Уловен најголемиот балкански нарко бос: Добар ден, јас сум Дарко Шариќ!

Во Белград веќе се мери политичката, употребна вредност на Дарко Шариќ. Поради тоа, идниот премиер, Александар Вучиќ, го освои апсолутното мнозинство на штотуку завршените избори. За сега, Србите му веруваат. Тоа и го докажа. Улови крупна риба, ја донесе и ја стави в тава, да се пржи пред Србите… Ама, вистинската ѕверка е тука негде, околу нас. Се крие и ги чека отчукувањата на судбината…

Во бела кошула, со пресадена коса што прилега на неуредна бавча и со вбризгани силикони, со кои ги напумпал образите на пет атмосфери, најголемиот балкански нарко-бос излезе од авионот, придружуван од агентите на српската, тајна служба. Дарко Шариќ го впери своето исончано лице во полициската камера и низ насмевка рече:

– Добар ден!

Беше 8,40 наутро. Сите белградски телевизии ја прекинаа програмата и започнаа да емитуваат специјални емисии за спектакуларната операција на апсењето на човекот кого што сиот свет го ловеше повеќе од 4 години и во која учествуваа 15 тајни служби, меѓу кои и неизбежната, американска ЦИА.

Така, сончевиот вторник протече под знакот на уште една голема победа на Александар Вучиќ, кој само ден пред тоа, беше прогласен за маршал. Имено, на вонредните, парламентарни избори што беа одржани во неделата, неговата Српска напредна партија, со уште неколку мали, коалициони партнери, освои убедливо мнозинство (над 48 отсто од гласовите), како и она, многу поважното – го стекна апсолутното мнозинство на мандатите во парламентот. Со ваквото изборно цунами, Аца Вучиќ го постигна најубедливиот успех во историјата на модерниот, српски парламентаризам. Поголем дури и од првата победа на првите, повеќепартиски избори, кога на тронот на Србија седна покојниот Слоба Милошевиќ, во почетокот на деведесеттите години на сега веќе изминатиот и толку далечен 20 век.

Вучиќ го најави апсењето на Шариќ во очи изборите, а бидејќи новиот српски маршал е сериозен тип – дури и кога ќе се насмее, мора да изеде гурманска плескавица, за да ги надомести потрошените калории – новинарите, по кулоарите, ја дешифрираа пораката дека Шариќ, всушност, веќе е лоциран, можеби и уапсен, та на моменти се обложувавме дали Шариќ ќе биде снимен со лисици во очи изборниот молк или, сепак, ќе се чека на пребројувањето на гласовите. Меѓутоа, маршалот не ги злоупотреби изборите. Почека со извлекувањето на главниот адут откако Србите го прогласија за вожд, познат по апостолската поза, со споени прсти од двете дланки и со изглед на монах-приправник од Хиландар.

По сместувањето на Шариќ в кафез, на отворена седница на владата, Вучиќ ги изнесе деталите околу лоцирањето на Шариќ: тајно го следеле и  го снимале, ги претресувале објектите, го прислушкувале и, конечно, Шариќ им порачал дека ќе се предаде на 24 февруари. Во рамките на БИА, (Српската тајна служба), уште на 13 јуни 2013, е формирана посебна работна група, која што применувала најсложени методи и средства за откривање и на крајот и апсење на најбараниот криминалец на западниот Балкан.

Припадниците на кланот и на семејството на баронот Шариќ биле тајно следени во земјата и во странство цели 270 дена. Сите тие 270 дена бил вршен непрекинат видео надзор на објектите, користени биле ГПС средства за лоцирање на 20 објекти. Пресретнувани биле телефонски разговори, имејли и други комуникации на 15 лица. 20 тајни агенти на Српската служба биле ангажирани на различни светски локации, а всушност, биле снимани териториите на четири латиноамерикански земји, каде што се криел нарко-босот.

