Трибунални симулации

Зарем е можно таква институција што толку се проучува и идеализира да работи по логика на симулација? Секако, тоа е и неговата функција, во суштина – симулација

Mојот професор по историја во средното правно училиште, кога дојде на ред да се изучува лекцијата за историјата на една соседна земја  ни рече: „Ученици, земете ги учебниците во раце и гледајте што ќе ви раскажам за ова.“ Го зема професорот учебникот, ги искина листовите со лекциите за земјата и ги фрли во канта. За да го дополни театролошкиот ефект со драматуршки контекст и поента рече: „Ако тие не сакаат да учат за нас, зошто ние да учиме за нив, за овој час толку“.

Потоа образложи дека во државноправните истории на некои балкански земји не постојат факти туку постојат интепретации на факти и дека нивното создавање е резултат на аргументот на силата кој денес им се враќал како политички бумеранг на помладите земји од нив, посебно на оние чијашто државотворност беше разумен исход на биполаритетот на светот и Студената војна. Поентата на професорот со што и ја финишираше тезата беше дека кога како идни правници ќе го проучуваме меѓународното право посебно во делот на создавaњето држави, како приоритет ќе треба секогаш да го имаме во предвид аргументот на политичката сила, влијание и лобирање. Војната е продолжување на политиката со други средства, а историјата и „правдата“ остануваат на победниците, на губитниците – се друго.

Неколку години подоцна на Правниот факултет Јустинијан Први полагав Меѓународно јавно право. Ми падна прашање и за Хашкиот трибунал. Брилирав, студентски кажано. „Остави ги податоците кај мене во фах“, рече професорот, „те праќам да не претствуваш пред симулирано судење на Хашки Трибунал во Црна Гора.“ Ја сфатив многу сериозно обврската. Со месеци макотрпно учев, читање на конвенции, дефиниции, теории, хуманитарно право, судска пракса, филозофија на право, правна логика, меѓународно казнено право. Знаеш, си велиш, учиш – правда е деликтна метерија. Така не учат. Студентски идеализираш.

Отидовме со воз. Јас и уште двајца колеги. Стигнавме во Црна Гора. Излегуваме од воз – зима, ладно, ветрови шибаат, а нема никој да не собере ко домаќин. Ај ќе чекаме. Измрзнавме до коска. Сигурно нема да се успијат ко во некој виц, помисливме. Но, успеаја и практично да го реализираат комичниот стереотип – се успале и дојдоа после два саати. Од Скопје, пред да тргнеме, ни рекоа дека на судењето сме требале да носиме само бела кошула без џемпер и црни панталони. Задолжителен дрес код било. Здолжителен – како не. Ко конобaри влеговме во подгоричкиот правен факултет, беше сабота и гледаме – греењето исклучено! Внатре – камен. Шабан Шаулиќ да влезе перика пак ќе стави на глава, ама што бара па Шабан тука.

Агонијата на студот продолжи. Тоа ме потсети на оние последни легендарни состаноци на Претседателството на СФРЈ кога намерно заради психолошки притисок делегатите биле држени во студ за да им се скрши отпорот за најавениот распад. Генерал Кутузов тактика. Се разбира, немаше врска со никаква тактика едноставно Црногорците не грееле во сабота. Пет сати се тресевме во белите кошули, измрзнати. Вистинска хашка разврска на Студената војна. Судиите по капути, џемпери, шалови, капи. Судење ко судење, секој си кажа што мисли. Вербална маратонска презентација на факти и аргументи. И тогаш се обвистини максимата на Фридрих Ниче – дека не постојат факти туку интерпретации, а некогаш парафразирана од професорот по историја. Според зададениот случај очигледно беше дека само една земја ќе го „јаде“. Секако,  вината на злосторството треба да е индивидуализирана, но во политичкиот, општествениот и емотивниот речник на интерпретација – таа е колективна, од едноставна причина – така се доживува, јунговски. Така и испадна. Сите студенти сфативме, а бевме од сите бивши југословенски републики – дека судиите индиректно ни посочија: Џабе сте окапале очи од читање, Хашкиот трибунал е политичка симулација и нормативна забава за политичка реинтрпетација на факти, одете напијте се по некоја вотка на топло во локаливе на Ѓукановиќ со фалц косовска роба.

Практично, тоа беше наједноставната лекција по меѓународно право – аргументот на политичката сила. Целата правна норматива околу тој аргумент е само нежна процедурална шминка за подлога на интерпретацијата. Се вративме во Скопје измрзнати ко држави жртви на Студената војна и со ново искуство дека Хашкиот трибунал е само теоретска контузија и симулација на правото, барем по она што ни посочија видните професори и судии. Зарем е можно таква институција што толку се проучува и идеализира да работи по логика на симулација? Секако, тоа е и неговата функција, во суштина – симулација. Односно, без да се апологира никој, следот на работите е таков, а тој најдобро укажува на хашката симулација: Најпрво поставија еднакви услови и за Србија и за Хрватска. Се разбира, условот за Хрватска беше фингиран заради уметничко-правен „дојам“ – доколку го испорача генералот Готовина ќе и бидат отворени евроатлантските врати и прозори. Затоа и Готовина беше лежерно пратен во Шпанија со евидентирана „готoвина“, пасош и име веќе јавно познат на „меѓународната заедница“ бидејќи ги користел во повеќе наврати и како припадник на легија на странците, односно сите знаеја каде дремуцка Анте. Кога се створи политички опортун момент, го собраа исончаниот Анте во бела летна кошула (онаква каква што носевме ние само поскапа) од хотел додека делка морски плодови и Хрватска стана проевропски ориентирана земја што максимално исполнува и стандарди и услови и соработка со трибунал. По инерција на „проевропската логика“ и притисок и Србија „мораше“ да го направи истотото – ги предаде нејзините маскирани генерали во Хаг, скриени од службите во разни селски вилаети, еден со маска на метафизички шаман, друг со маска рурален шаман, за разлика од шпанската сиеста на Анте. Разликата е во тоа што тој, како и Рамуш, беше собран за да биде вратен, а овие за да доскапат во затвор. Заради правна естетика на правдата. Не дека не се криви, но не се ништо помалку криви од нив според таа инерција и аналогија на квалитетот на тезите, но е и според квалитетот на докази во што и се крие контекстот на политичкта интерпретација. Симплифицирано и нелогично е да тврдиш – имало злосторства но никој не е крив! Параван за парадоксот и политиката поткрепени со кристално нежни обвиненија и екстензивност на процедурата во воено-фолклорен мит.

Но, Хашкиот трибунал е само место во кое победниците си ја чкрапаат историјата со пресуди – тие што ја создадоа војната, тие и судат. Инаку и самото носење на Љубе во Хаг беше смешно, правнички комично и сатирично инцидентно, по ѓаволите, дури и самиот окезен лик на Љубе беше некомпатибилен со намршетните фаци на оние ладнокрвни убијци. Тоа пак што Јохан е сместен во „антиалбанскиот фолдер“ без да има никој од „другата страна“ e само потврда на реалноста дека Македонија останува вечен заложник на српско-албанските односи, а таму кадешто аргуменот на политичката сила е валиден, не постојат факти – постојат интерпретации и најмалку се вее знамето на правдата…

Објавено: 03.12.2012