Тајната на ноќниот живот на Белград: Пејачки во скутови, на сплавовите на гревот

Спонзоруши, лидери на партии, криминалци, студентарија, банкари, кралеви на белградските Цигани, тајкуни и топ – адвокати, силиконски рибетини, домашни и странски шпиони, сите тие се измешани во турлитавата на ноќниот, сплаварски живот на Белград! Тоа искуство мора да се вкуси, да се почувствува, да се испие на екс, а потоа да се вдише со полни дробови, за да може вирусот да ја зафати и последната клетка

Како Јами ми се најде во скутот не ми е баш најјасно, но, долгоногата русокоса, поради која Мило Ѓукановиќ го праќаше млазниот авион на црногорската влада во Белград, во таа неодамнешна, луда ноќ, промени многу затапени, мамурни, машки фотелји, како мене. Иако одамна ја има преминато четириесеттата, Јами и денеска изгледа како неутронска бомба, занесна, кокетна и опака. Мајко моја, каква Јами, страшна Јами! Во црвено, тесно фустанче, три броеви помало! Сплавот го крена на лесните нозе, зошто од грлото и избиваа стиховите на треш народњаци, на сплавот Фенси кафеана, укотвен на педесетина метри од српската Речна воена флота.

Но, додека војската дреме, додека старите, зарѓани, торпедни чамци мируваат, турбо-фолкот на сплаварската, дунавска армада со кого, од некоја од сплаварските соби,  управува контраадмиралот, Аца Лукас, пука од сите топови. Фенси кафеаната е типичен, народњачки сплав, едно од светите места на лудиот, ноќен живот на Белград. Ако татко ви се фалел дека во седумдесеттите години, во некоја од друмските крчми на Ибарската магистрала, Весна Змијанац му седела в скут и му пеела на увце, откако, пред тоа, на тајна седница, го обработила комплетното раководство на ЦК СК на Србија , истото може и вам да ви се случи ноќва. Може да им се случи и на членовите на претседателството на сите парламентарни партии, зашто и тие се тука некаде, се  врткаат наоколу…

Полноќта е време кога се раѓа тој ирационален свет на забавата

Реката е тивка и мирна, ама, сплавот се тетерави, опијанет, какви што се и посадата и гостите, кои што ги носи дунавскиот цунами! Сопствениците на сплавот се таинствени, залижани мачори, кои со децении го обликуваат ноќниот живот на Белград, со цени на пијалоците од кои сеуште ми се крева косата на главата. Момците изгледаат како оние лоши мачори од цртаните филмови, кои секогаш го местат Том и ја држат страната на Џери.

Како грмеж, кон моето ушно тапанче се приближува, се насетува, надоаѓа познатиот и заборавен глас на Кемал Маловчиќ, стар шмеќарџија од босанскиот Сански Мост. Му го знаев наизуст албумот, тенчејќи ги пешадиските чизми во ЈНА, додека на пистата на таа аветна, словенечка касарна Пивка, скриена во планините, каде што се мешаат ветровите од Алпите и Јадранот, завиваше и тогаш тој култен, џиберски пејач, со славниот хит „Се врти тркалото на среќата“. Таа песна, патем, после повеќе од дваесет години, звучи како класика.

Кемале, брате мој роден, стар другару од времето на војничката адолесценција, од каде, пак, ти во ова лудило, во ова глуво ноќно доба? Јами, Весна, Кемал, лидери на партии, криминалци, студентарија, банкари, кралеви на белградските Цигани, тајкуни и топ-адвокати, силиконски рибетини, домашни и странски шпиони, сите тие се измешани во турлитавата на ноќниот, сплаварски живот на Белград! Тоа искуство мора да се вкуси, да се почувствува, да се испие на екс, а потоа да се вдише со полни дробови, за да може вирусот да ја зафати и последната клетка.

