Товарено магаре ништо не се сеќава

Зошто македонските адвокати, за разлика од домаќинствата, плаќаат двојно повисока цена од пазарната цена за струја и за парно греење и други летни теми.

Пред некој месец на еден форум челникот на приватен дистрибутер на електрична енергија, образложувајќи го сломот на либерализацијата на пазарот на електрична енергија во Македонија, ја покажа следната математика за цената на струјата во Македонија: светската цена на електрична енергија е некаде 42 евра по мегават (за да добиеш киловат подели со илјада). Цената за мрежа, дистрибуција, споменици, испади, поправки, превработеност – околу 30 евра. За да направи профит некој кој би ти ја доставил електричната енергија – 10 евра. Значи, кога пазарно би се снабдувале со електрична енергија, би требало да плаќаме вкупно околу 82 евра по мегават. Домаќинствата во Македонија плаќаат субвенционирана цена, неколку пати пониска од пазарната. Супер! Значи, државата од наши пари им помага на домаќинствата да прегрмат до први во месецот со „најниските плати на работна сила во Европа”, барем според рекламата на ЦНН. Заебантски, какви што се нашиве врвови на политичката мисла, морале да смислат начин некаде да се надомести оваа дарежлива дупка во буџетот и така на времето, додека сѐ уште ЕСМ беше во државни раце, вовеле правило сите што не се домаќинства (или привилегирани потрошувачи од кој било сој) ќе плаќаат супервисоки сметки за струја и, веројатно, така се доаѓало до омилената социјална равенка: ем ние, суперхерои, субвенционираме на народниве маси осудени на децениска сиромаштија, ем овие што не се домаќинства ќе ни ја полнат касата по принципот товарено магаре ништо не се сеќава. Па така, ако ние (натоварените), зебри без пруги со големи уши, си ја видиме сметката за струја, ќе видиме дека цената што ја плаќаме е 141 ЕВРО по мегават на час електрична енергија, значи 100 ЕВРА повеќе од светската цена на електрична енергија и едно 60 ЕВРА повеќе од она што би требало да плаќаме ако сме во либерален пазар на електрична енергија.

Што е тука лошо? – би ме прашал некој лик што не знае дали после избориве ќе оди во Полинезија или во полиција. Што има лошо, нели е Македонија по устав социјална држава? И што има лошо тие што имаат да префрлаат во буџетот за тие што немаат, па и ние сме на, крајот на краиштата домаќинства, и дома трошиме субвенционирана струја? Па, лошото е што веќе дванаесет години ЕСМ не е државна компанија и лошото е што македонските адвокати веќе дванаесет години му плаќаат 141 ЕВРО по мегават на приватен дистрибутер на електрична енергија, кој само плаче дека не може да си ја наплати струјата. И не само адвокатите, сите правни лица плаќаат енормни сметки само затоа што се правни лица во Република Македонија, земјата со најниски даноци во Европа и рај за странски инвеститори. Се разбира, тоа не е сѐ: сте ја виделе ли сметката за топлинска енергија, популарно наречено „парно греење”? Уште во темелните акти на приватното друштво за дистрибуција на топлинска енергија стои дека соодносот на трите категории потрошувачи (домаќинства : школски установи : останати) ќе биде 1 спрема 1,50 спрема 1,75. Што значи, дека ако домаќинство плати 100 евра месечно за затоплување на стан од 65 квадрати од 5.00 до 22.00 часот, тогаш адвокатот за загревање на истиот стан од 8.00 до 17.00 часот (чест на колегите кои работат од сабајле до вечер, се извинувам) ќе плати 175 ЕВРА. Се прашувам зошто на приватен дистрибутер на топлинска енергија адвокатите (нема врска и нотарите, извршителите, книговодителите) треба да му плаќаат речиси дупло поскапи сметки за топлинска енергија отколку домаќинствата?

Може, ете, да се праша и Адвокатската комора и, ете, да чукне по масата на партнерите на општествениот дијалог, до кои има допир: стварно, за бога, зошто ние македонските адвокати да им го полниме џебот на БЕГ и на ЕВН? Та нели, според официјалните податоци на Комората, 80% адвокати немаат математика да се занимаваат со својата дејност, а 90% немаат регуларни услови за работа? Што значи, дека воопшто не сме сјајни и не сме богатиот крем на ова општество. Па, ако е така, зошто да преплаќаме, браќа и сестри по еднакви оружја во судница? Добро, доста од нас се затскриени зад поимите „домаќинства” и така и си ја организирале работата: име и презиме, компјутерот скриен во тоалет, а принтерот зад завеса може да си принта слободно. Масата за работа може и да е маса за ручавање. Арно ама, поголемиот дел оди и доаѓа на работа, па има по некој приправник, повеќе од еден компјутер, топови хартија и по некој предмет ќе ѕирнат од зад вас. Што значи, дека баткото кога доаѓа да чита струја или парно ќе ве примети и веднаш ќе ве преквалификува во „останати”. Товарени зебри без пруги, со големи уши.

Објавено: 07.08.2015

Останато од авторот: