Тајната на љубовта меѓу Србите и новиот вожд: Мистеријата Вучиќ

Иако новиот премиер на Србија, Александар Вучиќ, изгледа монашки во настапите – не проповеда за Бог, туку е замислено загледан во Белград на вода, шеиците и проевропската вечност – некогаш одамна беше страстен навивач од блоковите. Со таквото искуство, бргу стана член на Ѕвездините навивачи, Делиите. Со особено задоволство тргнуваше во походи по непријателските територии. Загреб, Винковци, Осиек и Сплит му беа омилените дестинации за фудбалскиот туризам, каде што младиот навивач созреваше како фајтер и како десничар. Тие егзотични патувања беа фолклорен дел од „големоѕвездината“ експанзија во дивата Прва југословенска лига, племенската заедница на раскарани воини, која еднаш неделно се собираше по боиштата и играше ненадминат фудбал. Само со вакво искуство, Вучиќ можеше да постане ваков Вучиќ, совршен технолог на власта, со популарност што не ја имаше ниту Слободан Милошевиќ. Ама, Вучиќ има совршен план…

Првата важна одлука што ја донесе новиот премиер на Србија, Александар Вучиќ, беше вработените во министерствата и потесната државна администрација да доаѓаат на работа во 7.30 часот наутро. Најмоќниот човек на Србија, кој оствари најубедлива победа на изборите откако падна Берлинскиот ѕид, а Србите го обновија повеќепартискиот систем после комунистичкиот експеримент, е познат како ранобудник и работохолик. Станува пред вампирите, а легнува подоцна од нив. Современата медицина воопшто не утврдила дали тој човек некогаш спие.

Прв доаѓа во Владата и сосема е логично дека му е досадно, особено зашто нема по кого да вика, гледајќи ја црната дупка на буџетскиот дефицит. За да не ги споделува тагата и бесот сам, одлучи армијата безработни јавни службеници, барем, да станува рано, в зора.

Во претходната влада, Александар Вучиќ започна да создава имиџ на херојски борец против корупцијата и организираниот криминал, ја предводеше и тогаш најсилната партија, Српската напредна партија, беше координатор на сите тајни служби, но, Социјалистичката партија, предводена од Ивица Дачиќ, беше тегот на вагата што пресуди исфрлање на демократите на Борис Тадиќ од владата и воведување во игра на лајт радикалите на Воислав Шешељ, кои, за време на Тадиќевиот мандат, главно со помош на Американците, се претворија во најевропјани, со новиот водач, сегашниот претседател на Србија, Томислав Николиќ.

Како успеа Вучиќ да постане новиот српски вожд? Трпение – спасение, вели мудриот народ. Додека Дачиќ ја предводеше владата во која тој беше негов прв потпретседател, а Николиќ, според Уставот, се откажа од шефувањето со партијата, Вучиќ започна со процесот на акумулирање на моќта.

Речиси 25 години ја чекаше врховната власт и кога тоа, конечно, се случи, кога стана српски маршал, се најде во позиција да раководи со Србија  која е пред банкрот, поплавена и соголена. Пред некој ден, водените буици без малку ја оглодаа и така беззабата Србија. Ниту надвор, во големиот свет, не е посјајно. Ситуацијата не била побезвезна уште од времето кога инженерите на другарот Никита Хрушчов, маскирани во берачи на банани, склопуваа нуклеарни ракети на Куба.

Тие кои што не го сакаат Вучиќ, сметаат дека со ова е задоволено барем делче од правдата, иако ликувајќи и тие ќе бидат заедно со него, како во антички театар, само што драмата што ќе ја гледаме ќе биде српска.

Тие што го обожаваат Вучиќ, дали заради традиционалната, српска, слепа љубов кон водачите, дали заради опортунизмот или заради искреното верување, а вакви се размножуваат по илјада дневно, како зајци, немаат ниту време, ниту причина, а, главно, ниту динар в џеб, за да се занимаваат со катарзичната драматургија на доаѓањето на Вучиќ на српскиот престол.