Беше тоа интересна, отворена седница на владата: прв говореше премиерот на заминување, Ивица Дачиќ, чии социјалисти на изборите го освоија второто место. Но, таблоидите во Србија, веќе подолго време, го сомничат Дачиќ за врски со Шариќ, повикувајќи се на изјавите на бившиот шеф на неговиот кабинет, Бранко Лазаревиќ, кој е сега министер-советник во амбасадата на Србија во Атина и кој тврди дека Дачиќ го запознал со Мишо Радуловиќ. Тој Радуловиќ бил претседател на Тенискиот сојуз на Србија, но, истовремено и трговец со јужно овошје и сопственик на неколку прекуокеански бродови, со кои, освен банани, веројатно е шверцуван и кокаин.

Бананата, како отровно овошје, симболично му висеше околу вратот на Дачиќ и сите се прашуваа дали вештиот и намачкан премиер и од таа афера или излупена банана ќе излезе неистуткан и насмеан.

Дури и во текот на предизборната кампања, доаѓањето на Лазаревиќ од Атина беше неколкупати одложувано. Потоа, неколку недели пред гласањето, тој, сепак, дојде од Атина да сведочи, ама како бомбастично дојде, така бомбастично и исчезна.

Што ли сега ќе му „пее“ исончаниот нарко-бос на специјалниот обвинител? Ќе уништи ли многу политички, полициски и бизнис кариери? После неговото сведочење, ќе бидат ли изборите развигорче во однос на орканот што ќе следи?  

Дачиќ, значи, блед, како крпа, по кусото излагање на седницата на владата на Србија, му го отстапи подиумот на Александар Вучиќ, кој што управуваше со вкупната операција на потерата по Шариќ, со оглед на тоа  што Аца не само што е најсилен политичар, туку е и координатор на сите тајни служби на Србија, организации со мистично име – Совет за национална безбедност. За разлика од Ивица, Вучиќ изгледаше расположен. Но, за судбината на Дарко Шариќ малку кој овде се секира, затоа што таа е многу поневажна отколку контекстот: како Дарко, низ тарантиновско-шојиќевската драматургија, е креиран како мутант од Баќко, Јанаќко и Винсент Вег, во кого е вметнато и по нешто од карактерните ликови кои ги толкува Мима Караџиќ, колку само да се зајакне мажественоста – малку влакнетост, малку црногорски акцент – при што е создадено митското, нарко-суштество, кое господареше со Србија?

Во тоа дека момчето од Пљевља, кое што негде во прашумите на Јужна Америка си пресадувало коса, со фаца на најглупавиот во одделението, бил водечки, европски, кокаински бос, кој управувал со милијарди евра, веруваат само децата и Србите.

Кој го намести Нарко Дарко во банана Србија како кукла во регионалните, политичко-разузнавачко-мафијашки бизниси, па потоа го остави со лице на суперхик од младите денови, за да го менува кај пластичен хирург во скриена, јужноамериканска клиника, во која стажираат наследниците на доктор Менгеле – е вистинското прашање што го очекува јавноста на Србија.

Во Пљевља, каде што Дарко Шариќ е роден, има статус на црногорска верзија на Пабло Ескобар, што и во Медељин и во земјата на брдата и приморјето значи дека тој е криминалец со душа, за сиот свет опак, ама не и за паланката во црногорската пустелија, во која што пројавува општествена одговорност и желба неговиот интергалактички нарко-клан да се интегрира во локалната заедница. Туку, ајде што Пљевља живее од неговите пари, па во бројните анкети анонимните мештанци признаваат дека радо би го криеле по нивните тавани, ама, според истрагата на српската полиција, тој мистериозен тип испрал силни милијарди евра,  вложувајќи  пари од трговијата со наркотици во Србија.

Да сум циник, како што не сум, би рекол дека во периодот од 2006 до 2009 година, се до акцијата „Балкански воин“, Шариќ бил најголемиот инвеститор во српскато стопанство, претседател на извршниот одбор на кокаинската банка, од која дури 600 фирми, главно килави, преку два инвестициони фонда во Амстердам, земале кредити, како што ранет човек очајно моли за морфиум.

