Закон за прекршочна дисциплина

Министерството за финансии води на топ листата на лошо напишани закони. Го „смачкаа“ Министерството за информатичко општество и администрација, му водат дваесет: нула на Министерството за економија, а на Министерството за правда одамна му бегаат шест круга. Која идеја и да им ја дадеш, макар била и супер идеја да започнеш со решавање на загрижувачки големата внатрешна неликвидност во земјата, тие со очајна номотехника и поглед на правото кој не е подлабок од Вардар кај луцкасто конструираната елегантна галија со која еден ден сигурно ќе се плови до Поликастро, идејата ја растураат во пампарче како Владимир Кличко ќеса бомбони.

Не ви треба многу да се сетите на законот со кој се воведе задолжницата. Која задолжница? – ќе ве прашаат тупо од обезбедувањето во приземјето на Министерството за финансии. И не треба да одиш погоре, оти одговорот горе-долу ќе биде исто туп. Од воведувањето на законот (законот е едноставно направен заради одложување на моментот кога државата треба да се раздолжи кон своите доверители) издадени се не повеќе од дваесет задолжници за сума од не повеќе од сто илјади евра (нека ми простат ако е сто и две илјади). Тотално фијаско! Притискаа кутрите дејци од стопанските комори, не дека беше време да се притиска, туку едноставно компаниите добиваа пари на капалче, со пинцета и мораа кутрите да зинат и да си ја кажат маката. И, ете, Владата удоволи, ајде сите да се раздолжат секој-секому по сите основи.

Но, основна грешка: Законот за финансиска дисциплина пак го пишува Министерството за финансии. Супер идеја – очајна реализација! Нешто како Манчестер сити што има идеологија во Премиер лигата.

Прво, законот (кој деновиве влезе во собраниска процедура) го пишувале без почитување на Законот за Облигационите односи и го повредиле темелното начело на истиот: правото на слободно уредување на односите помеѓу странките. Да се осмелиш да дезавуираш основно начело на темелен закон, тоа е како да се осмелиш да му се јавиш на Влатко Стефановски и да го викнеш да ти малтерисува по дома. Исто е!

Значи, нема шанси да го прекршиш основното начело и да уредиш дека економските оператори (боже колку несреќен термин од сферата на јавни набавки) не смеат да се договорат да си платат подолго од 60 дена, во исклучителни случаи до 120 дена. Смеат, и тоа како. Ако сакаат ќе уредат дека 190 дена е плаќањето. Не беше проблемот дека деловните партнери утврдувале долги рокови, апсолутно не е тоа болката во прометот. Проблемот е дека должниците драматично ги пробиваа договорените рокови за плаќање, па било тоа да се рокови од осум дена или деветсто осум дена. Второ, дефинициите за јавен сектор и приватен сектор ќе влезат сигурно во антологијата на македонската и светската номотехника. Па дефиницијата за фактура, казнена камата – спасувај се кој може!

Најважно: со овој закон Управната за јавни приходи дефинитивно станува најважниот судија во државата. Значи во нашиот систем има основен суд, апелационен суд, врховен суд и Управа за јавни приходи. Што друго да се заклучи ако во Предлог-законот има одредба дека нотарите, извршителите и судовите (!!??) треба да ја известуваат УЈП дека некоја компанија тужи друга компанија. Судовите да ја известат УЈП. Ало?

И сега што? Па се разбира УЈП доаѓа во контрола и оценува (пресудува!!??) дали е почитуван законот. Што значи дека УЈП ќе ја прејудицира судската постапка, односно должникот нема да може да докажува дека на пример не требало да плати бидејќи стоката (услугата) не е испорачана или не е испорачана со соодветен квалитет, или да предјави било каков друг приговор.

Клучно: што, пак да се тужиме? Па и до сега се тужеа доверителите и должниците, кој им бранеше по три-четири години да се тужат, па должниците ќе ви отидеа во стечај неказнето. Која е консеквенцата во законот да се обесхрабри ваквото однесување? Пазете сега, шлаг на торта: за доверителот 3.000 денари (пеес Евра мајче), а за државата од 1.000 до 15.000 ЕВРА глоба. Е, тука лежел зајакот бе другарчиња. Значи човекот од Министерството што си го пишувал законот нашол начин како да се полни буџетот! За Доверителот 50 Евра, за државата 1.000 Евра.

Чекај, што требаше да штити овој закон? Па требаше да ги заштити компаниите кои како доверители одеа во стечај зашто другарчињата должници им се спрдаа со Поршеа додека им должеа стотици илјади евра. Што добија сега тие доверители? – па педесет Евра. Што не ги напраивте триесет и пет, вака од око?

Ги прашувам претставниците на стопанските комори, на кој андрак се радувавте на текстот на законот? Или се радувавте пред време? Што ќе им кажете на оние што дебело ви ги финансираат коморите?

Пазете, прв сум што „лаам“ со години дека треба да се воведе закон за финансиска дисциплина. Погледнете во текстот подолу за задолжницата и сами ќе се уверите. Не претпоставив дека Законот за финансиска дисциплина ќе има за цел воспоставување на нов систем на облигациони односи, нови хоризонти во прекршочната постапка, нова, врховна улога на УЈП и нов стап по грбот на компаниите. Се извинувам! Бато, немој да ме браниш!

Наместо стап, требаше многу едноставен закон кој ќе предвидеше можност за извршност на исправа во која две страни со слободна волја ќе се договореакога точно доспева долг за плаќање и дека по доспеаниот рок ќе се применува одредбата од член 2 од Законот за финансиска дисциплина. Кој член 2 ќе гласеше:

„Страните договорнички можат писмено да се обврзат дека секое задоцнување со плаќање од страна на должникот ќе биде неспорно и така составената исправа да има сила на извршна исправа.“

Понатаму, во законите кои ја уредуваат извршноста на исправата ќе се додаде и приватна исправа создадена според член 2 од Законот за финансиско работење. И толку другарчиња. Интересот на доверителот е веднаш да му „легне“ на жиро сметката на должникот. Какви глоби, какви контроли, УЈП, Управна инспекција.

Јадна управна инспекција, што ли ја чека со наредниот закон? Боксерска вреќа, шефе. Поправи си го законот дури можеш, уште не е ниту прво читање.

Објавено: 15.11.2013