Полноќта е време кога се раѓа тој ирационален свет на забавата, што Белград го претвора во најдобар, светски град за разонода. И официјално! Како таков го прогласија и Гардијан и BBC и CNN… Некогаш, распашаниот Слоба изјавуваше: „Ако не умееме да работиме, умееме да се тепаме!“ – па ги заработи Хаг и мистериозната смрт. Сега, веројатно, би рекол: „…Умееме да се забавуваме!“ – па би ја заработил Нобеловата награда за мир и награда од МТV.

И, никому не му е јасно како почнало, ниту некому му паѓа на ум како ќе заврши, но, во тој паранормален свет на забавата, од народните песни до најдобрите светски ди-џеи, фршти непојмлива енергија, пулсира таа балканска, црна дупка на градови над градовите, та, затоа, браќа Македонци, добро припазете. Зашто, кој ќе посака да се катапултира во тој универзум, ќе го загуби разумот. Како кога ќе се седне во Алфа Ромео – знаеш дека кога си во таа кола патуваш во пропаст, знаеш дека машината е скапа за одржување, знаеш дека потоа нема кому да ја продадеш… Ама, исто така, добро знаеш дека повеќе не сакаш да седнеш во ниеден друг автомобил! Колку пати се случило на устието на Сава во Дунав, во подножјето на Калемегданската тврдина, на сплаварската флота, без никаква помпа, инкогнито да се качуваат ди–џеи од Њујорк или Лондон, само за да и тие самите уживат во таа изгубена галаксија.

Непрегледни маси луѓе чекаат да влезат во тие сплаварски куќи на стравот, ужасот, гревот и конечното откровение, поминувајќи покрај намуртените исфрлувачи – „двометраши  повеќетонци“, кои, во животот веројатно се насмеале само кога во цртан филм на Бамби му умира мајката. Цените на пијалоците, главно, ги надминуваат границите на секоја фискална пристојност. Менаџерите на поедини сплавови, како што се „Саунд“ и „Фристајлер“ сигурно бегале од часовите по хемија, та некој им дошепнал дека пивото, место од хмељ се прави од злато, зашто шишенце „туборг“ чини повеќе од 300 динари. Ало, кој те прашува колку чини пивцето, додека си се заѕверил во атрактивните танчерки кои се виткаат околу шипката, баснословно платени за да им испари на гостите и она малку мозок со кој зачекориле на сплавот.

Неретко, за шише обично шампањско, на такви места, се плаќа и по 55.000 динари или повеќе од 500 евра, но, вие мора да платите поради најмалку две нешта: зашто веќе излеговте овца, бидејќи девојките, ангажирани од клубот да седат со глупаци како вас, нарачувале нови и нови шишиња. Другото нешто, поради кое не смеете да лелекате, зашто и вистински може да залелекате, е што обезбедувањето делумно го сочинуваат припадници на воени и помалку воени формации од југословенските, граѓански војни. Кога група момчиња одбива да ја плати сметката, „обезбедувачите“ молскавично ги изнесуваат од сепареата, потоа ги проветруваат надвор, ги потопуваат во река и ги вадат надвор од неа, за да измерат колку можат да нуркаат со еден здив. После ваква тераписка сеанса, лошковците посрамени, мокри, искинати и без накит, се враќаат за да платат – што со пари, што со глава.

На Ада Циганлија се наоѓа причината, овде е запалена првата искра

Кому, пак, не му се пие дунавска вода, нека оди крај Сава, кај Бранковиот мост, каде што најдобрите менаџери на градскиот клабинг држат три клубови – Младост, Лудост и Бранков. Доведуваа ентериеристи од цел свет, не жалејќи пари. Во низа се поредени фенси, ама, баш фенси клубови, во кои што се собира белградската финансиска елита, која не мора да вади чакал од дното, за да ги плаќа сметките. Секако дека Ада  Циганлија, како задолжителна дестинација, се подразбира, зашто кој не се нашол на езерото во центарот на градот, крај чиј брег се начичкани десетина клубови, во кои до изутрина ечат сите видови музика на овој свет, тој не знае што е  Белград. Тука, некаде, партизаните го стрелале и четничкиот командант, Дража Михајловиќ, така што, пред секои избори или при нагло паѓање на динарот, му се бара гробот, ама, да го оставиме Дража… На Ада Циганлија се наоѓа причината, овде е запалена првата искра, одовде тргна лудилото на ноќниот живот – на легендарниот сплав Хуа Хуа или на циганскиот разорувач Блек Пантерси, каде што свири Тома Циганот со фамилијата и каде што на едно место, пред зора, со прсти, заедно јаде најбогатиот и најбедниот свет на Србија, насладувајќи се со џинџи – ринџи. Тоа е јадење забуричкано во кујната на Тома Циганот и од тој оброк само што не ќе изрипаат караконџули за да ве изедат, наместо вие нив.

Блек Пантерси настанале како куќарка на вода, со оркестар што свирел се – од чергарски балади до хеви метал – а бил сместен на најзафрлениот дел од езерото, па никој од сиромашките, кој ќе се опијанел на сплавот  како мајка, не можел да го најде патот за назад, низ дивите бусени. Така се ширела легендата, сплавот се доградувал, како и клиентелата. Токму тука, првите српски тајкуни почнале да ги склопуваат бизнисите, потоа, го опседнале криминалците, по нив пристигнале пандурите, кои го чистеле теренот, за на Блек Пантерс, со жените и со љубовниците, во засебни смени, да започнат да пристигаат и политичарите. Секако, ако соберете два и два, ќе ви стане јасно кој уште тука недостига: се разбира, шпионите од сите видови, зашто, одамна Белград го сметаат за балканска Казабланка, па, на тој цигански, воен брод, паѓале дилови, се разменувале информации, се одлучувало за војна и за мир. Ех, кога би проговорил Тома Циганот за тоа колку српски влади се составени и соборени на неговиот команден мост, не би морал никогаш повеќе да земе микрофон в рака. Ама, Тома го знае законот на молкот и затоа не зборува, туку само пее.

Кој ќе се зажели за копно, ете му го боемскиот кварт Скадарлија

И, како, тогаш, да се оди дома? Кој ќе се зажели за копно, ете му го боемскиот кварт Скадарлија, според кој атинската Плака или парискиот Монмартр се, небаре, клуб на пензионери каде што се игра домино. Тамбурашки оркестри, изворни песни, ќебапчиња и лудило, зашеметени стренџери или гулаш со кајмак, кој и денес се истура со црпалка во џиновската лепиња. После тој гурмански подвиг, излегувате измачкани, како, божем, сте статист од уште едно продолжение на Тексашанинот кој масакрира со моторна пила, зашто невозможно е, со било какви движења, да се контролира дивеењето на гулашот, што, како крв, се цеди од лепињата… Но, полноќта не е скадарлиска доба, па мора да се спуштите кон Дорќол, во Силиконската долина, каде што вечно ќе запаметите што значи зборот – „спонзоруша“.

Улицата Страхињиќ Бан наречена е по митскиот, српски јунак, кој на својата жена, во старите времиња, и ја простил прељубата со Турчин. Во катарзичното финале на една од најубавите  српски, народни, епски песни, Страхиња не сака да го ослепи своето неверно либе со зажарен нож, туку и раскажува за вечната љубов… Тој стих во десетерец, инаку, се смета за еден од најинтригантските и  најромантичните во светот на поезијата, со што бил согласен и славниот Гете. Имено, да поедноставам за денешната Твитер и Фејсбук генерација, на, за нив, разбирлив јазик: таткото и браќата на неверничката, му порачале на Бановиќ Страхиња да ја исече на парчиња, зашто курвата се смувала со турски разбојник.

