Србија бара правда за Сашко Богески: Невин ли е убиецот?

Не се памети дека Србија застанала зад некого кој е в затвор, како што застана зад Сашко! Еве зошто: против Сашко, кому провалник со шрафцигер, во глуво, ноќно доба, му упаднал во станот, поднесена е кривична пријава за убиство. Што  требал Сашко да каже во живата темница, кога се слушале само тивките чекори и длабокото дишење на непознатиот? – Оооо, добравечер, драг господине! Откаде вие во мојот стан, после полноќ, со чорапа на главата? Ајде, седнете, како да сте си дома! Сакате ли да се напиете нешто? Можеби сте за вечера? Чекајте да ја разбудам жена ми, да подготви некое мезе! А, да не ќе сакате по вечерата, наместо мене, вие да легнете крај мојата верна љубов, па потоа да пукате во мене? 

Веројатно си мислите дека сум пошашавел. Не, драги мои, се е в ред со мене и затоа сосема сериозно ви пишувам за тоа што требал Сашко да стори, за да го дочека во својот роден стан, со најродената жена, крадецот, ризикувајќи и него и неговата сакана да ги избоде со шрафцигер и да исчезне во ноќта. Така, имено, проповедаат законите на Србија.

Сашко, Сашко, црн Сашко, што те снајде? И тебе, и несреќното момче, Владимир Маниќ, кој влезе низ прозорецот на твојот стан? Било доцна во ноќта кога Владимир, тип со подебело досие на провалник, наоружан со шрафцигер, тргнал во акција: сакал да дрпне нешто од Сашковиот стан. Или, да стори нешто многу полошо?

Сашко има лесен сон или, пак, Владимир бил многу бучен? Само Оној, одозгора, го знае тоа. Како и да е, Сашко се разбудил. Нешто го натерало. Можеби оној анимален инстинкт за преживување, кога во воздухот се намирисува опасност… Можеби  Владимир се сопнал и ја турнал ламбата…. Можеби турнал чаша …

Што и да се случило, Сашко Богески станал, го зграбил ножот и скокнал врз провалникот. Или, провалникот него го нападнал? Истрагата ќе ги утврди сите детали на случајот, но, исходот веќе ја завитка во црно фамилијата на натрапникот: Сашко го уби Владимир со нож и сега чмае во притвор.

Против Сашко, црниот Сашко, е поднесена кривична пријава за убиство. Против човекот кому провалникот, со шрафцигер, во глуво доба на ноќта, му упадна в станот! Што требал Сашко да каже во живата темница, кога се слушале само тивките чекори и длабокото дишење на непознатиот?

– Оооо, добравечер, драг господине! Откаде вие во мојот стан, после полноќ, со чорапа на главата? Ајде, седнете, како да сте си дома! Сакате ли да се напиете нешто? Можеби сте за вечера? Чекајте да ја разбудам жена ми, да подготви некое мезе! А, да не ќе сакате по вечерата, наместо мене, вие да легнете крај мојата верна љубов, па потоа да пукате во мене? Драг господине, можеби тоа би било и премногу од вас. Би ве замолил, сепак, само да вечерате. Што велите? Сакате ли да ви ја наполнам вреќата со своите пари и накит? Оооо, колку сте љубезен. Ама, повторно ве молам, сепак, првин вечерајте. Потем ќе ви го предадам сиот свој имот, а кога доволно ќе се оддалечите, ќе бидам слободен да повикам полиција. Станувај, жено, човеков треба да вечера…!

Веројатно сега мислите дека сум пошашавел, дека сум јадел печурки лудари, дека шише мастика сум испил, дека и тоа не ми било доста, па, сум испил уште литар вињак. Не, драги мои, се е в ред со мене и затоа сосема сериозно ви пишувам за тоа што требал Сашко да стори, за да го дочека во својот роден стан, со најродената жена, крадецот, ризикувајќи и него и неговата сакана да ги избоде со шрафцигер и да исчезне во ноќта. Така, имено, проповедаат законите на Србија!

Во теоријата, убиството во самоодбрана не се квалификува како злосторство. Меѓутоа, практиката и теоријата не се согласуваат многу кога е во прашање одредувањето на самоодбраната. Убиство во нужна одбрана, како што едногласно тврдат српските адвокати, толку тешко се докажува, што во практиката, речиси и да не се случува. Затоа и се развреви јавното мнение, та повеќе од 35.000 луѓе ја потпишаа петицијата Сашко да биде пуштен од ќелија и да се брани од слобода. Не се памети дека Србија застанала зад некого кој е в затвор, како што застана зад Сашко!