За  тој обичен свет, кој кога ќе види леб му се причинува дека се шненокли, а кога ќе го брцне прстот во маргарин, мисли дека гали кременадла, Аца Вучиќ, брилијантниот дипломец на Правниот факултет во Белград, е последната надеж дека како нација, конечно ќе се најадеме. Макар и како малечки од пудличка, да јадеме три пати дневно. Ма, прсти да излижеш, зар не? Овој дезориентиран, српски лумпенпролетаријат го сочинуваат радикалите без џи-пи-ес, кои го слушаат Вучиќ, а го гледаат  Шешељ. Оваа маса ја пополнуваат и разочараните досовци, кои го гледаат Вучиќ, а, се некако, им се привидува Зоран Ѓинѓиќ.

И кога на овој свет ќе му го додадеме и купот слобисти, кои навивајќи за Вучиќ, од далеку го слушаат ехото од познатиот глас на Газиместан, иако тоа ехо зборува некакви еретички пораки за европските интеграции, сфаќаме две нешта: едното е пријатно за Вучиќ и, вушност, појаснува како тој толку убедливо ги доби изборите. Другото е помалку пријатно и зборува пред какви вистински искушенија ќе се најде, како иден премиер.

Овој чесен, наивен и толку пати излажан свет, што му е добро познато на Вучиќ, како во секоја бајка, сака само да живее среќно, до крајот на животот. Значи, јадење, домаќинска жена и далечинско, со полни батерии. Изиграни и опљачкани, тие сакаат само правда или, макар, илузија дека таа е остварена. Оттаму, системот на вредности на најголемиот дел Срби е еднаков на системот на вредности на Снежана и седумте џуџуња: на крајот да победи љубовта и полицијата да дојде по главниот негативец. Или, евентуално, да заврши в лонец. Овие луѓе, а такви се барем 80 насто од популацијата, како главна причина за нивните промашени животи ја скенирале клептократската елита – сојузот меѓу политичките партии тајкуните и мафијата што управуваат со животот и со смртта, со медиумите и со стопанството, со минатото и со иднината, со земјата и со вселената, со Вук Бранковиќ и со цар Лазар.

Во земја, во која на операција на катаракта се чека две години, значи, во земја на масовно слепило, Вучиќевата стратегија беше совршено видлива. Ако најбогатиот Србин, Мирослав Мишковиќ, како прататко на сите тајкуни, меѓу овој обичен свет беше идентификуван како симбол на пљачкашката транзиција и сеопштото страдање, Аца го стори она што пред него никој не смеел ни на сон да го сонува. Го уапси не само Мишковиќ, туку и син му – колку да нема никаква забуна во тоа – кој намерува да ги држи уздите во Србија во наредните години.

Потоа Вучиќ продолжи да отсечува дел по дел од таа ламја и да ги сервира остатоците на послужавник, нудејќи им на избирачите по залак илузија од задоволувањето на правдата.

Зошто зборувам за илузија? Затоа што гласачите од тоа не ги наполнија стомаците, ама ранетите души – да. Оттука и забуната кај таканаречените интелектуалци, додуша ретки, зашто мнозинството одамна чека во долга редица за аудиенција кај новиот господар, што годи на неговата суета, ама, никако не смее и на неговата интелигенција: како е можно Вучиќ да успее да ги обедини и шешељовците и слобистите и ѓинѓиќевците и уметничката душа на нежниот криминалец Кристијан?

Тајната лежи во неговото минато. Како, веројатно, највешт менаџер на изборни кампањи, еднакво заљубен во Ѕвезда како и во фокус групите, кој истражувањата на јавното мислење ги набљудува како сеизмограф: точно знае што да изговори за да предизвика земјотрес или народот да пушти солза по него, Вучиќ не мораше, како Војислав Коштуница и Борис Тадиќ, да ги слуша советите на неговите маркетиншки советници, главно преваранти, додека лично управуваше со својата кампања. Вистина, тука беа еден Израелец, потоа и еден Американец, Вилијем Монтгомери, ама, Аца, сепак ги следеше своите политички инстинкти за самоодржување, вртејќи се на полудениот српски  рингишпил.

Вучиќ, имено, главно ги работеше кампањите за Војислав Шешељ и за Томислав Николиќ, та и поради тоа е единствен примерок на српската политика: имаше двајца политички татковци. Додека останатите, како Слобо, Ѓинѓиќ, Борис или Дачиќ, имаа само по еден, па не им беше тешко, како на крајот на секоја српска приказна, да извршат ритуално таткоубиство, за да бидат иницирани во српски крал, Вучиќ, барем засега, се откажа само од едниот.

