Србија до Брисел: Јуриме кон Европа, на руски гас

Ние знаеме што сакаме. Сакаме во Европа. Ама, Вучиќ, Николиќ и Дачиќ некогаш имаа најдобри учители. Затоа, во предвечерието на договорот со Брисел, Србија започна со изградбата на гасоводот Јужен тек, најголемата стратегиска, руска инвестиција во енергетскиот продор кон Европа. Така се случи паранормалната, геополитичка појава: и Дачиќ и Вучиќ и Николиќ беа во Брисел, Берлин и во Вашингтон, но и на Србите и на сиот свет им се прикажа како на тројцата главите, истовремено, им ѕиркаат од руската цевка, заварена во Србија.

Сонцето и натаму изгрева, небото и натаму е сино, жените и натаму имаат тајни. Земјата, сепак, не се врти околу Србија, иако за еврофанатиците се случи големиот пукот, после кого Србите, од диносауруси месојадци, конечно, станаа луѓе. Но, таа генетско-политичка експлозија како да одекна тивко во ушите на обичниот свет. Дојде, значи и тој ден, за кој што слушаме откако Слоба е испратен во вечните политички ловишта. Во Белград, меѓутоа, не се чувствува некоја особена еуфорија поради дозволата на европските бирократи Србија да ѕирне низ бриселската врата и да погледне во мама Ангелиното царство на чудата.

Но, Белград не ќе гледа само во европската заедница на народите, туку и официјално ќе ги отпочне преговорите за влез во ЕУ. Баронесата Кетрин Ештон најавуваше таква можност, со денови наназад. Да не се залажуваме, сепак. Тоа и јас можев да го најавувам, како и мојата весела екипа од маалото, која во недела игра фудбал во школскиот двор, а потем оди на ладно пиво кај тетка Олга. Тетка Олга, имено, има дуќан во кого на „црта“ се храни целиот крај, а тоа е центарот на Белград, каде што, по правило, живеат побогатите Белграѓани. Ја прашувам тетка Олга дали знае дека во јануари ќе ги започнеме преговорите со ЕУ и дека со тој чин историјата не поттапна по рамото, па не гушна. И, продолжувам  натаму, со еврофанатичен тон: Ја чувствува ли таа нежна, бриселска прегратка и таа неопиплива, ама, истовремено и неопислива среќа?

Тетка Олга насетува дека се заебавам, па ми се заканува дека ќе ми ја укине купувачката на вересија и како некоја вуду-тетка ми прорекува дека пред Нова Година ќе можам да го јадам само весникот за кого што пишувам. Ќе си намачкам, значи, маст врз „Политика“, најстариот весник на Балканот и ќе си наросам црвен пипер одозгора. По ова, ќе го земам највлијателниот њуз-магазин, „Неделник“, каде што имам колумна и од него ќе си направам сендвич. Ама, што да сторам со овој портал? Екранот ли да го изедам?

Тетка Олга, значи, не го споделува небесниот ентузијазам на политичката елита, што се приплашуваше за светлата, европска судбина, се до последниот час – додека германската канцеларка, Ангел Меркел, при обраќањето во Бундестагот, после уште еден добиен мандат да ја предводи германската влада, не ја потврди таа фантастична вест. До тој миг, во Белград владееше тивка неизвесност, како пред прв, љубовен состанок. Кога некрунисаната царица на Европа, конечно, за 21 јануари го закажа првиот, официјален судир на ЕУ и Србија, можеше да започне зимската, проевропска идила. Премиерот Ивица Дачиќ, кого Ештоница силно го испофали, та дури и медиумите ја пренесоа сензационалната вест дека тој, заедно со Хашим Тачи и со неа, ќе ја добијат Нобеловата награда за мир, беше особено еуфоричен. Тоа го подигна Дачиќ од летаргијата, та живна сиот, небаре, Боже прости ми, се изнаголтал екстази. И, додека мама Ангела одлучуваше  дали да им го подели европското парченце торта на гладните Срби, Српската напредна партија, предводена од најмоќниот политичар, вицепремиерот Александар Вучиќ, ги победи сите противници на локалните избори ширум Србија, освојувајќи дури повеќе од половината број гласови во белградската џиновска општина Вождовац.

