, музиката и законите. Тие се регрутен центар за обука на цели генерации, „џибери“, „билмези“, „шибаџии“ и бездушни разбојници. Сплавовите се нивното речно царство, каде трештат народњаци, техно и џез, каде се муваат „певаљки“, какви што не можете ни да си замислите, каде старлетите од реалити програмите доаѓаат со аудија и поршеа, а момчињата како Лука со стари „лади“, од нивните татковци, кои ги оставаат во шумата, што подалеку, за да не се примети дека во таа ноќна егзотична џунгла, се умешала и сиромашна каста која сонува дека на сплавот ќе го пронајде појасот за спасување.

Тој појас нема да му помогне од давење во Сава или Дунав. Тој појас ќе го спаси од давење на српското копно! Како да се прескокне тој ѕид и стаса во тој магичен свет на спонзоруши и студентки? Како да се „шмугнат“ во галаксијата на криминалците, политичарите и банкарите, топ-адвокатите, нарко-босовите, генерали на полицијата, фудбалери кои по сезона вредат неколку милиони долари, како да се „шмугне“ во тој затворен круг на дипломати и шпиони или странски директори на корпорации, кои за викенд, со приватни авиони долетуваат на белградскиот аеродром како би слетале во ВИП-салоните, барајќи девојчиња кои сонуваат да побегнат од Лукината страна на ѕидот?

На сплавовите се чини, дека сите така измешани, имаат еднакви шанси. Но, вистина е дека немаат и дека тоа е илузија која се повторува секоја божја ноќ. Лука и сличните на него, секогаш дома ќе се враќаат со „лада“, некаде во предградието, изградено во текот на индустријализацијата на другата Југославија, знаејќи дека немаат шанси кај девојките од сплавовите, влегуваат во нивните руски крнтии, во нивните стари станови. Лука беше убаво момче, како и неговите пријатели. Но, каква иднина тој нуди за девојките од сплавовите? Мал стан на периферија, работа во киоск за 150 евра месечно, возење со градски автобус, во кој секојдневно граѓаните се тепаат со контролорите, а ромските деца свират хармоника и потоа просат? Девојките кои не сакаат такво возење и таков појас за спасување, секогаш ќе седнат во „кантримен“ и нема да се двоумат да направат „селфи“ со убиства, како што нема ни да трепнат кога автомобилот ќе убие момче кое дошло на сплав по појасот за спасување.

На Лука не му го дозволија ни тоа, да го повози својот мал живот. Сега девојките, како доказ, го нудат записот од своите мобилни телефони. Новините најавуваат дека ќе добијат затвор од една година кој ќе го поминат во куќен притвор. Ќе носат алка на ногата, како Цеца. Животот кој постојано се забрзува, како полуден „мини кантримен“, кој лета по Бранков мост без контрола и милост, ќе го прегази сеќавањето за Лука, за неговата лада и бавната полициска истрага. Девојките ќе излезат надвор. Повторно ќе одат на сплавовите. Повторно ќе прават идиотско „селфи“, најверојатно ќе се омажат за некој газда на „кафич“. Можеби девојките од „кантрименот“ ќе се покаат, но тоа нема да трае долго, бидејќи потсвеста се труди да ги избрише грозните сеќавања. И тоа ќе биде тоа. Лука повторно ќе биде прегазен. Дали тоа убаво момче имал друга можност на земјата? Се разбира дека не, бидејќи Лука и момчињата како него биле мртви многу одамна пред да излезат од „ладата“ на тој црн асфалт, пред најубавата зора која може да се замисли: белградска зора како крвав портокал.

Миличев уапсен во Кина

По повеќе од еден месец од кобната вечер кога е извршен злочинот, Марко Миличев на 1 септември беше уапсен во Кина.Миличев на 10 август со лет за Истамбул во 12:25 ја напуштил Србија и зел авионска карта за во еден правец. До аеродромот го одвезол негвиот брат. Еден краток период во Турција му се губи секаков траг, а на потерницата која ја распиша Интерпол тој е заведен и под името Марко Маринковиќ бидејќи имал два пасоши. Од Турција, Миличев заминува за Хонг Конг каде слетува на 13 август, а на 15 август веќе бил во централна Кина. На Миличев во Кина му истекла визата за престој и бил уапсен по потерницата која ја распишала Србија.

Следниот чекор е покренување на постапка за екстрадиција и се очекува во следните неколку дена или најмногу неколку недели да биде предаден на српските власти.

     Српската верзија на блогот проследете ја тука.

Објавено: 04.09.2014