За Ѕвезда, Шеки и Бари: Титула после шест години

Пред неколку дена и се случи важна работа на мојата Црвена Ѕвезда. После непросветениот апсолутизам на Партизан и  шестгодишното владеење на „гробарите“, повторно станавме прваци на Србија. Но, проблем е што врска немав кој игра денес за Ѕвезда, па, се убив од повици до ортаците од спортските рубрики. А и тие се мислеа. Кој ли денес игра за Ѕвезда? Најпрвин, пелтечеа со зборовите, одвај набројувајќи ми двајца, тројца… Најмногу четворица играчи. За да го набројат целиот тим и резервите им беа потребни Гугл, НСА, Сноуден, разузнавачки служби… Затоа, се навратив на две многу важни работи, врзани за Ѕвезда: Драгослав Шекуларац Шеки успешно беше опериран, а, некако истовремено, скромно беше одбележана и 23 годишнината од митското финале во Бари, во 1991, кога Ѕвезда го доби Купот на шампионите. Беше тоа, всушност, последниот голем, југословенски тим.

За многу кратко време се случија три многу важни работи, што се врзани за Црвена Ѕвезда. Првата и далеку најважната, е што еден од  нејзините најголеми играчи во историјата, Драгослав Шекуларац Шеки, имаше успешна операција на срцето. Шеки е, всушност, југословенскиот Пеле, кому маршалот Тито, на тајна седница на Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Југославија, како на тогашен најдобар играч на светот, му забрани од оди од Ѕвезда во Јувентус.

 – Шеки мора да остане во Југославија, да ја забавува работничката класа – извика Тито, а членовите на комитетот и генералите разузнавачи само климнаа со главите.

Кралот на дриблингот, по кого халфовите трчаа и тогаш кога излегуваше на атлетската патека за да пие вода од кофа, не го потпиша најголемиот трансфер на тогашниот Светски фудбал. Шеки забавувачот, кој што со банкноти си ги чистеше чевлите и ги рашетуваше убавиците и се коцкаше по Белград, подоцна исчезна некаде во Колумбија, каде што одамна го беа прогласиле за божество. Еден ден, се појави на главниот плоштад во Богота и ја сопре граѓанската војна…  Имено, тој ден се играше градскиот дерби, а Шеки мразеше насилство.

Другата, еднакво важна работа што се однесуваше на Ѕвезда, беше скромната прослава на 23 годишнината откако црвено–белите го добија Купот на шампионите на митското финале во Бари, по  победата над Олимпик, од Марсеј. Натпреварот се играше во очи распадот на Југославија и се сеќавам како во последен час го одбегнав патот во Италија: размислував да патувам со авион. За среќа не отпатував, затоа што чартерите на ЈАТ летаа кон Бари, а навивачите на Ѕвезда, даска пијани, пееја и скокаа, викајќи:

 – Ќе го урнеме авионот, ќе го урнеме авионот…!

Кутрите пилоти и стјуардеси. Уште се трауматизирани од тие летови. Другиот начин беше, од Црна Гора до италијанското пристаниште Бари, да стигнам со траект, ама и таму Делиите, наместо воздушни, биеја поморски битки. Намеруваа да го потопат траектот и да пливаат до Италија. Морнарите, офицерите и капетаните уште влечат трауми од таа фудбалско–гусарска екипа што пловеше кон небото, кон моштите на Свети Никола, што се чуваат во италијанската црква на градот Бари…

Тој натпревар на Ѕвезда беше последниот крик на Југославија за опстанок и само незнајковците сметаат дека Ѕвездиниот поход беше експанзија на големосрпскиот, фудбалски хегемонизам. Последниот пенал против Олимпик го шутираше Македонецот Дарко Панчев. Шутираше со шпицот, во средината на голот, со сета сила. Само замижа и опали. Одбраната на Ѕвезда ја чуваше славниот коскокршач Илија Најдоски.

Што се случува со овие двајца сега? Слушам дека Дарко секој пат прави шоу кога го повикуваат на телевизија, како стручен консултант. Ама, за Илија, тука, во Белград, ама баш ништо не се слуша…

Всушност, големиот Шеки, роден во Штип, е идејниот креатор на Ѕвездината златна генерација од таа, 1991 година. Тој сакаше да создаде тим од млади и перспективни, но, неафирмирани играчи. Му предложи на Драган Џајиќ да ги купуваат само најдобрите, млади фудбалери од тогашна Југославија, кое Џаја го прифати. Претседател на клубот беше Миша Слијепчевиќ, комунистичи функционер и директор на Стоковните куќи Београд, тогаш најмоќен трговски синџир во СФРЈ. Чичко Миша, всушност, беше социјалистичкиот Мишковиќ, Џаја беше семоќниот менаџер и мозокот на новиот тим, а Шеки беше заебантскиот советник. Само таков коцкар и дриблер можеше да смисли стратегија, а потоа сам да си оди од тренерското место, свесен дека за супермоќниот тим кој што се создава е потребен суровиот, строг и испечен тренер, Љупко Петровиќ.

Србинот кого што го истераа од Осиек, веднаш, како прв фудбалски политички бегалец, со Синиша Михајловиќ, протеран од хрватското Борово село, на новосадска Војводина и ја донесе титулата шампион на Југославија.

