Тито: Од сè што ви оставив, Божја ви мајка, најдобро се држи Јованка

Жими сите седум офанзиви, Игманскиот марш, Ричард Бартон и Едвард Кардељ, баш се изнаспав. Што ли прават моите народи и народности после толку години? Го чуваат ли братството и единството, како зеницата на окото свое или глувците пак се заебаваа, додека мачката спиеше – рече маршалот Јосип Броз Тито, откако се расони, ја подигна мермерната плоча и излезе надвор, да вдишe од свежиот воздух на Дедиње. Мај е негов месец. На 25-ти мај се роди, на 4-ти мај умре. За тоа што затекна од неговата империја после 33 години, ексклузивно сведочи репортерот на Академик.

Чуден беше тој диктатор, кого го нарекуваа Тито. Сомнително арамииште беше тоа. И масониште, како што вели легендата. Мајката негова, се спакува, попиша и им остави на своите наследници. На децата ништо, на народите и народностите – сè останато. И, долго време го мразеа Србите, глогов колец сакаа да му набијат в срце, зашто многу порано се зафркнаа со Сава Савановиќ. Патем, Сава е најславниот српски вампир, кој е присутен во сите научни и хорор енциклопедии ширум светот – тој е извесен, невротичен воденичар, кој се забавувал така што си пивкал крв  по селата во околината на Бајина Башта, та постанал еден вид етно-чудовиште, кое се повеќе се појавува во јавноста. Единствено не гостува на телевизија, што, речиси, секое лето го поттикнуваат локалните туристички организации. Богами, се повеќе се расправа за Савината рехабилитација и на национално ниво, како Србите би го крунисале побратимот на грофот Дракула и би ја зајакнале својата туристичка понуда.

Како опстана Сава меѓу толку многуте принцови на темнината? Легендата вели: откако го заробиле Сава, мештаните, наоружени со низи лук, заборавиле грешниот и страшен воденичар да го прободат со глогов колец во срцето, па јунакот Сава се размножил. Така, за навек, на Србите им останал вампирскиот тестамент и денес имаат повеќе крвопијци отколку комарци.

Слично нешто сакаа да сторат и со маршалот. Во тоа особено се истакнуваше војводата Шешељ, на почетокот на својот четнички мандат во деведесеттите години, кога најавуваше дека ќе провали во Куќата на цвеќето, каде што почива Тој – и дека, конечно, ќе го среди вампирот. За среќа, Војводата Шешељ не најде дрвен колец, па гробот на другарот Тито  и на најголемиот син на нашите народи и народности остана негибнат.

Но, со време, Србите сфатија: дека тоа црвено кумровско вампириште не приватизира ниедна фабрика, не ограби тој измамник коминтерновски ниедна банка, туку им даваше станови и викендици. И плати, за да одат на море. И школството и здравството беа бесплатни и работничките деца стекнуваа дипломи. Ама, му се смачи на народот таа диктатура, тој затвор, таа илузија на еднакви шанси. Во Белград доаѓаа и Никсон и Брежњев и Роберт де Ниро и Софија Лорен, ама, им се згади на Србите тој богат, декадентен и здодевен живот без демократија.

По неговата смрт, тргнаа да ја освојат. И ја добија! Но, како демократијата се повеќе буеше, почнаа да се будат сеќавањата на маршалот. Умре на 4 мај, пред точно 33 години. Значи, време е да Вокресне. Но, еден мој добар пријател ме замоли, од мојата визија за враќањето на Тито од оној свет, да ја исфрлам национализацијата и пресметката со богаташите, а, бидејќи сме баш добри пријатели, ред е милионите да му останат нечепнати.

– Божја му мајка, жими сите седум офанзиви, Игманскиот марш, Ричард Бартон и Едвард Кардељ, баш се изнаспав. Што ли прават моите народи и народности после толку години? Го чуваат ли братството и единството, како зеницата на окото свое или глувците пак се заебаваа, додека мачката спиеше – рече маршалот откако се расони, ја подигна мермерната плоча и излезе надвор, да вдише од свежиот воздух на Дедиње. Мај е негов месец. На дваесетипетти мај се роди, на четврти мај умре. На 9 мај, сојузничките сили го поразија Хитлер, а Титовата војска беше една од најсилните антифашистички сили во Европа.

Маршалот, значи, стана. Се расони, но, нигде ги нема членовите на кабинетот, го нема нигде ни аѓутантот, ниту собариците со длабоки деколтеа, ниту почесната гарда…

– Кој век е ова, мора да е некоја далечна иднина, штом ги нема колоните граѓани од целата земја, револуционерите и пионерите, да ме посетат, да ми се восхитуваат. Ама, ќе сопрам едно такси и ќе скокнам до Белиот дворец, мора таму да ми е сета дворска свита.