Ете, таков е балканскиот политички живот. Додека Дачиќ го сонува Нобел и во сонот гледа како Хашим доцни на авионот за Стокхолм, чувствува како му бега премиерското место. Соработниците на Вучиќ најавуваат вонредни избори на пролет, свесни дека се предводени од лидер кој што се соочува со обожавање, какво што пред него имале само Милошевиќ на Газиместан и Коштуница, откако го симна Милошевиќ од тронот. Вучиќ, меѓутоа, не се изјаснува околу распишувањето на вонредните парламентарни избори, туку, молчи, во неговата веќе легендарна поза, со апостолски споените прсти на обете дланки, небаре е монах на приправнички стаж на Света Гора.

Целата нацијата, пак, ја окупираат други теми: изгубивме во ракомет, но еуфоријата остана – на славјето во кафеана, на ракометарките им пееше лично премиерот Дачиќ. Распеаниот Ивица со стандарден репертоар – песната „Миљацка“ од Халид Бешлиќ. Премиерот на пауза го менуваше кралот на шумадискиот фолк, Мирослав Илиќ. Ова е во сферата на колективното свесно. А, во сферата на поединечното  и несвесното, лебди прашањето на секој очаен српски домаќин, како и на мојата маалска екипа: ќе има ли да ги плати сите комунални сметки до крајот на месецот, па и нешто ситно да му остане, колку за мезе. Колку да не биде гладен за дочекот на Новата 2014 година.

Сетики, жедни не ќе останеме, бидејќи, фала му на Бога, водоводот сѐ уште работи.

И, гледај сега чудо: политичките елити тврдат дека ни претстои најтешката, постслобистичка година. И, еве ти уште едно чудо: тоа што 2014 ќе била најгадна година, всушност, е причина за невидено славење. Па, да тргнам во дешифрирање на овој политички, фолклорен футуризам. На 20 декември, на состанокот во Брисел, шефовите на државите или владите на ЕУ ја потврдија одлуката на Советот на министрите за почеток на преговорите за членство со Србија, за јануари 2014 година. Уф, бре, колку не го поднесувам овој сив, штур,  бирократски новоговор, ама, каков е таков е, а понатаму се вели и следното: дека лидерите на ЕУ, исто така, ја потврдиле и преговарачката рамка – механизмот и правилата за преговорите за членство со Србија. 

Грција, која од 1 јануари 2014 ќе претседава со ЕУ, дала на знаење дека првата меѓувладина конференција ЕУ – Србија, на која ќе започнат пристапните преговори, ќе ја закаже за 21 јануари! Браќава Грци, значи, не само што ги испразнија европските фондови, туку и од нас, Браќата Срби, ќе добијат нешто ситно, како муштулук. Нема што, кој умее – умее!

„Србија до Токио“, гласеше мегаломанската мантра за време на слобизмот. Србија до Брисел, е новата догма на неговите најдобри ученици, Александар Вучиќ и Ивица Дачиќ. Додуша, Вучиќ го печеше занаетот кај војводата Шешељ, кој што веќе 10 години неправедно, без пресуда, чмае во Хаг.

Со вакво политичко и семејно минато, растени во Слобиниот и Шешељовиот скут, премиерот Дачиќ и вицепремиерот Вучиќ сработија повеќе, отколку сите демократски влади заедно. Го започнаа процесот на затоплување на односите со Приштина, што резултираше со потпишување на Бриселскиот договор. Тоа да го направеше претходниот претседател, Борис Тадиќ, веројатно и тој, а и целата негова екипа, ќе висеа на бандери, од Теразија до Нов Белград. Меѓутоа, некогашните патриоти се движеа по работ на провалијата, како да се шеткаат по Маракана. Не само што ги убедија Србите дека треба да излезат на косовските избори, туку стекнаа и статус на миротворци и на големи политичари од европски формат – како во Брисел, така и во Берлин и Вашингтон. Во Србија, пак, за тоа време, место да ги мачкаат со катран и пердуви, како што се предвидуваше, им порасна популарноста. Се подразбира дека Вучиќ ги испозакачи сите ордени на своите гради, ама, Дачиќ е толку итар и интелигентен – а знае и да пее – така што никој да не се изненади ако тој и Ештоница, сепак, заиграат танго во Стохолм, додека приштинскиот брат Хашим, сепак, ќе задоцни на авион.

Демократската партија, имено, сега се наоѓа во целосен распад, затоа што доживува дебакл по дебакл, та доскорешниот политички мртовец, Борис Тадиќ, се обидува сам на себе да си даде вештачко дишење и да се врати на чело на некогашниот лидер на проевропскиот блок,  партијата што денес има нешто повеќе од 10 насто од избирачкото тело.