Тајниот Ѕвездин план беше скроен, се тргна во реализација: се купуваа Македонците, Панчев и Најдоски, црногорскиот гениј, Дејан Савичевиќ, муслиманскиот голем везир и задната врска, Рефик Шабанаџовиќ, потоа бомбардерот, Синиша Михајловиќ, дете од српско-хрватски брак, кој дојде од Војводина, заедно со Љупко…

И, тогаш, самиот Севишен и подари на Ѕвезда уште двајца играчи кои беа столбови на тимот. Младиот, седумнаесетгодишен Хрват, Роберт Просинечки, кој беше отфрлен од големиот Ќиро Блажевиќ, во загребски Динамо. Роби Просинечки, чија мајка е Србинка, пристигна на пробен тренинг на Маракана. Лично Џаја ми прикажуваше дека не можел да верува што, во тој летен ден, пристигнало на Маракана. Отфрленото момче од Хрватска беше фудбалско чудовиште. Во седумнаесеттата година, веќе беше најдобар играч за врска на светот. Теориите на завери кажуваат дека Ќиро Блажевиќ, всушност, намерно го испратил Роби во Ѕвезда, за потоа тој да дојде по него и да седне на Ѕвездината клупа. Затоа што Ќиро цел живот сонуваше две нешта: да ја тренира Ѕвезда и да биде погребан близу Куќата на цвеќето, сметајќи се себе си за фудбалски Тито.

Е, мој Ќиро, не е доцна за се што си замислил.

Другиот подарок од небото беше тогаш најдобриот центархалф на Европа, Миодраг Белодедиќ, столбниот носач на одбраната на романскиот Стеауа, кој, бегајќи од Секуритате, го преплива Дунав и ја исуши долната облека на Маракана.

Големиот тим беше формиран. Сето останато е историја. Но, заблуда е дека тој Ѕвездин тим беше српски. Тоа беше последниот, голем југословенски тим од отфрлени мешанци, собирани по азилите за оставени играчи. На сите им беа вишок, никому потребни. Ѕвездиниот тим беше метафора на една земја што се распаѓаше и кој само што не крикна:

– Кретени, што правите, бре! Го растурате најдоброто што го имаме!

Но, третата, важна работа со мојата Ѕвезда се случи пред неколку дена. После непросветениот апсолутизам на Партизан и  шестгодишното владеење на „гробарите“, повторно станавме прваци на Србија.

Но, проблем е што оваа последнава, трета работа е најмалку важна, затоа што јас врска немам кој игра денес за Ѕвезда, па, се убив од работа, повикувајќи ги ортаците од спортските рубрики. А и тие се мислеа. Кој ли денес игра за Ѕвезда? Најпрвин, пелтечеа со зборовите, одвај набројувајќи ми двајца, тројца… Најмногу четворица фудбалери. За да го набројат целиот тим, сосе резервите, им беа потребни Гугл, НСА, Сноуден, разузнавачки служби…

Затоа не се радував особено на оваа титула. А не бев ниту на стадионот кога се прославуваше, иако влезот беше „џабалеску“. Всушност, се однесував сосема разумно. Зашто, српскиот фудбал е најдобар кога не се гледа. Разбирливо, единствено ми беше мило што, додека ги набљудував моите ортаци, „гробарите“, што е уметничко име за навивачите на Партизан, постојано шкртаа со забите. И постојано се вадеа на тоа дека Аца Вучиќ е заколнат Ѕвездаш, па оваа титула има политичка природа. Како па да не!

А за волја на вистината, не се знае кој игра побезвезен фудбал. Дали ние „циганите“, што е уметничко име за ѕвездашите, дали онемоќените „гробари“.

И, што ќе се случи сега? Ќе добиеме во квалификациите за Лигата на шампионите, веројатно, некои мокри и промрзнати рибари од Фарските острови, кои боледуваат од скорбут. Или, можеби, келнери од Сан Марино. Можно е и да немаме среќа, па во првото коло да ни упаднат улични чистачи од Азербејџан или од Ерменија, кои лажно се претставуваат како фудбалери.

Да. И тие ќе не растурат.

Така блеска денешна Ѕвезда. И така е сегде во регионот. Беда една од фудбал. Затоа, дајте да се вратам на Шеки и на Бари, за да научат овие деца што беше некогаш фудбалот, во времето на диктатурата. И што стана подоцна, кога не осветли и не огреа демократијата. Малите Срби, малите Македонци, малите Хрвати, малите Словенци, малите Муслимани, малите Црногорци (да не заборавив некого?) – сета таа наша дечурлана, на која сега очите и светкаат како дисплеите на мобилните телефони и чии палци, во еволутивниот хај-тек процес, непропорционално им се зголемиле во однос на дланката, поради куцкање на затапени и неписмени ес-ем-ес пораки, допрва, во следните генерации, ќе постанат мали, слатки чудовишта – ќе мора да ги сочуваат сеќавањата на годините кога Првата југословенска лига беше еднаква на денешната Премиер лига  или на шпанската Примера. Никој не смее да ги клевети и да ги лаже: некогаш бевме фудбалска велесила, денес сме велепропаст. И, крај, нема повеќе голема игра.

 >> Српската верзија на блогот проследете ја тука. Објавено: 6.06.2014