­- Сашко е голем човек, со добро срце. Секојдневно духовно се молам за него и за неговото семејство. Се молам и за човекот кој се обиде да го ограби, па настрада. Барам да го пуштите Сашко од притвор­ – им се обрати на српските власти Ник Вујичиќ. Тој е еден од најпознатите светски говорници, лице со тежок инвалидитет, кој го шармира целиот свет со својот оптимизам и се обидува да објасни зошто стои зад Сашко Богески, човекот кој е во притвор, под сомнение дека во својот стан, во белградската Змајевачка улица, на 21 мај го уби провалникот, Владимир Маниќ.

– Сашко го запознав во 2007 година, кога прв пат неформално го посетив Белград. Оттогаш сме во постојана врска и ми помагаше при организирањето на посетата на Србија во 2012, кога одржав три големи говори. Денес, тој ја има мојата целосна поддршка – наведува Вујичиќ, кој е еден од потписниците на онлајн петицијата за ослободување на Богески.

Потписниците на петицијата, на сајтот peticijе24.com, го соборија  светскиот рекорд во собирање потписи за ослободување на Богески.

Да, едногласни се потписниците на петицијата: сакаат да се изборат за промена на законот, кој самоодбраната ја третира како убиство. Се разбира, на Сашко не му е до смеење, се разбира дека  жалиме и по убиениот провалник, но, српскиот закон е таков, што нужната одбрана се одобрува доколку нападот и одбраната биле истовремени, та, реконструкцијата на секое такво злосторство би била врв на црната комедија. Според законот, оружјето со кое одбраната му се спротивставува на напаѓачот мора да биде исто или помалку убиствено од она на напаѓачот, а одбраната и нападот не смеат драстично да се разликуваат по сила.

Споулавен и уплашен во мракот, Сашко пет пати го прободел со нож Владимир, момчето со близу 50 кривични пријави.

Што, значи, требало да стори Сашко? Како вистински, добронамерен и гостољубив домаќин, најпрвин, да почека Владимир да замавне со шрафцигерот, а потоа да ја вклучи  стоперката, за да има доказ за обвинителот дека го чекал нападот, а потем да возврати, во исто или приближно исто време. Пред да ја вклучи стоперката, за да докаже дека одбраната делувала во исто време кога и нападот, Сашко морал да пронајде и шрафцигер во темницата. Или, некое помалку убиствено оружје. Да речеме, виљушка! Или, рѓосана лажица, што би рекол војводата Шешељ. Тамам работа ако зграпчел некое секирче, би го прогласиле за наследник на Џек Мевосек, кој цело време се криел во Белград. По ова, веројатно би заглавил и во Хаг. Значи, Сашко би морал да го сочека првиот убод на напаѓачот и да не мрда. Потоа, според законот, би требал да ја измери силата на нападот. Тоа би значело да повика такси, да се довезе до Ургентниот центар и да го замоли хирургот да му напише медицински извештај. Потоа, со такси повторно да се врати во станот, да го замоли Владимир да биде мирен – за да го прободе со виљушката. И тука не е крајот: најпожелно би било заедно да отидат во Ургентниот, кај истиот хирург, за да им издаде наод дека силата на напаѓачот и на Сашко биле идентични. Има тука и една ситница, што треба да биде забележана. Доколку Сашко немал пари, ќе морал да го чека ноќниот автобус.

Ова да го сторел, Сашко сега би бил слободен.

Да живее Сашко во Америка и ноќе, на приватниот имот, а камо ли дома, да му упадне крадец, а да го стори ова истово, би го прогласиле за херој. Обама би го одликувал, додека Шварценегер би му подарил сачмарка за следниот пат, скраја да е, да пука веднаш. Потоа би дал срцепарачко интервју во студиото на Опра Винфри. Кој и да ја гледал серијата како онаа, „Плавците од Њујорк“, знае дека, немаш ти што, другарче мое, неповикано да бараш во туѓ стан. Просто е. Приватниот имот е светиња. Ако дојдеш неповикан, ќе заработиш куршум или ќе проголташ секирче!

Сашко не сакал да се најде во ситуацијата во која се нашол. Ама, ова е Србија. Категоријата „нужна одбрана“ законот, навистина, ја проширил и врз заштитата на приватниот имот, но, досега не се случило некој да биде ослободен поради убиство во нужна одбрана, кога му бил загрозен имотот. Дали сашковиот случај ќе ги промени работите? Можеби ќе биде изменет и законот, затоа што јавноста не може да поверува во апсурдот дека сега, сосема сериозно, им се советува на чесните домаќини да ја сторат следната работа, за да ја избегнат судбината на Сашко: имено, на секој, кутар сопственик на куќа му се препорачува да снабди – бејзбол палка! Прво, таа омилена справичка на хулиганите не се есапи за оружје, туку, се смета како спортски реквизит и нема, ве молам добро да внимавате сега – „законски неприфатлива убиственост“!