Приврзаниците на тезата дека Шариќ е само марионета, дизајниран во човечиште, позади кого треба да се скријат многу покрупни ѕверки, како вистински водач го посочуваат Которанецот Родољуб Радуловиќ, кој како секој Црногорец, после осумнаесеттата година кинисал за Белград, каде што стекнал два прекари: најпрвин бил унапреден во Миша Банана, зашто, наводно, увезувал јужно овошје од Латинска Америка во Србија. И, пак, да сум расипан, а не сум – би рекол дека главна задача му била да ги нахрани горилата од српското подземје, а потоа, станувајќи сопственик на неколку прекуокеански бродови, добил уште една ѕвездичка на еполетата. Банана станал – Миша Америка, претставувајќи се како чесен бизнисмен и финансиски консултант, кој играл тенис и некое време ја шетал пеачката и половина, Ана Николиќ, финансирајќи и ЦД, на кое се наоѓа и нејзиниот турбо-хит, посветен нему – „Мишо мој!“

Веќе пишував дека приврзаниците на тезата дека Миша е мозокот, а Дарко телото, покажуваат дека Шариќ, можеби бил менаџер, според проектот на Миша Америка. Или, на некој „трет човек“. Или, пак, на некоја моќна екипа, што сега трепери и го чека Дарковото рецитирање во Специјалниот суд? Затоа што во „поморската битка“ во водите на Уругвај, во спектакуларната операција „Балкански воин“, кога уругвајската полиција, во соработка со српската тајна служба и американската ДЕА, заплени 2.174 килограми кокаин на јахтата „Мауи“, во пристаништето Санта Марија и уапси повеќе членови на Шариќевата екипа, задолжена за шверц на кокаин од Латинска Америка во Западна Европа, српското Обвинителство за организиран криминал не го осомничи веднаш Дарко Шариќ. Се бараше, имено, доказ за неговата улога во менаџментот, логистиката, организацијата, цртањето на шемите…

Останува и натаму енигмата: како ситните криминалци, под водството на Дарко Шариќ, кои што во 2007 година белградската полиција ги уапси со 20 килограми хероин во гаража, за една година се претворија во типови опасни по националната безбедност на САД? Како станаа дел од оската на злото, некаде меѓу Асад и Ахмадинеџад, со тајни банкарски сметки, вредни милијарди евра, заработени во меѓуконтиненталниот транзит на наркотици? Во тоа време, се сеќавам, Шариќ стана вистинска белградска фаца, омилен лик во паранормалниот, ноќен живот на Белград, зашто накупи ноќни клубови, неколку сплавови, стана пајташ со пеачките и пеачите, плаќајќи им како да се Ријани или Робини Вилијамси, та, оттогаш тој, шаренолик, пеачки свет никако не може да повлече црта, да се помири со Дарковото заминување во емиграција.

И тогаш завладеа уште една фама: дека видео надзорот од Дарковите сплавови крие занимливи снимки на политичари, бизнисмени и полицајци, кои се налевале на негов трошок, со фуснота дека со нив може да се урнат многу кариери и бракови. Но, ова е само уште еден слој од контроверзата за браќата кои дојдени од никаде, постанаа фактор што може да уништи барем неколку политички кариери.

Во Белград веќе се мери Шариќевата политичка, употребна вредност. Поради тоа, идниот премиер, Александар Вучиќ, го освои апсолутното мнозинство. За сега, Србите апсолутно му веруваат. Тоа и го докажа. Улови крупна риба, ја донесе и ја стави в тава, да се пржи пред Србите. Ама, вистинската ѕверка негде е скриена. Тука, околу нас и ги чека отчукувањата на судбината…

Тика, така, тика, така….

Денеска Дарко Шариќ за првпат се појави во во Специјалниот суд во Белград, облечен во небесно син џемпер и бела кошула која му ја донела сопругата, која патем изгледа како секс-бомба. Хипи Шариќ, покажувајќи „пис брадер“ знак, пред судот наведе дека е наместен и дека од имот нема ништо. Тврди дека во целост е наместен од претходниот режим. Што и да значи тоа…

 >> Српската верзија на блогот проследете ја тука.

Објавено: 24.03.2014