Сопира маршалот такси. Застанува стара, прастара „застава 101“.

– Тоа си ти? Се врати? Има Господ, другар стари. Кога беше Југа, немаше тага – крикна револуционерно возачот и излезе да му ја отвори задната врата. Се поклонува, му го бакнува малото, лакирано, маршалово чевличе.

– Пред се, другар, Бог не постои. Религијата е опиум за народот. Затоа, Бог заборави го, зашто јас сум вечен. Зарем не траам вечно во вашите срца? Зарем не ме повикувате пред спиење, да оживеам, да ви се вратам? Слушав, на оној свет, разни рекла–кажала за тоа како ве суредил меѓународниот империјализам. Затоа дојдов, да видам како се живее, другар. И што, бре мајката, толку ме бакнуваш? Знаеш ли дека вака ме бакнуваа само оперските пејачки на Бриони, Софија Лорен во дворецот, како и домашните глумици! Ех, колку балерини воздивнуваа по мене! А бев убав, како напишан! Колку, само, другарки секретарки на Врховниот штаб сакаа да ме посетат во шаторот? Туку, зошто го возиш тоа возило? За да ја покажеш ли супериорноста на индустрискиот развој на социјалистичка Југославија? Браво, младичу, браво!

– Не е тоа, другар Тито, туку тоа што одвај имам и за леб. Ме отпуштија и ги приватизираа фабриките, за потоа да ги згаснат и да подигнат станбени блокови и трговски центри. Се родија нови богаташи, тајкуни ги нарекуваме.

– Кои, се, пак, тие сега? Што работеше мојата Удба, зарем потклекна пред контрареволуцијата и странскиот фактор? Каде е мојата силна ЈНА?

– Ништо од тоа не постои, се е разнебитено. Туку, еве го Белиот дворец!

– Ти благодарам, мој соборцу. Колку ти должам?

– Ништо, другар Тито. Важно, ти пак се појави! Србија и Англија ќе се земји пролетерски!

 И, јурна таксистот.

Маршалот влезе во Белиот дворец, ги препозна познатите градини, пауните, гну антилопите…

Троп, троп, троп –  тропа тој со масивниот, златен прстен  по дрвената, дворска порта.

– Ајде, отворете! Каде се гардистите, каде е стражата? Гледам дека Голи оток прерано го претворив во туристички центар. Има тука многу да се апси!

Човекот кој ја отвори дворската порта само што не се сруши на земја. Пребледе и на англиски го повика телохранителот да му донесе шеќер и вода. Виде дух, го виде Него!

Кога дотрчаа снагаторите, се вкочанија и тие, премалени од страв.

– Кој си, пак, ти, сега? Како да си ми познат – го праша Тито домаќинот.

Човекот започна да пелтечи:

– Караѓорѓевиќ, принцот Александар Втори Караѓорѓевиќ, другар Т…Т…Тито – одвај пропелтечи домаќинот.

– На мајка ти, па зарем не ве прогласив за злосторници и предавници? Ти си ми некој крал! Во мојот кревет ли спиеш? Белки не ја допре мојата Јованка – вресна Тито и се сопре: и птиците на небото и тролејбусите на Дедиње.

– Се колнам дека не сум ја допрел! Таа е заробена во една од вилите. Ја чува државната безбедност, другар Тито, цвеќе наше росно, сиот дворец вас ве следи – се обиде синот на кралот Петар Втори Караѓорѓевиќ, престоло-наследникот Александар, да ја разведри атмосферата, да го омекне воскреснатиот Тито.

– Слушај, ти, реакционерна сило, зошто си ми се вселил во дворецот? Ќе морам повторно да ги активирам Првата пролетерска, Шестата личка и Втората далматинска. Туку, си чул ли што е со мојот сеф во Народната банка? Оставив таму некои златни шипки, да ги чувам за црни денови.

– Само Шеста личка не ја викајте, се ќе ви кажам! Пред неколку дена Државната комисија на Србија влезе во сефот. И сѐ попиша.

– Јасно дека попишала. Секако дека не го однесов богатството во Швајцарија или на Кипар, туку ви го оставив вам, мајката ваша предавничка. И, зошто комисијата на Србија влегла во сефот? Кај ми е Југославија?

– Се распадна. Парампарче се стори. Затоа и се вратив, да ја обновам монархијата – рече Александар Втори, ама, треперејќи, тресејќи се.

– Викни ми такси, бргу. Подоцна ќе те уапсам. Откако ќе ја оформам војската и ќе ги подигнам резервните сили на Удба. Имам шпиони во резерва низ Србија, колку да сакаш.