И, што сторил Страхиња? Замислено му одговорил на татко и: „Немам рујно вино со кого да пијам“, а потоа ја прегрнал жена си и да ја вратил дома. И ден–денеска се пишуваат докторски тези за причините на Страхињината великодушност, а, всушност, не се сфаќа дека витезот бил претходник на денешните трендсетери.

Што претставува денес дорќолската улица, наречена по џинот–јунак, со меко срце и пуфкасти влечки? Духот на неверничката, всушност, никогаш не исчезнал и денес се крие токму во неа, во засолништето на девојчињата, кои, кај пластичните хирурзи, како кај вулканизери, ги пумпаат градите и усните со, барем, три атмосфери. Силиконските убавици ги демнат жртвите на секој чекор, ги снимаат сопствениците на џипови, кои лежерно  паркираат во квартот каде се покажува моќта, стекната за една, транзициона ноќ. Тоа е улица во која ќерките сонуваат дека се Стоја, а синовите – заштитени сведоци. И тука има убави кафулиња, Кашмир, на пример, каде што царува жива музика, гостите се, релативно, нормални, но, митовите постојат, веројатно, за да бидат урнати. Меѓутоа, во последно време, комуналната полиција на белградскиот градоначалник редовно доаѓа во Силиконската долина и брутално ги затвора кафулињата околу полноќ. Штета, жалосно… Човек, после такво искуство, речиси ќе посака џез.

Да, и тоа го има и тоа во изобилство – секако, ако постои некој кој џезијаната ја смета за добра забава. Во некогашната гигантска, издавачка тврдина, БИГЗ, во која се печатеше социјалистичко–самоуправната лектира, а која одамна банкротира или е продадена на некој главуч – само Господ тоа го знае – но, во таа призрачна, огромна зграда, уште талкаат духовите на Едвард Кардељ, Петар Стамболиќ и Владимир Бакариќ и, секојдневно, на три ката, трештат џез–сешни. По цел божји ден. Замислете,  тогаш, како ли е кога ќе падне ноќ?

И, на крај, според стариот, белградски обичај, кога мислите дека од телото ви е исцедена и коскената срж, се оди на бурек. Или на ќебапчиња. Или во кафеаната Ужице, на Автокоманда, каде што се срка врела, телешка чорба. Или се оди на цврчак, плескавица од пет или десет ќебапи, што, буквално, чрчори во лимениот тањир, заканувајќи се дека ќе оживее и дека ќе истрча во ноќниот живот.

Кој не бил на Бродарац кога изгрева сонцето, џабе му е животот! Бродарац е клуб кај Старото сајмиште, во кого се оди точно во пет изутрина. Чашите се валкани, пијалокот е прескап, свират вдахновени Цигани на електрични виолини. Има тепачки, се случуваат и убиства. Ама, еј, ало, некој и тоа може да го свари, бре!

Вака е секој божји ден и секоја ноќ, без оглед дали се работи за традиционалната, еврејската или српската Нова година. Затоа, правите Белграѓани, главно, излегуваат во четврток. Тогаш, никој не знае зошто, посетеноста на сплавовите и клубовите е најмала, нема бесни млади, олабавено е…

Уште еден од ретките, белградски зачини, точно и така се вика: „…Опуштено, брате, опуштено…“. Белграѓани имаат свои клубови, наречени штекови, а, всушност, тоа се полуилегални кафулиња во кои се влегува како во времето на чикашката прохибиција: тесен отвор на вратата, низ кого ве набљудуваат очите на горилата. Услов за влегување е да си на „ти“ со горилото. Потоа, по стрмните скалила, влегувате во мрачниот, ноќен свет, што не постои во туристичките водичи, што не е регистриран, ниту откриен. Што се случува во тие дувла кои немаат име, кои немаат никаква  табла, ниту ознака, ниту, пак, се знае кој им е вистинскиот газда? Е, тоа е веќе тајна. Тоа е стариот, недопирлив, ноќен Белград…

Објавено: 09.01.2013