Неколку дена после изборниот пораз на Томислав Николиќ,  на претседателските избори во 2008 година, прилично, значи, пред Борис Тадиќ и Американците, визионерски напишав дека во десничарската бајка што ќе следи, тогаш третиот човек на радикалите, ќе биде промовиран како прв. За ова да се каже беше потребно да се знае по нешто од основното политичко образование и логика, како колоквијален предмет, од кого Србите, главно, бегаат, како од веронаука.

Конечната потврда дека некогашниот министер за информации во владата на Мирко Марјановиќ, во времето на слобизмот, почна да доживува генетска и политичка трансформација, по која ништо во Србија нема да биде исто, се случуваше постепено, но, сигурно: Вучиќ, имено, почна да се претвора во Црвенкапа.

На дотогаш најдобриот војводски ученик, момчето кое Шешељ го прифати како бледникав слабушко од Ѕвездиниот Север, а потоа го испрати да се прекалува по телевизиите, му се разјасни: таму далеку повеќе не допира дистрибутивниот синџир за продажба на собраните дела на Војислав Шешељ.

Решешељизацијата на радикалите, во првите неколку месеци, ги тераше граѓаните да се кинат од смеење. Ама, луѓето се менуваат, нели? Затоа наглиот преод од „Голема Србија“ на Вебер предизвика такви емоционални шокови кај лутите радикали. Прекршувајќи се во себе, штотуку родената Црвенкапа од збирките на поткосовските бајки, како Александар Вучиќ во земјата на чудата, успеа, сепак, во незамисливото: ги рестартираше радикалите, убедувајќи ги дека ќе дојдат на власт тогаш, кога ќе престанат да ги спасуваат Србите.

Чесно е да се каже дека тој, навистина, ги имаше сите услови за тоа. Белградско дете е, во вистинска смисла на зборот. Тоа што е најурбаниот радикал, секогаш го сметаше како своја предност, а не како интелектуална деликвенција. Ако се верува дека радикалите изникнале од народњаците, Вучиќ ги слушаше Франц Фердинанд и рокенрол класиката, мувајќи се по новобелградските блокови 45 и 70. Додека се исповедаше за првите скитања, не делуваше како стерилен војник на радикалната партија. Иако Аца Вучиќ сега изгледа монашки во настапите –  не проповеда за Бог, туку е замислено загледан во Белград на вода, шеиците и проевропската вечност – некогаш одамна беше страстен навивач од блоковите.

Со таквото искуство, бргу стана член на Ѕвездините навивачи, Делиите. Со особено задоволство тргнуваше во походи по непријателските територии. Загреб, Винковци, Осиек и Сплит му беа омилените дестинации за фудбалскиот туризам, каде што младиот хулиган созреваше како фајтер и како десничар. Тие егзотични патувања беа фолклорен дел од „големоѕвездината“ експанзија во дивата Прва југословенска лига, племенската заедница на раскарани воини, која еднаш неделно се собираше по боиштата и играше ненадминат фудбал. Само со вакво искуство, Вучиќ можеше да постане ваков Вучиќ, совршен технолог на власта.

Само Ивица Дачиќ, како единствена политичка единка слична на Вучиќ, кој доживеал слична политичка реинкарнација, знаеше како вистински да опстане и каде, всушност, се крие моќта. Довчерашниот премиер, имено, бараше спас надвор, од странците. Зарем не го покажа тоа пред неколку дена, среќавајќи се, во 24 часа, со американскиот и со рускиот амбасадор во Белград, Кирби и Чепурин, како и пиејќи кафе со Хабзбурговото внуче, кое, за чудо, допатува во Белград, некако истовремено кога Герхард Шредер се фотографираше со Вучиќ и со Ружица Ѓинѓиќ, сопругата на покојниот Зоран Ѓинѓиќ.