Но, Брисел не е загрижен. Само две партии во Србија се против влегувањето во ЕУ: Демократска партија на Србија на Коштуница, која се движи негде околу цензусот и Српската радикална партија на Воислав Шешељ, што го сонува цензусот, како што Србите сонуваат кавијар. Тука се и неколку десничарски групи, како што се Двери, Образ и Наши, ама, тие се само чиста егзотика што се активира со далечински управувач, кога Србите треба да бидат претставени како човекојадци, кои, место свинско, мезат гејови и останати поборници за човекови права.

Засега, никој од европските званичници не сака да изговори дали признавањето на Косово ќе биде конечниот услов за влегувањето на Србија во ЕУ, туку, сите вртат како дожд околу Крагуевац. Се користат зборови како што се затоплување, дијалог, разбирање, решавање на прашања во иднината, со полна или сеопфатна нормализација…

Но, постои еден чесен Германец по име Андреас Шокенхоф, кој не отрезнува секогаш по опијанувањето со рујното, бриселско вино. Тој е еден е од најблиските соработници на мама Ангела Меркел, надворешнополитички советник кој, можеби е расипан како гангренозен умник, ама, затоа, болката што ни ја испорачува, истовремено, е и толку лековита. Тој тип, во очи потпишувањето на Бриселската спогодба, како една од седумте точки на Германија, од списокот на условите за натамошните преговори на Србија со ЕУ, ја наспомна и – промената на свеста кај Србите!

Според таа теза, официјално сме поштукнале со умот, па треба колективно да не легнат на кауч, на чичкото доктор во прстот да му гледаме. Пред некој ден, тој ист Шокенхоф јасно порача дека Србија и Косово ќе влезат во ЕУ независно една од друга. Е, сега, бидејќи Косово не е признато од пет земји на ЕУ, баш ме интересира како ќе изгледаат понатамошните преговори на Белград и Приштина со Брисел и Берлин…

Но, што да правиме, кога не го послушавме условот од еден друг Германец, Ишингер, кој што го убедуваше званичен Белград дека треба да го прифати моделот на двете Германии, како процес за помирување на Балканот. На Белград, имено, му се нудеше улогата на Западна Германија, додека Косово требаше да ја игра ДДР. Познато е дека Западна Германија никогаш не ги призна источните браќа, ама, ДДР беше членка на ОН и нејзините спортисти имаа право на учество на олимпијадите и на светските првенства.

Кај им беше тогаш умот на Коштуница и на Тадиќ, поим немам, но, секогаш сметав дека тој план е идеален во катастрофалните услови за Србија. Потсетете се, впрочем, што се случуваше после падот на Берлинскиот ѕид. На планот на симболиката, прифаќањето на Ишингеровиот план, за Белград би значело однапред добиена битка. И, тој план е сѐ уште во игра. Иако, навистина, понекогаш не ми е јасно што се случува со политичката елита на Албанците. Секогаш го тврдев следново – доколку, по некоја случајност, Косово останеше во Србија, Албанците сега би имале најмалку 30 насто пратеници во парламентот на Србија, би добиле претседател или премиер на Србија, шеф на тајната служба или началник на Генералштабот. По неколку години, десетина можеби, со ваков наталитет би владееле со Белград и на север, се до Суботица. Ние би се чаламеле дека Косово е наше, а тие, наскоро, би станале вистински господари на Србија. Ама, нејќат, па нејќат луѓето со нас. Што е нивно право.

Ама, затоа, ние знаеме што сакаме. Сакаме во Европа. Но, како што веќе реков, Вучиќ, Николиќ и Дачиќ имаа најдобри учители. Затоа, во предвечерието на договорот со Брисел, Србија започна со изградбата на гасоводот Јужен тек, најголемата стратегиска, руска инвестиција во продорот кон Европа. Така се случи паранормалната, геополитичка појава: и Дачиќ и Вучиќ и Николиќ беа во Брисел, Берлин и во Вашингтон, но и на Србите и на сиот свет им се прикажа како на тројцата главите, истовремено, им ѕиркаат од руската цевка, заварена во Србија.

Србија, значи, пресече. Јури кон Брисел, но, со мотор што работи на руски гас. Каде ли ќе не одведе тоа возење? Во хотел со пет ѕвездички или во провалија? Неправедно запоставена и, главно, заборавена, народната мудрост, што практично се употребува од политиката до швалерацијата, вели дека кроткото јагне од две овци цица. Сигурно дека и неврзаниот другар Тито би се гордеел со ова. Аха, само да потсетам – и Вучиќ и Дачиќ и Николиќ носеа црвени, пионерски марами. >> Српската верзија на блогот проследете ја тука. Објавено: 24.12.2013