Следниот совет што се шири низ Србија гласи: кога разбојник ќе ви упадне дома, а вие, онака мамурен, ја зграбувате палката, никако не замавнувајте кон главата на напаѓачот, зашто може да му го скршите черепот, та, според српскиот закон, веднаш ви следува робија и обвинение за обид за убиство.

Замислете, ве молам: ви упаѓа, среде ноќ, манијак со хеклер, а вие, со гени на убиец, наместо да му понудите кафенце и да му се извините што сте во пижами, тргнувате да го тепате со бејзбол палка. Ма, ве молам, каде го има тоа!

Е, па, го има. Не смеете да користите ни бибер–спреј, ниту нож подолг од 12 см. И, што ми преостанува да речам, освен да препорачам – швајцарско ноже. Додуша, законот ништо не вели за ножот за мраз, кого што, толку слатко – крваво го користеше Шерон Стоун во филмот „Ниски страсти“. Еден од најпознатите и најхаризматичните адвокати, Тома Фила, совршено мудро ја опиша целосната бесмисленост на фактот дека, во очите на обвинителството, правото на некого кој напаѓа е пред правото на оној кој што е нападнат.

Еве што рече славниот бранител:

– Од времето на комунизмот имаме проблем да разјасниме што е тоа нужна одбрана. Тогаш владееше доктрина дека приватниот имот не може да биде поважен од било чиј живот. Постои постојан страв некој да биде ослободен поради нужна одбрана. Јас често патувам, па жена ми останува сама дома. Држам пиштол покрај вратата и сум и рекол: „Ако некој влезе, пукај и не прашувај зошто влегол. Полесно ќе те извадам од затвор, отколку од гробишта!“

Фила, патем, е познат шегаџија, па, повикувајќи ја стручната јавност да се позанимава со темата самоодбрана, продолжува, во својот стил:

– Ако некој упадне во вашиот стан, треба ли да го прашате: „Да не дојде да ме убиеш?“ Или ако е жена, да го праша: „Дојде ли да ме силуваш?“ А, потем крадецот љубезно да возврати: „Дојдов да те силувам.“ Тогаш е дозволено да се удри шлаканица, а ако провалникот рече дека дошол да ве убие, тогаш во ред е и да се пука.

Овде Фила застана. Заборави да каже: пред тоа, жената треба да земе диктафон и да ја сними заканата на манијакот. При тоа, треба да поседува уште една дребулија – дамски пиштол, што ќе го извлече од  Луј Витон чантата.

Но, тоа е мелодраматична завршница, со елементи на хичкоковска драматургија во приказната за „нужната одбрана.“

Обично е поинаку, па би се вратил на „црниот бран“ на Душан Макавејев или на Живојин Павловиќ. Вообичаено, значи, во другата соба спијат деца. И, вообичаено, провалникот е очајник или наркоман, на работ на разумот. И, вообичаено и домаќинот е исто така очаен, како и напаѓачот. Во судирот на тие два стравови, победува само еден. Така направи и Сашко. Роднините на убиениот тврдат дека Сашко потрчал по Владимир, кој бегал, а потоа го прободел со ножот. Бранителите на Сашко тврдат дека до убиството дошло после меѓусебната тепачка. Но, едно е сигурно точно: таа ноќ, Сашко легнал мирно да спие, а Владимир влегол во Сашковиот стан со намера што сеуште се испитува. Веројатно дошол да краде. А, можеби дошол и да убие? Тоа веројатно, никогаш нема да го дознаеме. Како што е тешко за разбирање зошто законите и судската практика на Србија се на страната на провалниците и на разбојниците. Разумот е на страната на оној кој што се брани. Граѓаните на Србија, исто така, се на страната на Сашко.

Ама, ајде, ве молам, па ова е Балкан и не се обложувајте на победата на разумот и на граѓаните. Како што реков, Балкан е ова, место каде што умот ретко навраќа. 

Значи, ќе си купам бејзбол палка, за да спијам мирно и спокојно. Како  заклан.

Филантроп

Сашко Богески е познат филантроп, кој со години се бори за правата на маргинализираните групи. Претседател е на невладина организација за промоција на етичките вредности во приватниот и во јавниот живот, а долги години работи во Библиската школа, преку која им помагаше на бегалците од Хрватска, БиХ и Косово.

Помагал, исто така и на лица со инвалидитет. Еден е од оние кој што го донесе светски познатиот Ник Вујичиќ во Белград. Зад себе нема ниту едно кривично дело, ни прекршок.  

>> Српската верзија на блогот проследете ја тука. Објавено: 17.05.2013