Вучиќ не само што го знае тоа, туку, веројатно и свесно го смести Ивица до себе, поставувајќи го за – „некогашниот себе“. Имено, Ивица е прв потпретседател на владата задолжен за безбедноста и министер за надворешни работи. Така, Ивица стана некој вид српска Кетрин Ештон. Впрочем, кој би сакал да го има против себе тој искусен и намачкан претходник во Немањина 11, зградата каде што е сместена Владата на Србија, кој покажал дека има повеќе животи отколку една мачка. Вучиќ, сепак, не одолеа да му удри макар една пацка на Ивица, прозивајќи го, дека како премиер, станувал дури во 10 часот претпладне. Ова, секако е сосема разбирливо, затоа што некогашниот најдобар ученик на Милошевиќ вистинската работна температура ја постигнуваше, главно, по ноќните клубови, а пред се, во култната дорќолска кафеана „Сокаче“.

Но, таквиот Ивица, кој што подеднакво ги маѓепсува Америте, Русите и Халид Бешлиќ, не му е потребен на Вучиќ во опозиција, особено не на улица, затоа што на новата влада, до јули, и претстои усвојување на 21 економски, реформски закони, меѓу кои Законот за рабoтни односи ќе биде нешто малку похуман од инквизицискиот. Накратко, работниците ќе бидат прогласувани за вештери, ама, каква среќа, не ќе горат на клада. Ќе се пржат во Бирото за вработување, а потоа, според проекциите на премиерот, ќе се случи големата преселба на народите, од јавниот во приватниот сектор.

Вучиќ совршено добро знае дека најболните реформи се спроведуваат во првата година од мандатот на владата, но, неговата моќ и популарност се толку големи, што редицата за аудиенција е километарски долга, па, се чини дека ни Слоба немал таков список на оние, кои најрадо до Вучиќ би дошле преку ред. Редно е сега, како секој класичар, да се цитирам себе си: во највлијателниот политички њуз-магазин, „Неделник“, каде што сум колумнист, пред некој ден напишав дека, според старата, српска традиција, искажувањето верност кон новиот водач, по скратен пат води – преку ВЦ шолјата. Ама, така е со нас Србите. Сите тие силни тајкуни, политичари, интелектуалци, новинари, експерти, уметници, во новиот премиер, со ококорени очи и со подзината уста, го гледаат новото, митско суштество на српската политика,  „половина Тито – половина Ѓинѓиќ“. И сите кои сега чекаат, редум, да му бакнат рака, на крајот ќе му го одгризат, барем, прстот.

На апсолутниот победник на изборите му е познат тој прекрасен, канибалистички обичај на Србите. Затоа бара најширока поддршка, за да не биде апсолутна неговата одговорност. Тоа е Вучиќевскиот совршен план и затоа, во оперативната екипа, сите на куп, ги собра и бившите националисти и суровите неолиберали и разноразните експерти, па ги зачини со Унгарците и со доживотниот министер, Расим Љајиќ. Ја уфрли и Кори Удовички во владата, некогашната министерка во владата на Зоран Ѓинѓиќ, создавајќи фронт за национален спас и поставувајќи ги своите најверни, млади соработници, како Небојша Стефановиќ, како продолжен кабел. Неодамна, Небојша беше претседател на Собранието на Србија, а сега е министер за внатрешни работи.

Околу себе Вучиќ ги собра и партиските и светски босови, како, на пример, докажано безгрешниот и невин Доминик Строс Кан, кој, дури сега се гледа, дека без причина беше ставен пред стрелачкиот вод на опаките, овдешни феминистки, кои ја бараа неговата ДНК и му ѕиркаа под јорган, залудно барајќи ја скриената кафе-куварка од Владата на Србија. Покрај Доминик и останатите советници, Вучиќ стекна и наполно неочекувани обожаватели и сојузници, се сами ѕвезди на другосрбијанската, глобалистичка, филозофска мисла.

Така е створено едно прекрасно пријателство помеѓу Србите и новиот вожд. И, како во секоја српска, љубовна приказна, тоа пријателство никогаш нема рок на траење.

Вучиќ е свесен за тоа. Позната му е тајната клаузула од договорот помеѓу Србите и нивните владетели: во мигот кога ќе стапнат на тронот, раката што се бакнува, започнува да прилега на гурманска плескавица.

 >> Српската верзија на блогот проследете ја тука. Објавено: 13.05.2014