– Разбирам, темјанушке бела – одговори принцот.

Пристигна „мерцедес“. А внатре, млад, набилдан таксист, закитен со златни ланци. На ретровизорот му е закачено кукле од Дража Михајловиќ.

Таксистот пребледе кога го виде маршалот во бела униформа како пуши томпус и го прострелува со небесносините очи.

– Охохо, па ти си четник – пионер. Ќе имам со тебе натамошна идеолошка работа, само префрли ме до Народната банка. После ќе те пикнам во работен логор или ќе те испратам на работна акција. Силен си ти, ќе пука каменот, ќе паѓаат ударнички рекорди. Четнику мој, ќе станеш ти Алија Сиротановиќ.

– Другар Тито, ние ти се колнеме, од патот твој нема да свртиме, почна да пее четникот – почетник.

– Браво, младичу! Туку, кој подигнал олку вили на Дедиње? Зарем толку генерали имаме, Божја ви мајка?

– Не се генерали, тоа се тајкуни – одговори таксистот.

– Пак тој збор го слушам! Како се случи сево ова – си помисли маршалот, а потоа излезе пред банката. Дебелите чувари застанаа мирно, спремни со батериските лампи.

– Колкави ви се платите, другари чувари?

-150 евра, ама, кога ќе дојдат! – извикаа јунаците.

– Какви евра, колку е тоа во германски марки?

– 300 марки, другар стари!

– Во мое време имавте 2000 марки. Зарем дозволивте да ви го грабнат екстра вишокот на вредноста? Зарем не сте го читале Маркс? Донесете ми го моето богатство!

И му го донесоа: 30 килограми злато во шипки и 2.663 златници. Тито ги зеде и 26.219 американски долари, 36.000 марки и 2.200 дански круни. Чуварите, за прв пат, го погледнаа со искра на презир.

– Зарем само толку сте сочувале, господару на самоуправниот социјализам и лидер на движењето на неврзаните и на слободниот свет? Каде се вашите силни дијаманти, каде се милијардите долари што сте ги изнесле од земјата? Па, толку, колку што сте ставиле во вреќава, денес има обична пејачка – се дрзнаа чуварите да удрат по каменот, по клисурината!

– Попусто се заканува амбисот на пеколот, попусто огнот на громот! Се ви оставив вам, а вие сето тоа го испивте и уште малку се колевте? Не оставив ли во секој град по една фабрика, во секое село по една земјоделска задруга, на секој дисидент по еден добронамерен агент, за да не сврти од револуционерниот пат? Не си ја задржав ли за себе Елизабет Тејлор, да ме набљудува со виолетовите очи, додека другарот Ричард Бартон се кршеше по Тјентиште, глумејќи ме мене, преубав? Не доаѓаше ли овде да ми се поклонува еден Орсон Велс? Не се љубев ли, поради вас, в уста со Брежњев, а тој, кога ќе ме прегрнеше и цмокнеше, не ме испушташе од рака? На погребот ми дојде целиот свет, политичари и Холивуд… – продолжи маршалот со тажниот монолог.

Не постои повеќе ни СК, дозна тој. Само демократија, човекови права, слободен пазар и меѓународни корпорации. Ја нема повеќе студената војна, ни Берлинскиот ѕид. Ни другарите Гадафи, ни Садат, ни Мубарак. И го согледа тој новиот, подобар свет. Нему туѓ, непознат и далечен.

Повторно повика такси. Не го ни погледна возачот, ниту, пак, збор изусти. Само рече:

– Вози ме кај Јованка!

И застана такси возилото кај старата вила. И излезе тој и потропа. И, вресна таа и седнаа, како двајца несреќни старци, да прикажуваат што е тоа што им се случи и ним и нам, во последниве 33 години.

И слушнаа сите светски медиуми за неговото воскресение. И се насобраа репортери пред старата вила на Јованка. И излезе тој, во белата маршалска униформа на балконот, ама, без оној борбен восклик, без Првата пролетерска, без Шестата личка, без Втората далматинска.

И, не ги активира тој резервистите на Удба. Ни Ранковиќ не го оживеа, ни Крцун, ни Кардељ, ни Бакариќ, ни Глигоров.

Она што го виде, го скрши многу повеќе, отколку 19 германски дивизии, го потресе повеќе, отколку Сталин, го растажи повеќе, отколку класниот непријател.

И се собраа на стотици илјади негови следбеници, но, тој изговори само една реченица. И повторно, засекогаш, исчезна.

Неговото пророштво сеуште одекнува:

– Од се што ви оставив пред 33 години, Божја ви мајка предавничка, најдобро се држи Јованка!

>> Српската верзија на блогот проследете ја тука. Објавено: 14.05.2013


Останато од авторот: