Заминувањето на Александар Тијаниќ: Балада за последниот српски новинар

Најисправно ќе беше, на последното простување со Тијаниќ, на кое присуствуваше целиот државен врв на Србија, тој, сам, да ја напишеше баладата за себе, како за последен жив српски новинар. Останатите се одамна мртви, иако ги гледам како дишат со полни дробови, собрани околу неговиот ковчег. Тој парадокс ја изразува сета големина на Саша Тијаниќ: знам дека нема да се престори во првата српска Госпа, што е вистинска штета, зашто би бил канонизиран во светица, при што само би се додала уште една црта на неговиот, овојпат, новооткриен, религиозен карактер. Така, никогаш поживиот Саша, го кремираа. Ама, ќе го замолчат ли некогаш? Прекалуван низ опасни игри, суетен, суров, исповреден, талентиран како Буковски, само нешто повеќе отровен и фројдовски намерачен на жени, колумнист, кој со френетичниот ритам на пишувачките ротации водеше до пеколот и назад, кој ја фалеше власта, кога секому му се чинеше дека ја напаѓа и ја напаѓаше, кога сите беа сигурни дека ја брани,  при што, сето тоа и дебело  го наплаќаше, остана таинствен докрај. 

Пред повеќе години, на адресата на „Политика“, ми пристигна дванаесет години стар „сингл малт“ виски, Макалан. На ливчето пишуваше: „Кога имаше м…, имај го и вискиво“ и беше потпишано со А.Т.

Така, не сакајќи, Александар Тијаниќ, ми даде како злато вредна новинарска споменица, со неговиот потпис. Беше задоволен како го опишав неговиот лик и дело во тогашниот белградски магазин „Стандард“. Признавам дека не очекував виски. Поскоро, ќе се обложев дека, зад некој агол, ќе ме заскокне лично тој. И дека ќе ме праша за здравјето јуначко. Зашто, што се однесува до опишувањето на неговиот лик, главно се занимавав со обемот на неговата глава и со она што е внатре во неа, со основната дилема зошто неговиот остар и безобразен ум толку ја возбудува не само Србија, туку и бивша Југославија.

Што се однесува до делата, се посветив на неговата способност за опстанување на самиот врв, без оглед на режимите и владетелите. Тоа, впрочем, го покажа и неговиот крај, кога го најдоа мртов, пред лифтот. Велат дека бил мртов додека паѓал на земја. Имено, така умираат новинарите.

Со тоа докажа и нешто друго: дека може да биде сменет само од Семоќниот. Затоа е штета што го испив оној виски. По одењето на оној свет на шеесетичетиригодишниот директор на државната телевизија и, веројатно, најголемиот новинар на стара Југославија, што може да ми значи пофалбата на било кој од оние кои се претставуваат како новинари и имаат илузија дека се занимаваат со пишување? Затоа, за Тијаниќ ќе почнам со опис на неговиот прв ден на оној свет. Тој приоѓа кон шанкот на кој се навалени старите момци – НИН-овиот колумнист, Богдан Тирнаниќ или прастарите, надворешнополитички известувачи, како Предраг Милојевиќ, кој во триесеттите години од минатиот век правеше интервјуа со Хитлер и Мусолини за „Политика“. Беше тука и Миро Радојчиќ, уште еден Титан, кој играше шах со Че Гевара во Њујорк, интервјуирајќи го за последен пат, пред Че да отпатува во бескрајниот свет на апсолутен, левичарски херој… Го чекаа Тијаниќ горе долго време, за да го чујат како уште од влезната врата небеска им продава фори од сопствениот закоп. Секако, се подразбира дека Александар Саша Тијаниќ влезната врата на Свети Петар ја разбил со нога. Никој одозгора и не очекувал срцепарачко простување на Александар Тијаниќ со овој беден и ништовен свет. Особено незгодно би било да се каже дека Саша умрел од срце. Боже златен, нема, секако, тоа да го рече Нада Мацура, инаку многу пристојна жена, портпаролка на Брза помош. Ама, толку е досадна секое утро, што Саша, се обложувам, повторно би умрел. Имено, општо е познато дека покојникот, Саша Тијаниќ, споменатиот орган со комори и преткомори, всушност, никогаш и не го поседувал. Иако, јас тврдам дека најголемиот српски новинар беше душа од човек.

Затоа, најисправно ќе беше, на последното простување со Тијаниќ, на кое присуствуваше целиот државен врв на Србија, тој, сам, да ја напишеше баладата за себе, како за последен жив српски новинар. Останатите се одамна мртви, иако ги гледам како дишат со полни дробови, собрани околу неговиот ковчег. Тој парадокс ја изразува сета големина на Саша Тијаниќ: знам дека нема да се престори во првата српска Госпа, што е вистинска штета, зашто би бил канонизиран во светица, при што само би се додала уште една црта на неговиот, овојпат, новооткриен, религиозен карактер.

Така, никогаш поживиот Саша, го кремираа. Ама, ќе го замолчат ли некогаш? Можеби, да не заминеше прерано, на самиот почеток на својот живот, Богдан Тирнаниќ Тирке ќе беше вистинскиот човек кој ќе можеше достојно да го испрати. Но, во тој случај, на гробиштата ќе мораше да биде инсталиран и видео-бим, за да го титлуваат Тирке. Имено, видео-бим имаше, ама го немаше Тирке, кој додека беше жив, зборуваше на таков необичен белградски сленг, та дури и најродените не го разбираа.

Всушност, како новинар, Тијаниќ се пораѓаше напоредно со Тирке и тие двајца, кои што го променија југословенското новинарство, иако беа толку различни, имаа и една заедничка црта. Не носеа диктафон. Не сакаа да се заморуваат и да пишуваат вести, да прават интервјуа или да донесуваат ексклузиви. Сепак, имаше и разлики: Тирке беше хедонистички насочено момче од времето на сентименталниот Белград, па укапира дека е далеку подобро тој сам да постане ексклузива. Покрај тоа, Тирке имаше и семејно, благородничко педигре, како внук на Александар Тирнаниќ – за малите деца, тоа е Тирке од филмот „Монтевидео, Бог те видео!“. Или, да поедноставам, за генерацијата што верува дека Екрем Јевриќ ја напишал „Мостот на Дрина“ и чие лице се формира како дисплеј на самсунг галаксија 4: чичко на новинарот Тирке е оној малиот Тирке, кого го игра Милош Биковиќ. Од друга страна, Тијаниќ во тој новинарски тандем беше аутсајдер, син на џандар од Подујево, без турбо-полнач за искачување во белградските, херметички затворени, општествени елити, што Богдан Тирнаниќ го имаше стекнато со самиот чин на раѓање.

Но, двајцата почнаа да пишуваат така што, од небрежност, предизвикаа револуција. Одамна, кога јуришаа угледните, комитетски новинари, мртовечки сериозни и загледани во самоуправната вечност, се појавија нови типови – едниот од Дорќол и другиот, со гени на пандур од Косово, кои со пишувањето за Шекуларац, за шпагети вестерните, за вискито, чучавците и НБА лигата, ја поставија основата на новиот, југословенски журнализам. Преведено на српски, тоа беше следното: дури и да не беше точна приказната, дотолку подобро за неа. Кога Тијаниќ пишуваше за бицепсите на Карл Мелоун, шпионите се сомневаа дека тој Карл е некој западен агент, братучед од вујната на Терминатор, кој талка по Србија и го урива уставниот поредок. За НБА се веруваше дека се работи за американски борбен авион од кој што скокнал Мелоун, пред да биде турнат од Џон Стоктон. Двајцата, всушност, го понудија новинарството како уметност, во која од ништо се прави приказна. Тоа беше она восхитувачкото, особено овде, каде што таквата дарба не беше осамена, во култура пребогата со кафеански уметници за држење банка, во која еднаква вредност имаа Меклахејн и два деци бело.

Доцна се досетија цензорите дека, пишувајќи за Шиљо или за Џон Вејн, мајсторите пишуваа за нас, затоа што армијата од дечурлија сакаше да стане или Тирке, ако беа сензибилни, или Тијаниќ, ако сакаа да бидат за глава повисоки од останатите, ама не заради вродената висина. Со необичните пресврти во реченицата и воведувањето на сленгот, тие го разбуцаа и се подбиваа со комунистичкиот, апологетски стил, што задолжително подразбираше дека си сериозен само ако си досаден како секретарот на партиската ќелија од Уб.

Тијаниќ, сепак, сфати, дека не му припаѓа на белградскиот дом на лордовите, та лириката и цинизмот на бифето на прочуениот театар Атеље 212 му ги препушти на Тирке, затоа што знаеше дека ако се вмеша во таа екипа на легендарни писатели и глумци, како  Михиз или Зоран Радмиловиќ, ќе прилега на дрвосечач, кој со секира упаднал на отворање изложба на апстрактна уметност. Без потврда дека е расен, ама, со доказ дека потекнува од бедна, џандарска фамилија, па уште и од Косово, Тијаниќ стана идеален примерок за напредување во партиската хиерархија. Ја пушти косата, стана хипик, дури и се разубави, па во Халата на спортовите, како спикер, го најавуваше излегувањето на играчите на Партизан на терен: од Киќановиќ, до Далипагиќ. Во тој временски јаз, Тијаниќ носеше виетнамка и како долгокос, новобелградски активист, како што прикажува легендата,  дури бил замешан во првото доаѓање на „Бијело дугме“ во Белград. Можам да го замислам тој фул-контакт на создавачот на овчарскиот рок, Горан Бреговиќ, со патријархот на револверското новинарство, кој што инаугурираше неодолива смеса од ерудиција, мудрословие и крволочност како кај репортерите на најлошите, трачарски рубрики. Не сум сигурен кој од нив двајца, Бреговиќ или Тијаниќ, смисли една антологиска реченица, ама, сеедно е, зашто таа го отсликува карактерот на обата арлекини, кои баеја со своите зборови, со тоа што Бреговиќ секогаш го мрзеше да галами, па го ангажираше Бебек, Тифа или Ален. Тијаниќ, пак, пееше како Павароти кога ‘рчи. Патем, споменатата изрека гласи:

– Препишувам од класиците. Значи, од самиот себе!

До стекнувањето на таквиот култен статус, Тијаниќ заврши неколку ситници: во белградскиот неделник НИН, на самиот почеток го презираа, но, тој успеа да се наметне со текстови за спортот, главно за баскетот. А, всушност, кадровиците на црвените, чија доктрина на опстанување се темелеше на старата поговорка на другарот Џугашвили, дека се е во кадрите, го воочија талентот на Тијаниќ. Сфаќаа дека за трубулентните времиња што надоаѓаа како плима, потребен им е брилијантен ум, кој што, освен што произведува брилијантни реченици, умее и да нокаутира. Доколку би го споредувал младиот Тијаниќ со некого, тој би бил мутант од Мохамед Али и Џо Фрејзер.

Тоа беше брак без предбрачен договор и без ронка љубов. Затоа бескрајно го ценам Тијаниќ. Тој не им  се препушти на кафеаните и не  тагуваше над несреќната судбина на несфатениот гениј, не се препушти на алкохолот и кришум не слушаше радио Луксембург, претворајќи се во лигав дисидент кој што го арчи она што му е од Господ дадено, туку, облече бел костум и, како Јосип Броз, од речиси два метра, вшета во кабинетот на секретарот на партиската организација на куќата на „Политика“, во тоа време најголема во општината Стари Град. Со тоа, хипикот Тијаниќ се согласи на улогата на доктор Фауст, но, подоцнежните настани ќе покажат дека младиот, надарен новинар, крај конференциската маса, што управуваше со комунистичката ќелија на најголемата Титова медиумска империја во земјата, не само дека ќе го раскине бракот со ѓаволот, туку и дека ќе го преземе неговиот имот и работата, а наивното ѓаволче ќе го испрати на бирото за вработување.

Затоа неговата кариера стана толку молскавична, толку изненадувачка и таинствена: својата новостекната моќ, тој ја прошири надвор од границите на Србија и, всушност, стана колумнист кој што го креираше јавното мислење во бивша Југославија. Тијаниќ стана најдобар интелектуален извозен производ на Србија во Хрватска и во околните републики, наметнувајќи нови стандарди во журнализмот. Беше новинарски суперстар веќе на 39 години. Го претвори новинарството во курвање, ама, тоа курвање беше на толку високо ниво, што се претвораше во своја спротивност, та одбраната на власта, всушност, се чинеше како остра критика, додека критизерството, во Тијаниќевата обработка, се претвораше во совршена одбрана на постојниот поредок.

Само тој се осмелуваше на таков начин да ги исмејува највисоките државни функционери, кои што, сместени во првите редови, ги покажуваа белите чорапи на прекрстените нозе, но, се додека не дојде до фазата селската мода на членовите на Политбирото да ја идентификува како една од причините за распаѓањето на Југославија, Тијаниќ, сепак, работеше напоредно на два фронта: се калеше и натаму, со пишување за Џемс Бонд, Дражен Петровиќ или НБА лигата, миксирајќи ги субверзивните активности од областа на културата со копањето по чировите на мрачните, заткулисни и комплицирани цекаовски – меѓурепублички односи. На тој начин Тијаниќевото име  израсна во општо место на тогашната политичка феноменологија. Без секакво сомнение, токму Тијаниќ стана првиот и, воедно, највештиот политичар, кој што, како баба Ванѓа, ги предвиде темелните проблеми на преодната фаза на Југославија, со зовриената јавност и уште полошите политичари. Неговата машина за пишување се претвори во институција од пошироко, културно значење. И, така и остана, се до денот скорешен.

Ќе кажам дека од секогаш го сметав за ноторна глупост тврдењето дека Саша Тијаниќ и се додворувал на секоја нова власт. Работите стоеја поинаку: секоја нова власт не само што му се додворуваше на Тијаниќ, туку и се плашеше од него, та тој, спомнувајќи го повеќепати Сулејман Величествениот во последните полемики, всушност, несвесно порачуваше кој е вистинскиот клучар на српскиот политички харем. Колку за наивните, Саша беше Радашин, јунакот на серијата „Селото гори, а бабата се чешла“. Никој пред него не успеа во она, кое тој го постигна: беше со Мира и Слобо, па беше против нив. Беше со Зоран Ѓинѓиќ, па беше против него. Беше со Воислав Коштуница и никогаш не беше против него. Беше со Тадиќ, па беше против него. Зарем Тома Николиќ, сегашниот претседател на Србија, јавно не ветуваше  дека ќе го тргне веќе првата ноќ, штом ќе дојде на власт, на што Тијаниќ, со неверојатна леснотија на постоењето и опстојувањето, му препорача на претседателот Томица, кога ќе оди да спие, да си го понесе со себе и плишаното мече.

И Тијаниќ и сите тие знаеја дека тој ќе трае само колку што тој ќе сака. Никој од владетелите, впрочем, не беше луд да го навлече врз себе крволочниот медиумски и маркетиншки инокосен штаб, за глава повисок од бандера за осветлување, кој што се гегаше како истрижен горила на маринец, со налепени ХХХL паунови пердуви. Новинар, директор или советник, за секого спрема потребата, секогаш беше свесен за својата моќ и интелигенција, што за миг можеше да ја вклучи на копчето, на кое што беше напишано неговото прво, антихируршко правило – првин ќе го ампутираш органот, па потоа ќе го пратиш човекот кај дијагностичар.

Но, пред да стане, речиси, неформален шеф на предизборните штабови на сите политички лидери кои ги породила Србија, главно, со царски рез и додека сите знаеја дека работи истовремено за сите, со што, конечно, можеше да го подигне шаторот како медиумски султан на Србија, Тијаниќ, сепак, мораше да напише неколку шлепери текстови и да ги создаде најголемите телевизии во регионот. Да е поинакво ова општество и да го вреднува пишувањето, па тој и неколку крупни, новинарски примероци да примаа месечно по 10.000 евра, живеејќи во стаклен ѕвонец, дуплекс од двестотини квадрати во центарот на Белград и да не мораа да губат драгоцени, животни секунди со полит – менторите, главно, неколку светлосни години поглупави од Тијаниќ, тогаш медиумската, а богами и политичката историја на Југославија ќе изгледаа поинаку.

Прекалуван низ опасни игри, суетен, суров, исповреден, талентиран, како Буковски, само нешто повеќе отровен и фројдовски намерачен на жени, колумнист, кој со френетичниот ритам на пишувачките ротации водеше до пеколот и назад, кој ја фалеше власта, кога секому му се чинеше дека ја напаѓа и ја напаѓаше, кога сите беа сигурни дека ја брани, при што, сето тоа и дебело го наплаќаше, остана таинствен докрај.

Затоа, Тијаниќ и сите кои владееја, добро знаеја дека тој ќе трае само толку, колку што сам ќе сака. Хм… Мислам дека тоа ќе биде засекогаш.

 >> Српската верзија на блогот проследете ја тука. Објавено: 6.11.2013